Фото робот

18.01.2017 03:34
Фото робот

Не знам точно како би изгледал карактерниот профил на еден клиент од коалицијата „знаат како“, ама имам чувство дека лесно би можел да се направи некаков приближен фото робот, ако не повеќе, тогаш следејќи барем неколкумина од оние неписмени запаленковци кои редовно ги „гледаме“ и „слушаме“ – а всушност не можеме да им ги избегнеме суратите – низ провладините медиуми и јавноста воопшто. Иако овде мора да се профилира соодветна професионална дистинкција, оставајќи ги настрана (не само) македонските политичари токму од посочената коалиција како врв, парадигма на неспособноста, незнаењето, необразованоста … Тие се една посебна категорија, навистина вонвременска и вонпросторна, тоа е багра на која што не ѝ треба посебна легитимација зашто секојдневно се (де)легитимираше себеси низ оваа црна деценија на македонската политика. Иако тие – или барем неколкумина од нив – сепак навидум ги диктираат генералните насоки на нашиве црнила, нивната „капацитетност“ е одамна прочитана работа. Последниве препелкања и испуштања на некакви очајнички, а божем воени извици и закани од типот „знаат како“ е само последниот чин во трагедијата. Нивната иднина е извесна, неспорна, соодветна на нивниот придонес во општата дезинтеграција.

И токму заради нивната очебијна неспособност и необразованост, ним им беа потребни платенички „знаат како“ борбени одреди, наши „стаорци на војната“ кои што, генерално, ќе ги спроведуваат во дело нивните сценарија. И тие стаорци глобално можат да се поделат на два типа, две категории: идеолошко-пропагандна (или „интелектуално“ крило одговорно за ширење на лагите и хистеријата на газдите) и ударна (онаа „сендвич“ или „контра“ групација за поддршка, која што главно со автобуси ја шетаат по сите борбени локации). Овие две категории битно се разликуваат, иако мисловната матрица им е речиси идентична!

„Интелектуалното“ крило е мислечко плукачкиот механизам – иако првата функција е далеку под посакуваното ниво, но на нејзина сметка особено се развила втората функција. Тие се инсталирани, физички и духовно, секаде каде што можат да бидат полезни: јавните медиуми, културата, уметноста, државната администрација. И реагираат на дразби материјализирани низ безброј лукративни начини. Тие по правило се интелектуалниот шљам на оваа земја, полуписмени (за разлика од неписмените им газди) и полуобразовани протуви замандалени во некои нивни опсесивни светови на заговори и преврати, на некаков имагинарен нов светски поредок или во најмала рака нов македонски испрдок, „другаруваат“ (и во основа им завидуваат!) со масоните, билдерберзите и некои слични божем таинствени групации, сите до еден се гооолеми верници иако ние почнавме место нив да се крстиме кога и да ги видиме. Нивната поддршка на бандата на власт е отворена, цврста и неотповиклива – сè дури е соодветно компензирана. Затоа се и лесно (пот)купливи, според системот „ко да више“ како единствено и неприкосновено модус вивенди! Покрај природно изострениот сенс за профит, но и предавство, особено развиен им е инстинктот на толпа, на глутница, многу слично на хиените, особено кога треба да нападнат. (Последниов пример со атаката врз Сорос е извонредна илустрација!). Функцинираат на повик, а врз принципот на гласини и спинови, измислици и полувистини, што сосема одговара на нивното полуобразование и полуинтелигенција. Полу-луѓе од македонска провениенција!

И на овој фото робот комотно можете да залепите слика на која и да е од оние битанги кои секојдневно хистеризираат низ дневните весници, преку тв екраните (сè уште радо видени гости дури и кај навидум сериозни новинари!), предупредуваат за ова или она (а вообичаено за ланскиот снег), „се грижат“ за државата и традицијата, солат памет за градов иако дом’кнати од струмичкине и кичевскине села, упорно и самозадоволно ја повикуваат опозицијата на некаква измислена одговорност … итн. Иако поголемиот дел веќе побелени во главите (како нашион непрежален Сарајлија!) сите здушно глумат хитлерјугенд јуришници обединети во „знаат како“ коалицијата, сè дури не ја извлечат и последната банка од газдите. После – ќе бараат нови!

И кога ќе погледнете подобро, гледате едни те исти (остарени) фаци кои до вчера беа лумпен интелектуалци, деташиран ешалон на разнразни пискарала, ебиветри, уличари, сељачана која во ова време, со овие газди, заедно испливаа од последните кругови на македонската провинцијална свест. Овие неписмениве бандити им беа задња шанса да се почувствуваат важни во животецот, да се сликаат за весници и за телевизија, да бидат „некој“! И убаво си ги живеат тие денови, иако на сметка на целото македонско општество, особено македонските култура и уметност. Затоа и нивниот фото робот е толку грд, на мигови дури гнасен, зашто е комбинација од сите најдолни човечки карактеристики. А затоа се и лесно препознатливи.

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики:

ОкоБоли главаВицФото