Дојдовте тивко и влеговте во легендите

14.01.2017 03:35
Дојдовте тивко и влеговте во легендите

Пред некој ден ми се јави една госпоѓа, која не ја познавам. Ниту знам од каде го беше добила бројот на мојот мобилен телефон, ниту пак се сетив да ја прашам како ѝ е името и од каде е. Не ја прашав ништо, само ја слушав. Госпоѓата беше вознемирена од актуелните политички случувања, тесно поврзани со давањето мандат на Груевски и со можноста Иванов „креативно“ да го применува Уставот (исто како со аболициите) и повеќекратно да му ја дава довербата за формирање влада на ДПМНЕ.

Повторувам – госпоѓата беше длабоко вознемирена од мајтапот кој Груевски и Иванов го прават со државата и законите. Како што ми кажа, таа иако со кревко здравје и во поодминати години, повеќе пати учествувала во движењата на Шарената Револуција и, како и секој нормален, здраворазумски и слободоумен човек во мојата Македонија, беше сериозно исплашена од наредните чекори на непредвидливите, всушност, според својата криминално – клиентелистичка сраснатост, лудите Иванов и Груевски.

Го пишувам овој текст како одговор до анонимната жена, бидејќи телефонските разговори се секогаш ненајавени, премногу кратки, емотивни и постојано ве затекнуваат неподготвени за некаква посериозна порака или елаборација на истата таа порака. Од друга страна, бидејќи сигурно знам, односно длабоко интуитивно чувствувам дека госпоѓата беше еден од илјадниците анонимни протагоности на граѓанскиот самоосознавачки феномен наречен „Шарена револуција“ кои излегоа да се бунтуваат против еден октроиран систем на авторитарно владеење и одбрана на партизираниот институционален криминал. Бидејќи и самата се чувствувам како дел од жестокиот граѓански отпор кон злото наречено груевизам, имам потреба да ѝ го напишам следново, со надеж дека некогаш и некаде ќе го прочита:

Почитувана госпоѓо,

Не се вознемирувајте, доброто секогаш победува, без оглед на цената. Ако не беше така, светот денес сè уште ќе живееше во нацистичката творба на Хитлер и сè уште ќе се делевме на чистокрвни ариевци и тие кои тоа не се.

Не се плашете, ваквата осакатена и понижена Македонија сè уште има демократски потенцијал да го урне злото. Злото се вика груевизам, како систем на фалични вредности и организам на нечовечко, недемократско и нехумано функцинорање.

Не се обесхрабрувајте од моменталните обиди за манипулација и изигрување на приордните закономерности. Тие ќе пропаднат, како што крахирале многу поосмислени и поорганизирани системи за владеење на стравот и потчинетоста.

Не стравувајте за иднината на нашата заедничка држава, бидејќи не сте сами. Не сме напуштени, ниту сте вие една и единствена загрижена за актуелните спинови и манипулации промовирани од власта и нејзините поробени медиуми.

Не грижете се, Груевски, Иванов, Зврлевски, Аневски, Велјановски, Димовски, Латас и еден куп други гнили круши, ќе паднат како што им доликува и им личи на гнилите круши.

Почитувана госпоѓо,

Не знам дали ќе се сетите на вестерн стриповите за Док Холидеј и Вајат Ерп, напишани од Френк Ларами. На насловната страница на стрипот беше напишано мото на српско-хрватски јазик: „Дошао је тихо и ушао у легенду“! Тоа се однесуваше на бостонскиот стоматолог, Џон Хенри Холидеј, чија најпозната мисла гласеше: Јас не сум закон, мене не ме тангираат туѓите неволји, ама неволјите секогаш ме наоѓаат мене“.

Е па, Вие госпоѓо, заедно со илјадниците анонимни мажи и жени, момчиња и девојки, другари и другарки, дами и господа, деца и девојчиња, баби и дедовци, синови и ќерки, сите вие сте моите легендарни вестерн херои. Тивко, скромно, ненаметливо, упорно, грамотно, самоуверено и решително истапивте против режимот. Исто како забарот Док Холидеј, најбрзиот револвераш на Дивиот Запад, секогаш елегантен, намирисан и ладнокрвен и без око да му трепне со брзина на трепет на окото ги повлекува двата линколн револвери со дршка од слонова коска и ги „средува“ лошите ликови.

Не се косете, госпоѓо. Нашите револвери се побрзи, а нашите куршуми патуваат подолго. Нашата битка е праведна, а нашата пресметка кај ОК Коралот е завршена. Останува само на браќата Клантон, пардон, на Фамилијата Груевци, некој да им соопшти дека се поразени. Готови се!!!

Дојдовте тивко и влеговте во легендите, драга госпоѓо. Вие и сите како вас.

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Фотографии: Ванчо Џамбаски