Миранда Џулај и Лена Данам, неврозапур-невротизам и критички невротизам

18.01.2017 02:30
Миранда Џулај и Лена Данам, неврозапур-невротизам и критички невротизам

За свеста која во доцниот капитализам станува радикално затворена и поделена на независни функции, невротичните симптоми почнуваат да играат интегративна улога. Тие се способни да ја каталоголизираат бучавата на шизофрената свест и да ѝ обезбедат минимална темпоралност. Тие креираат и идеализми и функционализми на партикуларните универзуми.

 

Читањето на Првиот негативец (The first bad man), хит роман на Миранда Џулај (Miranda July), ѕвездата на креативната класа, траеше неколку дена и освен две или три епизоди на кратка пријатност, помина тромо и заради обврска.

Задачата беше да се стекне увид во тоа што читаат и сакаат недофатливите и сеприсутни хипстери. Хуманистите, студентите и професорите по книжевност, што не ја поминале пазарната метаморфоза во копирајтери, на пример, не се претерано интересни. Фантомот на прагматизмот тешко се вселува во мирните наставнички, трговски, или сосема далечни и непознати пристаништа, тој има здодевен манир на моралист. Сепак, меѓу езотеричните, кои го повикуваат духот на Миљковиќ во зачадените чистилишта, има и добри студенти, кои понекогаш завршуваат како медиуми на еклектичниот фетишизам во зачадените службени простории.

Во тие чистилишта и јас понекогаш си помислував дека хипстерите можеби се во пожив дослух со своето време. Кога замислував рецензирање на некоја хипстерска книга, мислев дека ќе се одморам во дискурзивната идентификација; ќе се нурнам во пријатноста на очекуваниот, но главно успешен хумор, кој се саморепродуцира, што се одвиткува како бесконечно волнено клопче; под закрила на цинизмот што избавува од сè, ќе се ушушкам во леснотијата на аналитичкото постоење, каде што престануваат сите методолошки и логички расправи; храбро искажувајќи го бунтовниот граѓански темперамент со поставувањето на патокази кон подобро и поправедно општество; постигнувајќи драма што е твитер френдли – концизна; постигнувајќи дефинитивност зашто инструктивните сигнали треба што поотсечно да се испраќаат кон лошото и неправедно општество.

Меѓутоа, работата се заплетка.

Пред читањето на Првиот негативец во една случајно пронајдена рецензија на интернет, видов дека темата на романот е трансформативното искуство на една успешнa жена на средна возраст - Шерил, чијшто ексцентрично уреден свет ќе експлодира, кога брачниот пар шефови ќе ја принуди во нејзината куќа да ја прими нивната ќерка Кли, атрактивна русокоса, сурова и себичнa секс-бомба, која сосила ја втерува во реалноста и сосема неочекувано ѝ овозможува да ја доживее љубовта на нејзиниот живот. Откако ја прочитав книгата, се потврди дека се работи за исповеден роман со теза, кој во некој вид романескна терапевтска пракса, конституира трик-решенија за циклични заморни психолошки авантури на невротизираната, која не е толку ексцентрична, колку што е заострена со прозната претстава, типична претставничка на класно – културниот контекст на корпоративната средна класа. Овој контекст е стерилизиран и дислоциран од традиционалните животни и психолошки пракси, да речеме, на средната класа од предградијата.

Шерил, значи, е успешна самица која што своето хиперуредено и патологизирано секојдневие го надградува со опсесивни мотиви на невротични значенски игри. Трик решението, што е очигледно, однапред е зададено и доследно спроведено, се состои во стратегијата на животна ревитализација чијшто катализатор станува Кли, амблематска фигура на непросветлениот американски провинциски живот.

Пуританизмот на средната класа страда од истата нелагодност и од разузданоста и од конзервативизмот, чијшто спој е главна одлика на провинцијалниот контекст на кој му припаѓа Кли. И разузданоста и конзервативизмот спаѓаат во гревовите на непросветленоста. Кли е пожелна девојка облечена вулгарно и без вкус; Кли носи златен крст околу вратот; златниот крст околу вратот е против абортусот; Кли е необразована и не е заинтересирана за ништо, освен за ужасната телевизиска програма; и затоа Кли цел ден е пред телевизорот, опкружена со остатоци од брза храна.

Сепак, нелагодноста што ја чувствува Шерил заради варварскиот упад во своето уредено секојдневие крие трансформативен потенцијал. Комплицираните доживувања на нејзиниот цимерски живот со Кли, од фазата во која безобразната и агресивна девојка вербално ја злоставува, преку формализираната игра на физичка пресметка и конечно, порно филмот кој компулсивно се врти во главата на главнiот лик, преземајќи ги телата на бројните мажи, за да ја оствари фантазијата на целосно опредметување на желбата на Кли, се завршува со вљубување, посакувана несакана бременост и воспоставување некој вид семејна заедница.

Претходно, го гледав филмот на Миранда Џулај, Me, you and everyone we know и нејзиниот разговор со Лена Данам (Lena Dunham), една друга хипстерка, авторката на хит серијата Girls. Нивниот дијалог ми помогна да ги мапирам можните насоки на наративната продукција и рецепција на денешната креативна сцена. Работните поими неврозапурневортизам и критички невротизам би можеле да бидат инструктивни во артикулацијата на искуството на овие наративи. Есенцијалистичкиот естетизам на Миранда Џулај и општествената критика на Лена Данам им одговараат на нивните авторски персони. На сцената, Миранда е молчалива, мистериозна и мудра, а Лена е зборлеста и субверзивна.

Опшественото станува невозможно. Шерил се пробива низ човечките предмети со научените гестови за кои мора постојано да се преслушува. Нелагодноста заради присуството на нејзиниот градинар, кого го смета за бездомник, ја решава со бегство од својот двор во деновите кога тој доаѓа, поставувајќи ја фасадата на жена од средната класа која нема да го избрка бездомникот, ќе се однесува кон него со почит и која можеби ќе му плати доколку се покаже дека соседството донело таков закон за пристојност. Новите приправници во својата фирма ќе ги дочека со подарок, за веднаш да ја добие улогата на трогателно внимателна надредена колешка, без опасност од динамит и неконтролирани односи.

Шерил нема пријатели, ниту пак размислува за таква можност. Иако се чини тека главната тема на серијата Girls е пријателството на четирите млади жени, се покажува дека најдоследна линија на сижето е токму неможноста, неостварливоста на тоа пријателство. Наједноставно може да се утврди промената на парадигмата ако Girls ја споредиме со никогаш недорепризираната серија „Сексот и градот“. Тоа што идеологијата на пријателството во хит серијата од деведесеттите останува неприкосновена маска на идентитеската физиономија на хероините, го условува и начинот на кој е изграден системот на ликови.

Миранда, Шарлот и Саманта кои спаѓаат во рамни ликови, доследно се концептуализирани како три модели на женственоста: Амазонка, Мајка, и Љубовница. Омилената Кери, идентификациски најпривлечна за публиката, на прв поглед изгледа како единствен посложен лик, а всушност е најмалку реалистична. Она што ја прави привлечна е тоа што таа успева да ги помири различните модели на женственост, во рамки на кохерентен идентитет и на тој начин, да постигне текстура на совршен производ. Кери е и успешна и залудена со љубовните врски и со мажите. Својата залуденост со мажите дури успева да ја претвори во успешна кариера, пишувајќи неверојатно лукративна колумна за љубовните и еротските односи. Таа е самостојна и романтична, независна и нежна. Тоа ја прави и повластена во рамки на сижето. Ова фантазиска разрешница на напнатоста на интернализираните општествени барања е местото во кое се поклопуваат желбата на авторот и желбата на публиката.

Хана, прва меѓу еднаквите во серијата Girls, како најдоследна невротичарка меѓу своите пријателки, ја исполнува фантазијата во која аутистичниот универзум на поединецот успева да се лиши и од она малку општествени инхибиции кои ги диктира пермисивното секојдневие на њујоршкиот живот. Човечките предмети и предметите на меѓучовечките односи, таа не мора ниту да ги заобиколкува со научените гестови, како оние со кои располага хероината на Првиот негативец. Нејзините пријателки се недоволно вакумирани невротични универзуми. Марни е премногу обична, зауздана со атрибутскиот капитал на својата општествена адаптибилност. Таа соодветствува со моделот на Кери, во една заострена веристичка варијанта, исфлена од фантазискиот колосек. Шошана го претставува моделот на традиционалниот субјект на доцниот капитализам, со свoјата издiференцирана невротичност, функционална во општеството на прогресот и успехот. Џеса е романтичарска невротичарка, која својата нарцисоидност, автодеструктивна структура, во манирот на femme fatale, ја осмислува преку побуна против општествените и интимните норми. Во сите три случаи, постоењето на идеолошка основа не означува нејина овозможеност, туку отуѓено космичко опкружување на партикуларни универзуми, чија што единствена улога е воспоставување на физички закони кои, тој унивезум го прават неслободен и лимитиран. Единствено Хана успева целосно да се невротизира и затоа нејзината апсолутна нестабилност е непресушен извор на идентитетска стабилност.

Неврозапурневротизмот во литерарниот и филмскиот наратив на Миранда Џулај е прошетка низ хиперконтекстуализираните и хиперстилизирани ангедотски слики, под кои пулсира онтолошкото подземје, чија што категоријална внатрешност постепено се излива и полека ги поплавува невротичните ликови (nota bene: како што триковите на есенцијализмот се основа и наличје на неврозата, триковите на фашизмот се основа и наличје на неолибералиниот поредок). Во промотивниот текст што го потпишува Данам, Првиот негативец, е одреден како Библија на мајчинсвото. Катализаторот на онтолошката катарза на хероината е разуздана католичка верничка, негативецот на американскиот провинцијален живот, исполнет со ријалити емисии и прејадување. Потрагата по ефикасни терапии и по смислата на животот привремено завршува со активирањето на механизмот на другоста, како извор на животната виталност, успешно испробана тактика во историјата на западната субјективност.

На почетокот Кли, според веќе традиционалната логика на другоста е хомогенизирана и сексуализирана. Но, со текот на времето, нејзината непросветеност и глупост која се граничи со ретардираност, ќе стане проводник за разни увиди и епифании за Шерил во земјата на љубовта, блискоста, мајчинството. Кога ќе се направи доволна дистанца од другоста, таа станува соодветна за поелегантен вид на експлоатација. Катарзата на контролираниот судир со варварите им е позната само на најхрабрите!

Критичкиот невротизам на Лена Данам го условува нејзиното гравитирање кон автобиографските жанрови. Од почетокот на емитувањето на серијата Girls, младата авторка се брани од доминантниот впечаток дека нејзината авторска персона се совпаѓа со ликот на Хана, кој таа и го игра во серијата. Нејзината новообјавена проза спаѓа во мемоарскиот жанр. Се чини дека ангажираноста и на медиумската и на автораската персона на Данам се формира во фантазискиот балон на невротична самодоволност. Идејата е да се нормира апсолутното право на интимното кое го заборава општествениот контекст. Општествената и човечката содржина е изместена во апстрактното поле на нормираната политичност. На неколку наврати, Данам имаше проблеми заради своите гестови и изјави протолкувани како расистички или дури и сексистички.

Кога се има предвид дека политичноста на авторката е преземена како формиран предмет од општественото милје на кое му припаѓа, интересно е да се следи обидот политиката на човековите права и демократската безалтернативност да се одвојат од творечката работа, каде што наводно се задржува правото на слободен дијалог со компликациите и противречностите на интимниот живот и психолошкиот пекол.

Политичкото и општественото потполно се подредуваат на поединечните интимни потреби, без каква било взаемност во нив, ниту во смисла на динамика на значења, ниту во смисла на лична одговорност.

Политичкото и општественото стануваат предмети со слична намена како што има „safety blanket“. Ангажманот на Лена Данам во кампањата на Хилари Клинтон ја разјаснува целта и употребата на политичките предмети. Исто така и нејзината реакција на резултатот од изборите. Тоа е реакција на дете кога ќе му објасните дека ќебенцето што го влече со себе, е само валкана, неупотреблва крпа, а не некој магичен предмет. И дека можеби може и да го изгуби. Она што детето никако не може да го разбере е дека светот ќе остане опасно и мрачно место и кога ќе остане без својата магична заштита. Магичната заштита и совршениот општествен контекст, за една самодоволна невротичарка од креативната сцена е номиналниот феминизам или номиналниот мултикултурализам на Клинтон.

Во таква ангажирана борба за правото на заборав на општеството, кое во меѓувреме треба да остане такво какво што е, нема место за другоста. Познати се забелешките што беа упатени на серијата Girls, по првата сезона на прикажувањето, за отсуството на класен и расен диверзитет. Обидот на Данам да го задоволи цивилниот сектор со евтиниот трик на воведување на ликот на Црнецот републиканец, траеше кратко и како заплет беше големо фијаско. Оваа интервенција беше сува и нарачана како и нејзиниот повод. Другоста остана затворена во етеричниот балон на политиката.

И Миранда Џулај повторно ја сместува таму, откако ја завршува својата тематска задача. За несреќа, понекогаш Кли одбива да се врати таму и неочекувано, од својот мрак се вмешува во историјата на демократијата и го изгласа Трамп за нов американски претседател.

Извор: Proleter

ОкоБоли главаВицФото