Страст за работата

20.01.2017 11:42
Страст за работата

Бескрајно продуктивниот работник, кому не му преостанува премногу време за одмор, а камо ли некакви потреби или желби за истото, во денешниот свет се наметнува како херојска икона, особено во тензичните професионални милјеа на Силиконската долина и Вол Стрит. Пожелните карактеристики на таквите индивидуи подразбираат трансцендирање на потребите за сон, здравствена нега, меѓучовечки врски и какви било други обврски кои би можеле да го одвратат од работата и профитот.

Во овој свет се раскажуваат легенди за луѓето кои остануваат во канцеларија по сто часови без прекин, работат и со грозница од 40 степени и заради работата ги пропуштаат музичките рецитали на своите деца. Планот е работниците преку одбивање на грижата за сопственото здравје да се претворат во надлуѓе.

Овој феномен е повеќе од депримирачки: едноставно кажано, тој е опасен. Дваесет и едногодишниот приправник во лондонската канцеларија на Bank of Amerika, Мерил Линч ненадејно почина 2013 година, зашто работел три дена до шест часот наутро. Летото 2014 година, возач на камион го преврте своето возило на автопатот Њу Џерси, притоа тешко повредувајќи го комичарот Трејси Морган и усмртувајќи го неговиот пријател. Возачот на камионот не спиел повеќе од 24 часа.

Малку помало медиумско влијание привлекуваат зачестените облици деградација кои на телото му ги нанесуваат претераната работа и недостатокот од сон: зголемени стапки на заболувања, тегоби, депресии, дури и коронарна болест на срцето.

Сите овие примери – од ненадејна, прерана смрт, до намален имунитет кој не може да се одбрани од гриповите – се последици од тоа колку дозволуваме работата да доминира со нашите животи. Надвор од пантеонот на супер-работникот со баснословни заработки, останатите работници работат сè подолго, а спијат сè пократко. Во занимањата од медицината до возењето камион, развлечените работни распореди кои сè повеќе го колонизираат нашето будно време (како и сонот), стануваат прашање на гордост. Иако, студиите континуирано покажуваат дека претераната работа е контрапродуктивна.

Меѓу бројните причини за укинување на 40 часовната работна недела, новинарката Сара Робинсон ги истакнува работничките култури кои ја промовираат страста на работникот кон работата. Таа ги гледа корените на овие култури првенствено во браншата на индустријата за одбрана, а потоа и во технолошката индустрија на Калифорнија во текот на доцниот дваесетти век.

За време на Студената војна, компаниите поврзани со браншата на одбраната, како Lockheed од долината Санта Клара, привлекувале мноштво амбициозни научници. Изгледало како овие работници да споделуваат одредени заеднички црти на личноста, вклучувајќи ги невештоста во друштвените ситуации, емоционалната отуѓеност и специфична издржливост во поглед на својата работа, до таа мера што „ѝ го посветувале секој буден час, обично на штета на односите кои немале врска со работата, вежбањето, сонот, исхраната, па дури и основната хигиена.“ Во доцните педесетти, психологот на компанијата Lockheed одредил термин за оваа специфична група караткеристики: „sci-tech личност.“

Менаџерите пронашле вид работник кој радо настрана ги остава сите желби и обврски кои не се поврзани со работата, па дури и најосновните физички потреби како хигиената и сонот, долгорочно.

Овие работници не биле означени како проблематички туку како „страствени“, со сите позитивни конотации на тој збор. А, до осумдесеттите, долината полна со „страствени“ работници станала плодно тло за растечката индустрија на технологијата. Страствените ударни работници како Стив Џобс станаа икони, и тоа не само работниците во индустријата на технологиите, туку и културата во поширока смисла.

Бидејќи страста станала ново барање на работното место, било потребно да се изнајде начин за нејзино мерење, за да може страста на одредени работници да се споредува и да се користи во системот на награди и казни. Менаџерите посегнале по најмрзеливиот, најлесно графиконски прикажлив, најнедосетливиот критериум за мерење на неопипливите квалитети: бројот часови поминати на работното место.

Ова непопустливо правило е на сила и денес. „Едноставно не знаеме како поинаку да ги проценуваме [работниците], освен по бројот часови кои ги поминуваат на работа“, се жалеше управителот на тимот советници за уредување на работното место во 2014 година. Оваа индигнација е искажана една година откако советниците спровеле студија за истото работно место, која откри дека вработените биле попродуктивни кога се охрабрувале да земат повремена пауза од работа и кога (замислете) „им било дозволено да го напуштат работното место штом ќе извршат одреден обем на работа.“

Мерењето на страста во часови го насочило траењето на работната недела кон континиурана инфлација, до точка во која луѓето всушност си го скратуваат сопствениот животен век и ги загрозуваат другите – понекогаш ненадејно и трагично – во потрага по вечно недостижниот идеал на капиталистичкиот индивидуализам.

Зошто си дозволуваме да живееме така? Ако според етиката „прави-што-сакаш“ задоволството во работата произлегува од самиот чин на производство, тогаш што прават работниците за време на сите оние дополнителни часови кога не произведуваат или не произведуваат доволно добро? Зошто работниците кои се на плата остануваат во канцеларија по истекот на работното време или кога веќе ја преминале точката на планираното производство, самите правејќи се помалку способни долгорочно?

Одговорот очигледно нема никаква врска со економската рационалност, но и тоа како има врска со идеологијата. Иако обичните Ексел табели во одредена мера според изгледот наликуваат на емпириски, објективни податоци за наводната страст на работникот, вистина е дека страста не може да се изедначи со часовите поминати во канцеларија, ниту заради неа е потребно да се претерува. Страста пречесто е изговор за претерувањето кое е прекриено со реториката за самоисполнувањето.

Погрешно поставената логика која ја мери страста во часови се согледува во несовесно извршената работа, а тоа не е нешто што би го дозволил некој кого наводно го обзема страста за сопствената работа. Нагласувањето на страста како вредност меѓу работниците ја намалува важноста на другите потенцијални – навидум очигледни – пристапи на работата кои во поголема мера се однесуваат на квалитетот на самата работа, како компетенцијата и добрите намери.

Страста, претерувањето и 24/7 темпоралноста ги поврзува нешто посилно од потребата за едноставен менаџерски мерен систем. Карл Седерстром и Питер Флеминг тврдат дека природата на работата денес е таква што ги експлоатира работниците не само во текот на нивното работно време, туку и во нивното животно секојдневие.

Работодавачите тежнеат кон искористување на нашите „човечки квалитети како социјалната интелигенција, реципроцитетот, комуникацијата и заедничките иницијативи.“ Тие додаваат дека „традиционалното место во производството – на пример, фабричката подвижна лента – е распрснато во секој агол од нашите животи, зашто денес нашата друштвеност создава вредност за работењето.“

Оваа логика се применува на речиси сите нивоа на работната сила, од директорот како јавно лице на сопствената корпорација, до келнерскиот разговор. Кога на работното место во секој момент се бара лична автентичност, „нашата автентичност веќе не пружа прибежиште од задолжителната извештаченост на канцеларијата, туку го претставува токму оној медиум преку кој работата го цеди животот од нас.“ Ако сите и онака постојано работиме, а дистинкциите помеѓу нашето работно и не-работно себство стануваат заматени, останувањето на работното место еден час или три часа подолго не изгледа како премногу значајна одлука.

А, кога работникот еднаш ќе ја интернализира етиката прави-што-сакаш, тешко е да се каже дали воопшто се работи за одлука.

Илустрации: Jeffrey Alan Love

Извор: http://slobodnifilozofski.com

ОкоБоли главаВицФото