До гледање, Саша!

19.01.2017 00:50
До гледање, Саша!

 

Збогување со мојот пријател од младоста, Саша Николовски-Ѓумар

 

Колосален тип, необично „голем“ џин. Тотален Алфа. Глас, длабок баритон што извира од длабочините на пределот каде што е сместена душата. Боем во вистинска смисла на зборот. Ерудит од секоја област на уметноста. Дар или отров, се прашувам? Суштество со вродена музика што вирее во секоја клетка од организмот. Гигант. Толку беше голем, бре, што не знам како успеаја да те сместат во тој мал гроб!

На убавото лице му беа инкрустрирани два сини дијаманти во бадемови лушпи. Ги носеше на себе најубавите но и најледените очи што една мајка Македонка може да ги роди на овој век. Како цели сибирски мразови да се беа вселиле во таа самотна и поларно студена длабочина. Болка ли беше или радост жизни, остана за нас непознаница. Не ми е јасно како е возможно тие очи преполни со нуклеарна смеса од парадокси, мрак и ѕвездена светлина, пролетен сон и зимска помрачина, самољубие и самоомраза, така лесно да прегорат, да се истрошат, да згаснат.

Ти, Саша, успеа маестрално да одлеташ во Вселената на вечната музика, та за еден миг да се претвориш во минато, во акварел од блед спомен, во замаглен сон. Те снема како да си магионичар, експерт за дематеријализација, квантен физичар од холивудски научнофантастичен филм. Маестрално! Браво, Маестро! Како и секој друг суперсензитивен хиперредок Мајстор на Маргарита. Долг аплауз за тоа што успеа за 20 секунди да преминеш на другата страна, на страната на која нема товар ни болка, ни тело, ни клавир, ни пулт.

Арно ама, ти Саша немаше усул при играње на таа фатална ролја во последната твоја претстава. Ти без трошка срам и перде ни покажа дека можеш со таква леснотија да оставиш толкава дупка, толку длабок јаз кај цел куп живи битија. Пргав беше отсекогаш, и експресно поита кон целта кон која сите целиме. Ама ти Саша зад себе остави толку недоработени работи, толку кошули недоткаени на разбој, толку натажени и траурни блиски, мориња солзи што ќе се плачат непресушно. Ти, Саша, остави деца недочувани, студенти недоучени, опери недодиригирани, композитори недоречени, пријатели зачудени и осакатени за дел од тебе што ќе им недостига до крајот.

И на крај, срам те било што ојде јабана, што не си го сочува здравјето и животот на којшто не беше само ти ексклузивен сопственик! Неваспитање! Прокоцка минимум уште 20 години творештво. Ете, толку можам да кажам пред да се збогувам со тебе, слично како што денес од тебе се збогуваше и оркестарот и хорот. Додека те испраќаа со „Adagio“ од Албинони сите до еден плачеа, верувам малку од жал, а повеќе од гнев и лутина кон тебе и твоето маестрално бегство, уметничко летање кон непознатата страна на животот. Остана една роза од тебе на диригенскиот пулт за да ја означи таа непремостлива празнина.

До гледање, Саша. И знај, немаше смисла сето ова!

Извор: mimozaristova.blogspot.mk