Ќе умреме од загадувањето пред да се формира нова влада

16.01.2017 11:54
Ќе умреме од загадувањето пред да се формира нова влада

Ми се чини дека често забораваме дека битката против корумпираната власт ќе биде поуспешна ако се води и на многу други полиња, а не само со критики насочени кон највисоките партиски врвови. Секојдневно со страв исчекуваме што ќе кажат или направат владејачките структури кога, всушност, тие треба да се плашат од нас, граѓаните.
Моќта на политичарите не е кај нив самите, туку во целата машинерија од луѓе со кои управуваат. Во приказната „Ламјата и царскиот син“, силата на ламјата не е во самата ламја, туку на друго место: во едно езеро има ламја, „во ламјата – нерез, во нерезот – зајак, во зајакот – гулаб, во гулабот – врапче. Ете во тоа врапче е мојата сила“, ѝ кажува ламјата на една баба која таа тајна ќе му ја пренесе на јунакот во приказната.
Секојдневно дишеме отрови, но загадувањето не е во центарот на вниманието, туку формирањето нова влада. Тоа е сосема разбирливо зашто дури и функционирањето на институциите кои треба да се грижат за животната средина зависи од тоа која партија е на власт. Но ако сакаме да изградиме граѓанско општество во кое тоа нема да биде случај, како што и не би смеело да биде случај, тогаш во центарот на вниманието на јавноста мора да бидат проблемите што ги предизвикува нефункционирањето на институциите на сите нивоа, а не само највисоките партиски претставници. Само на тој начин, корумпираните владејачки структури нема да си свикуваат конференции за печат на кои со тешки манипулации ќе ја промовираат својата воинствена реторика, туку ќе мора да објаснуваат зошто овие или оние институции не функционираат.
Неколкумина луѓе ми имаат речено дека во повеќе градинки во Скопје од родителите е побарано да потпишат дека децата ги пуштаат во градинка на своја одговорност зашто има многу повеќе деца отколку што е пропишано за да може да им се обезбеди соодветна нега. Место вработените и директорите/ките да имаат повеќе почит за себе и за својата работа и да се свртат со протестни писма кон надлежните органи за да им укажат дека им се потребни уште вработени и повеќе простории за да можат квалитетно да ја извршуваат својата работа, тие се вртат кон родителите и ги принудуваат да потпишат дека се согласни нивното дете да не биде добро згрижено. Тоа е за во фокусот на вниманието.

Десетици (веројатно и стотици) илјади луѓе се трујат од отровни гасови секој ден, често и со тешки последици и болести кои може да бидат и животозагрозувачки. Истовремено, решение на проблемот не е невозможно – било со поинакви начини на обезбедување греење; или со јавен транспорт на струја; или со обновливи извори на енергија; или десетици други начини што не се сомневам дека постојат како решение, но кај нас не се спроведуваат. Зошто? Се нема волја и капацитет? Или се нема стратегија? Или некои од претставниците на власта (централна, локална, како и да е) бараат провизии од оние што би биле ангажирани да ги спроведат решенијата? А во меѓувреме, сите полека умираме од загадувањето. Тоа е за во фокусот на вниманието.
Формирањето на новата влада несомнено е најзначајната работа во моментов, особено со оглед на важноста на СЈО. Но, ако граѓаните имаат повеќе самопочит да се побунат, да кажат јавно со какви проблеми се соочиле и ако медиумите пренесуваат за неправди и корумпираност на секое ниво од општествениот живот, тогаш нема сите со страв да чекаме судбината да ни зависи од пет-шест политичари, туку ќе имаме граѓанско општество во кое секој граѓанин, без оглед на партиската припадност (зашто сите се соочуваме со истите проблеми во сите институции, вклучуваји ја и најкритичната – здравството) ќе се залага за непристрасни институции. Тогаш, како и во повеќето западни земји, ќе се подразбира дека секој што е осомничен за корупција не може воопшто ни да помисли да биде во власта. Секогаш кога граѓаните ќе бараат вработувања онаму каде што се потребни, инфраструктура, ресурси за образование, за истражување, за земјоделство, за култура, односно ќе вршат притисок парите од нивните даноци да се употребат за нешто што е корисно за сите, тогаш нема да има толку пари за да може така лесно да се договараат баснословни суми за споменици и за провизии за тендери.

Во држави како Македонија, каде што сè зависи од наредбата на партискиот лидер (за некои проекти – дури и кои книги ќе се преведуваат зависи од партискиот лидер), изгледа како луксуз идејата да не се фокусира вниманието само на политичарите. Да се бара ламјата, па во неа нерезот, па во неа зајакот, па во него гулабот, па во него врапчето – може да изгледа како одвраќање на вниманието од најголемиот проблем, политиката, кон помалку важни проблеми. Но моќта на корумпираните политичари е во врапчето; долгорочно, само кога како општество ќе ни бидат важни почистиот воздух, подобриот животен стандард, непристрасниот однос на сите институции, квалитет во здравството, грижа за децата во градинките и во училиштата – само тогаш политичарите ќе се плашат од нас, граѓаните, и своите потези ќе ги влечат за да ни обезбедат подобар живот, а не со своето самоволие да прават атмосфера дека треба да се плашиме од секоја нивна изјава. Ако удираме само по ламјата, навистина ќе умреме од загадувањето, можеби не до формирањето на оваа влада, но сигурно во блиска иднина.

Слики: Били Даркарт 

ОкоБоли главаВицФото