Таинствената трка на стаорците во нашите градови

23.01.2017 03:42
Таинствената трка на стаорците во нашите градови

Милијарди живеат во градовите и на имотите ширум светот, а создаваат метеж каде и да се наоѓаат. Јадат залихи храна, а она што нема да го изедат го загадуваат со изметот и урината. Шират бројни вируси и бактерии. Го загрозуваат опстанокот на другите видови.

„Ги гризаат ѕидовите. Ги гризаат каблите. Ги уништуваат автомобилите“, вели Џејсон Мунши-Саут, биолог од њујоршкиот универзитет Фордам. „Успеаја да стигнат секаде каде што има луѓе.“

Иако е сеприсутен, Ratus norvegicus, е познат и како кафен стаорец, останува таинствен. Научниците имаат само нејасна претстава како од див глодар станал несакан човечки придружник.

Докторот Мунши-Саут и неговите колеги го завршија првото детално проучување на кафените стаорци од целиот свет. Бидејќи полека се ширеле илјадници години, утврдиле научниците, кафените стаорци се растрчале по остатокот на планетата дури во последните три векови. А кога кафените стаорци ќе стигнат во некој град, како што покажува студијата, ги одбиваат сите нови дојденци. Тоа откритие е мошне значајно за човечкото здравје.

Кафениот стаорец понекогаш го нарекуваат норвешки стаорец, но новото истражување потврдува дека се појавил во северна Кина или во Монголија. Пред да ни станат соседи, кафените стаорци се хранеле со диви растенија и ситни животни кои живеат на отворено.

Ратарството во Кина стигнало релативно доцна, но во одреден момент домашниот кафен стаорец пронашол сигурен извор на храна во близина и се преселил и на имотите во селата.

Емили Пакет, научничка која анализирала примероци од ДНК 314 од кафените стаорци од триесет земји, не може да утврди колку долго останале во северна Кина, но во одреден момент се прошириле. Првата миграција ги однела во југоисточна Азија, а подоцна се раселиле на североисток, во Јапонија и Сибир. Други мигрирале на запад и стигнале до Европа во три големи бранови. Тие стаорци можеби патувале по копно или скриени на бродовите што пловеле по должина на бреговите на Азија и Европа.

Новата студија навестува дека кафениот стаорец во светот се ширел побавно од неговите роднини, црниот стаорец и домашниот глушец. Можеби географијата е причина за тоа: домашниот глушец се појавил на Блискиот исток, а црниот стаорец во Индија. Ратарските заедници и трговијата се појавиле во тие области многу порано отколку во северна Кина, па црните стаорци и домашниот глушец први имале можност да патуваат.

Но, во последните три века кафениот стаорец обилно го надоместил задоцнувањето. Како што западноевропските земји колонизирале други делови од светот, така со себе го носеле и кафениот стаорец.

Истражувачите нашле малку докази за генетско мешање. „Нема многу скорешни дојденци кои се размножуваат“, вели д-р Мунши-Саут.

Причина може да биде тоа што кафените стаорци се едноставно злобни и љубоморно ја бранат својата територија. Многу стаорци носат траги од борба со други кафени стаорци.

„Имаат лузни, останале без око или дел од опашката“, вели д-р Мунши-Саут. „Нивниот живот е мошне суров“.

Истражувачите ја изнесуваат теоријата дека првите новодојдени стаорци брзо ги исполнуваат новите градови. Подоцна, кога наводенетите задоцнети примероци ќе излезат од бродовите во градските пристаништа, посилните жители ги бркаат.

Докторот Мунши-Саут смета дека тоа е добро. „Малку е веројатно дека новодојдените стаорци ќе донесат болести во градовите зашто староседелците ги одбиваат“, вели тој.

Ако тоа е точно, тогаш новата студија содржи чуден парадокс. Колку и да ни се гадат кафените стаорци, можеби се нашите најпостојани бранители.

Извор: New York Times

ОкоБоли главаВицФото