Таи

18.01.2017 04:39
Таи

XXV

TАИ (ไท) – НЕЗАВИСЕН, СЛОБОДЕН


Re: тајланд

To see messages related to this one, group messages by conversation.

Reply ▼

 

 

Send email

Find email

Add to contacts

From: gos (gospodar@gmail.com)

Sent: 07 November 2010 02:56:20

To: goran gocic (gocic@hotmail.com)

3 attachments (total 7.5 MB)

 

 


Друже, сопатнику,

Слободни земји, рака на срце, не постојат. Ветувањето слобода најмалку важи за големи и моќни земји, меѓу кои Тајланд – кој има повеќе територија од Шпанија и повеќе жители од Британија – донекаде спаѓа и самиот. Во склад со тоа, овде не сретнав никаков вистински слободен човек, ама макар луѓето што ги среќавав беа ослободени од оковите што мене и на моите толку ни наштетија.

Излезе дека Тајланѓаните се весело лишени од нашите кутри амбиции што толку упорно вртат насекаде низ Европа и запад, лишени се од таа беда што кај нас во Европа и кај вас во европска Србија се вика одговорност и успех, а која будистите толку јасно ја идентификуваат како страдање и илузија.

Како што ние, Европејците, особено под влијание на протестантите грчевито се држиме за работата, за амбицијата и за прогресот како патишта до лично спасение, или преведено на новосрпски, за работното место, лактањето и рововското вкопување, Тајланѓаните се држат до сочната сензуалност која во тропите е стопена со секојдневјето и на која сите сметаат како што сметаат дека сонцето наредниот ден секако ќе излезе и ќе направи еден круг на небото.

А во тропите храната има вкус, воздухот има мирис, почвата има плодност, еротизмот има интензитет, билките имаат боја, сонцето има топлина, жените имаат насмевка, а јас имам една таи жена, лол! Дали некому му треба повеќе? Чув ли како нешто изусти? Молам...? Да, тогаш и парталавиот живот има смисла?

Од оваа проста, елементарна равенка доаѓам природно и до исто така простата, елементарна комбинација дека секој, па следствено и јас, го посакува тој вкус, мирис, интензитет, насмевка, топлина и смисла за себе, ја посакува неговата вистина и страст за себе и нема други, излишни планови.

Јас радо го симнав тој прекупотребен минимум, што ти го препорачувам и тебе. Од таа безгрижна, по малку и бесрамна перспектива, научната, новинарската, книжевната или каков било друг вид слава, како и мешетарството, трговските или политичките успеси, оттука ми делуваат еднакво далеку и инфантилно како што мажите од Тајланд можат да ни делуваат нам, Европејците.

Значи Тајланѓаните со својата индијанска неотпорност на огнена вода, со младешки изглед и однесување, со апсолутно отсуство на идеали и амбиции (освен кога е во прашање секојдневниот секс :-=). Со кусок на сало, со забележливо малцинство во однос на жените, со тинејџерско кикотење лишено од какви било обѕири, но и од злоба. Со инфантилно лудило, со тајно љубување, а посебно со привилегијата насекаде наоколу да можат да ги видат, и да ги допрат, и да ги сетат сите тие бои, мириси, вкусови на чиј престол седат најсензуалните и најженствените жени на планетава.

Чуму да се чека? Сигурен сум дека ќе ти се допадне овде. Навистина, ти си малку пресериозен, малку премногу буквален за сето тоа...

Поздрав,
Твој Гос.

XXVI

На височината

 

Се набљудувам себеси и својата сериозност на патувањата, при свечениот, да речеме ритуалниот чин на префрлање на друго место, кога зад мене остануваат километри, надежи, присуства, недостасувања, без свртување, а пред мене се појавува авантура; го препознавам сувиот, за многумина мачниот факт на патувањето како своја еманација, како крај на своето јалово мирување и како негација на смртта;
го препознавам студениот крај на инерцијата и заминувањето во непознатото како експлозија на свеста и краен доказ на одважноста, како освојување непознат врв или непозната жена; на крајот, го препознавам патот што ми останал на нозете како присвоено и љубено сопствеништво, како дел на светот што сосема ексклузивно ми припаѓа;
ја препознавам страста на патувањето како екстаза што нема врска со убавината, се препознавам себеси како дел од непознатиот пејзаж во кој се вклопувам интензивно и суштествено и го препознавам истиот вид одважност и непознатољубие кај своите потамични, волни и неволни сопатници; го препознавам занесот на непознатото што пламнува, преправајќи се лесно во екстаза и во незаборав;
го наѕирам делот од своето срце, кој при патување умира по она што го оставам и се восхитува над она што се укажува, ги наѕирам при патување туѓите животи и радоста на нивното постоење испружени како на дланка; го наѕирам светот на интермунди, предодреден и посветен нам, патниците што се живи само во движење; го наѕирам проклетството на патувањето што повикува скитање на душата и крајот на патувањето што се вика смрт;
го наѕирам патот што никогаш нема да се стопи во просечност, туку ќе живее само во херојското и во исклучителното; ја наѕирам тагата на патувањето што секогаш самата е радосна, препознаена, воздигната и смирена во убавината; ја наѕирам егзалтацијата во скудните можности што ги донесе патувањето; ја наѕирам егзалтацијата во бескрајните таленти на моите собраќа што при патување ги среќавам, ги гледам и ги допирам; ја наѕирам вљубеноста што може да се роди во неотуѓивиот свет на неможното;
никогаш не би се трезнел кога би открил дека патувањето ми е забрането, дека ми е ускратено, дека се наоѓа надвор од мојот досег; никогаш не би се трезнел да дознаам дека редам плеоназми за патувањето, како што редам начини да ме возбуди новоста; никогаш не би се трезнел кога би дознал дека некогаш на патувањата бев потентен и преплашен, а сега препотентен и уморен; никогаш не би се трезнел кога би дознал дека сум заситен од патот, дека од патот нема да се вратам, дека се плашам да се соочам со патот на опасноста и дека страсно се гледам со смртта.

Превод од српски: Фросина Стојковска
Извор: Горан Гоциќ, Таи, Слово Љубве, Скопје, 2016.
Слики: Џивун Пак