Спасете ги нивните души

19.01.2017 02:43
Спасете ги нивните души

Јасно е како мавровско белило дека актуелната анти-сорос операција во режија на власта и нејзините „интелектуално-медиумски“ загари, е последниот очајнички обид на Груевски да се прикаже како жртва. Всушност, идентификувајќи се себеси како држава, тој кобајаги ја брани Македонија од замислениот противник – Џорџ Сорос. И притоа, вовлекува дузина медиуми и функционери од своето најблиско окружување, кои синхронизирано треба да ја изведуваат нивната автентична пародија на карате – катата (симулација на борба) „хејан сорос“, мавтајќи со рацете, нозете и јазиците низ празниот воздух, всушност правејќи провев во ионака засмрдениот политички смог, со очекување дека играта ќе биде масовно прифатена.

Некако сето ова ми асоцира на култниот филм „Боречки клуб“ (Fight Club) од Дејвид Финчер, во кој Еди Нортон и неговото алтер-его, Бред Пит, преку меѓусебно кршење од ќотек (кое практично и не постои, бидејќи вториов е замислен лик), привлекуваат илјадници млади Американци во бунтот против корпоративната маркетиншка експлоатација на обичните луѓе во САД.

Не знам во кој жанр да го вбројам груевистичкиот „фајт клаб“, особено откако видов кои се носителите на главните улоги во друштвото СОС (Стоп операција Сорос). Имам проблем и да ја одгатнам логиката на оваа „општествена“ мобилизација, пардон хистерија. Да речеме дека беше разбирливо што една од првите одбрани на власта од напливот на граѓанските протести беа етикетите „соросоиди“ или „сороспии“, сосема иманентно и на другите етикети во режија на режимот од типот „предавници“, „педери“ или „странски платеници“. Меѓутоа, не можев ниту да претпоставам дека во очите на Груевски и Фамилијата, познатиот милијардер, од чии донации се финансирале, усовршувале и офајдиле и голем дел ликови од владејачката врхушка на чело со шефот на државата, ќе биде главната причина за сите нивни голготи.

Всушност, ај да не се правиме наивни, сите знаеме дека актуелните СОС-ови, зачинети со повиците за „конечна пресметка“ со соросоидите, имаат сосема друга цел и намена.

Прво, да го одвлечат вниманието од главната тема за расправа во моментите кога никој жив не сака да коалицира со ДПМНЕ, а тоа е СЈО. Имено, приказната за „десоросоизација“ е мошне добро врзно ткиво за операцијата „десјоизација“, бидејќи се создава една многу логична конструкција за заговор меѓу надворешните и внатрешните деструктивни сили, чија крајна цел е уништување на Македонија. На ваквата едночинка, конвенира и судирот меѓу новоизбраниот американски претседател, Доналд Трамп, и Џорџ Сорос, кој во кампањата ги помагаше демократите (не случајно 20-мина Македонци протестираа против Сорос пред зградата на Трамп), а целта е да се создаде впечаток дека богатиот унгарски Евреин е всушност, дел од сите светски заговори против легитимно избраните претседатели и влади.

Второ, обвинувањата дека невладините организации во Македонија финанасирани од фондовите на Сорос (најпозната е Фондацијата Отворено општество – Македонија или ФООМ) ги уриваат институциите во државата и воведуваат ЕДНОУМИЕ (!!!), ја открива и втората цел на инспираторите на целиот овој апсурд. Од авион се гледа дека Груевски и Фамилијата имаат намера да ги замолчат опозициските медиуми. ДПМНЕ и неговиот медиумски комесаријат многу добро ја знаат моќта и улогата на медиумската пропагандна војна против сопствениот народ. Тоа, најдобро на својата кожа го почувствуваа Велија Рамкоски и неговата А1 телевизија, како и новинарите Томислав Кежаровски и Зоран Божиновски (верувам дека мистериозното загинување на Никола Младенов допрва ќе се истражува). На груевистите им одговара само нивната вистина, а секое друго, а посебно спротивставено мислење, го сметаат за едноумие. Ако тие би се прашале, за нив најприменлив е рецептот на Путин, или Ердоган – забрана за сите опозициски медиуми.

Всушност, кога би се ставила црта на сите досегашни обиди на пет пати помилуваниот (и одмилуван) лидер на ДПМНЕ да ја опструира правдата за сите дела за кои е осомничен, во чиј контекст е и последната забава со „десоросоизација“ на државата, следи соочувањето со фактот дека нема да може да состави мнозинство за формирање влада. Тоа значи – одење во опозиција. Неговиот паникомер е во црвената зона. Можеби сосема заумно, но и неговото најново контра-сорос пејачко друштво, ја носи кратенката СОС. Која во меѓународниот поморски сообраќај, востановена со морзеовите кодови, е изведена од повикот за помош „спасете ги нашите души“ (Save Our Souls).

Е па, доцна е, господа!

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото