Мерил Стрип е наша божица

13.01.2017 02:52
Мерил Стрип е наша божица

На Фејсбук осамна група „Мерил Стрип е наша божица“. Тоа е мислењето кое го делат и многумина надвор од Фејсбук. Нејзиниот говор на доделувањето на Златните глобуси, каде прими награда за животно дело, беше очекувано брилијантен. Велам очекувано, затоа што веќе е позната по впечатливите и луцидни обраќања, дури и на иритантни манифестации на самозадоволно честитање.

Посебен квалитет на нејзиниот говор беше во тоа што го повика Доналд Трамп на одговорност не споменувајќи го неговото име. Исправно ја изолираше најниската точка на неговата кампања, то ест јавното потсмевање на новинар на Њујорк Тајмс кој има потешкотии во говорот. Забелешките на Трамп за фаќањето на меѓуножјето, ако се сеќавате, ги разоткри некој друг, додека потсмевањето на новинарот се одигра на еден од митинзите пред очите на целиот свет. Такво злоставување не би било толерирано ни во основно училиште.

Мерил Стрип рече дека таа глетка „зарила канџи во нејзиното срце... тоа не беше филм, туку вистински живот. Непочитувањето предизвикува непочитување. Насилството раѓа насилство. Кога моќните ја користат својата положба за злоставување на другите, сите губиме“. Исто така побара медиумите да бидат заштитени за да можат да го повикуваат Трамп на одговорност и изјави дека Холивуд го сочинуваат сите аутсајдери и странци без кои не би постоел. А ако го нема Холивуд, не би имале што да гледаме освен фудбал и ММА мечеви. Говорот го заврши цитирајќи ја својата пријателка Кери Фишер. Совршено.

Или тоа беше само нова рунда либерално парадирање со сопствените доблести кои не допираат подалеку од глувата соба на социјалните медиуми? Го поставувам тоа прашање, зашто додека аплаудирав на нејзиниот говор, ми се чинеше дека тектонските плочи на моќта веќе неповратно се поместиле. Многу работи кои ги земавме здраво за готово се доведени во прашање, а една од нив е вредноста на поддршка на славните. Ако Трамп може да ја отпише Мерил Стрип како само уште една од членките на клубот на „либералниот филмски свет“, ако холивудскиот естаблишмент се напаѓа како уште еден ешалон на елитата или се изведуваат заклучоци дека кога „коментарите на бабичките кои изгубиле контакт со старноста би имале некакво значење, Хилари денес би била претседателка“, мораме да се запрашаме до каде всушност стигнавме? А сите овие коментари стигнаа во изминативе неколку часа.

Поддршката која славните им ја дадоа на демократите - Барак Обама ја имаше зад себе холивудската фабрика на соништа и повеќето музички ѕвезди - секогаш беше важна, зашто големите навистина беа „добри“. Кога убавите, славните и талентираните се уште и либерални, тоа навистина ни годи. Податокот дека Трамп не успева да придобие никој барем малку познат да му настапи на инаугурацијата е забавен трач, но слаба утеха. Тоа ме потсети на заминувањето на една ториевска конференција на која единствени ѕвезди беа Тони Хадли и Џим Дејвидсон, додека лабуристите на своја страна секогаш имаа мноштво славни личности.

Но, колку тоа денес навистина има значење? Тоа што кул и пристојните луѓе не го поддржуваат Трамп или Фараж нивната база не го гледа како показател на филистерството на овие кандидати, туку како потврда дека тие се вистински предводници на побуната против елитата. Значи, работата не е во тоа дека зборовите кои ги изговори Мерил Стрип не се вистинити или важни - тие секако се такви. Вистинскиот предизвик е да се сфати како тие се контекстуализираат и толкуваат. Добитничка на Оскар ги прозва ѕвездите на реалните ТВ програми. Граѓанка му порача на новоизбраниот претседател дека е силеџија. Благодарение на успешната кариера таа автоматски се гледа како припадник на елитата, иако вистинскиот глас на елитата е Трамп, човекот кој живее во златна кула и всушост не „се создал самиот себе“, како што тврди.

Можно е класата на славните да е потисната на маргините зашто не беше на победничката страна. И тие ќе мораат да се престројат за да ги пронајдат најдобрите начини на вршење притисок на хиперсензитивниот Трамп. Се чини дека сепак му се важни славните и нивната поддршка како гарант на добриот рејтинг, а се покажа дека тоа е нешто што не може да се купи. Мажот-бебе веднаш реагираше преку Твитер, зашто нема поважна работа отколку да ѝ одговори на „преценетата“ глумица. Како и секогаш, приоритет е неговото его. Говорот на Мерил Стрип беше искра. Огнот сега треба да се шири и одржува.

Извор: The Guardian, 09.01.2017