Вратете ги коњите!

17.01.2017 13:08
Вратете ги коњите!

Скопје сè повеќе личи на џиновски паркинг. Се зголемува бројот на автомобили, секој се фаќа за волан за да стигне до работа, до град, до продавница...

Но, како и поинаку да функционираат скопјани? Градот „расте“ и во широчина и во височина. Некој го дозволува неконтролираниот растеж. Но, истовремено, бројот на автобусите се намалува, нови автобуски линии речиси и да нема, јавниот превоз е бавен, автобусите ќе експлодираат од народ во нив, нови улици се исцртуваат само на хартија...

Скопје, очигледно, е заглавено во „Скопје 2014“. Нема место за трамваи, нема место за модерни улици, туку има место само за коњи. Па ако е така, властите нека ги вратат коњите во Скопје! Можеби така полесно ќе се стигне од едно место до друго во градот, а и нема да биде така комплицирано како со јавниот превоз.

Јавниот превоз во моментов ја доживува својата ренесанса. Од Нова година се приклучи на светските текови за користење електронска картичка. Нема веќе вадење билет во автобус. Навидум паметно решение – возачите нема да бидат веќе и продавачи на билети, ќе има помал застој на постојките. Но, во Скопје од проектот „Скопје 2014“, реалноста е поинаква. Во оваа реалност, со мирис на коњи, тешко човек може да се снајде. Нема можност за купување еден билет, нема автомати за надополнување на електронските билети, има билетарници на непристојна оддалеченост. Па така, оние што, на пример, дошле од Велес во Скопје за на лекар, ако сакаат со автобус да одат, треба да платат 150 денари за неперсонализирана карта. Оние што купиле билет за 10 возења по поволна цена од 25 денари за билет, ако не ги искористат во рок од 15 дена, им пропаѓаат. А, што ако по првиот искористен билет некој добие грип (сезона му е)? Бадијала дал 250 денари?!

Што е сигурно, сигурно е. Нека се вратат, сепак, коњите во Скопје. Мили се, умни се, а ќе привлечат и странски туристи. Зарем допрва Скопје со трамвај да се мачи?!

Извор: Слободен печат
Слика: Петар Младеновиќ

Слични содржини

Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став

ОкоБоли главаВицФото