Евангелие по Барракактус

23.01.2017 05:13
Евангелие по Барракактус

 

Патувањата на Угљеша Барракактус

 


Барракактус во маркет

Угљеша Баракактус, син на Уго и Румa, работеше во маркет како мерач на зеленчук и овошје. Неколку дена по новата 2017 година кога тој имаше четириесетина години, почувствува повик од Бога додека беше на работа. Чувството не може да се опише, затоа нема ни да биде опишувано, но неговата реакција може да се опише и беше следнава: Барракактус се стаписа на работното место, се загледа во една точка на плафонот, поточно во неонка и не слушаше што му зборуваа луѓето кои направија огромна редица за мерење зеленчук и овошје поради неговата статичност. „Господе, дај ми знак, или нешто друго, што било, кажи ми што треба да направам, кажи ми со зборови!“, велеше Барракактус додека добиваше културни и некултурни забелешки за неговата работа од страна на луѓето кои чекаа ред. Стоеше така сè до моментот кога се слушна на разгласот во маркетот рапав женски глас: „Се моли господин Угљеша Барракактус да се јави на главна каса“, и тој се придвижи кон главната каса, гледајќи кон плафонот и не тргнувајќи ги мислите од Бога. Кога стигна на главната каса го симна погледот кон девојката со рапав глас која работеше токму на таа каса и се викаше Евдохија. Евдохија беше позната во градот како девојка со најубав нос, мажите ѝ го нарекуваа носе, а жените ѝ го нарекуваа „е како да не“. Таа беше менаџер по вокација, и работеше на главна каса како најважна касиерка. „Немој Угљеша, немој повторно. Зошто секогаш вака правиш?“ го запраша таа. „Ах Евдохија, морам да одам, овој пат Бог вистински ме повика“. Барракактус дојде до микрофонот и кажа „Чеда Божји, вратете ги артиклите на место, бубашваби ги лазеле, мандарините се полни со цинк и бакар, ролоните не функционираат баш-баш, сапуните се вештачки, плаќате повеќе за брендот отколку за квалитетот, речиси сите производи се со поминат рок освен туната во конзерва, ама таа е кисела, не бидете луди, Бог има друг план за сите нас! Затоа, тргнете по мене, ќе одиме по патот кој Тој ни го покажува, ќе се најдеме себе и ќе го спасиме човештвото. Следете ме!“ Со сигурен и силен чекор тргна кон излезот, толку силен што плочките напукнуваа под неговите нозе, кога дојде до вратите мораше малку да подзастане за да се отворат и продолжи со исто толку сигурен и брз чекор. Никој не го следеше.

Барракактус во притвор

Откако излезе од маркетот Барракактус реши да се спои со природата, здогледа дрво во еден двор, се прекачи преку оградата и се качи на дрвото. Бидејќи беше дебеличок, не успеа да се качи високо, ама сепак успеа да го гушне дрвото за првата гранка висејќи со нозете. Не ги слушна извикувањата и заканите од страна на домаќинот на дворот, само се впиваше во дрвото и бараше начин да исконтактира со Бог. После еден час се слушна сирена од полициски автомобил, тој звук го слушна ама не го разбра, си рече дека се птици преселници. По две минути двајца полицајци го зедоа Барракактус, не им беше тешко зашто тој беше уморен и едвај издржуваше да виси на дрвото и го однесоа во притвор.

Во притворот Барракактус ништо не зборуваше, само го гушкаше столчето исто како што го гушкаше дрвото, но беше клекнат на коленици зашто столчето беше пониско од дрвото. Бидејќи ваков случај дотогаш немаа видено, го испрашуваа тројца полицајци, а подоцна беше повикан и заменик министерот бидејќи министерот беше настинат, магарешка кашлица, и седеше дома. Но и тој беше присутен преку скајп. Никој не знаеше што треба да се прави во овој случај, се дискутираше дали да повикаат психијатар, дали да го тепаат или нешто трето. Кај Барракактус не најдоа никакви документи, тој ништо не им одговараше, единствено што знаеја за него беше неговото име и презиме од етикетата од маркетот која уште му стоеше залепена на десната страна од градите. Одеднаш Барракактус се тргна од столчето и рече „ова е мртво дрво, некој го убил за да направи предмет за седење. Човекот е толку себичен, ја уништува природата за да седне!“. Таа мисла ги збуни сите присутни, освен заменик министерот кој не слушаше најдобро и не го ни разбра што кажа, ама забележа дека нешто зборува „Кој си ти? Терорист ли си?“. „Јас од Бога сум пратен за нешто, уште не знам за што, чекам знак. Знам само дека секој момент треба Бог да ми се јави и да ми ја каже мојата мисија, да ми каже зошто сум јас на земјава, зашто постојам и на кој начин треба да го спасам човештвото, и да ми каже од што точно треба да го спасам“, одговори Барракактус. „Да го тепаме?“ извика еден од полицајците по седумнаесетминутна пауза. После тоа следуваше уште подолга пауза во која сите молчеа и гледаа во Барракактус, додека тој тажно го гледаше столчето. Најзбунет од сите беше заменик министерот бидејќи ништо не слушна од тоа што се зборуваше, во друг случај му објаснуваа со раце, но овој пат ситуацијата беше толку комплексна што никој не се ни обиде да му објасни. По точно триесет и девет минути министерот мудро изјави „Сецка скајпов и ме нервира, пуштете го, колку што разбрав човекот е верник, а верник не може да биде зол “. Го пуштија. Заменик министерот остана избезумен.

Барракактус во црква

Како и зашто Барракактус замина во црква не може да има логично објаснување, едноставно се случи, некоја сила го натера таму да ја бара божјата волја измислена за него. Излезе од притвор и отиде во малото црквиче „Света Богородичка“. Црквичката беше толку мала што двајца не можеа да влезат во неа, дури и имаше табла пред влезот на која пишуваше „црква за особи 1“. Околу неа имаше мало дворче во кое младиот Поп Даре ја бркаше младата Јасна, велејќи ѝ „Сега ќе те фатам, сега ќе те фатам“, а Јасна трчкаше највесело и врескаше од среќа. Така разиграни не го забележаа Барракактус кога влезе во дворот, сè додека тој не кажа „Добар ден, дал ви Бог добро“. Поп Даре се преплаши бидејќи гласот на Барракактус беше скоро идентичен како гласот на неговата девојка Драгица, со која цела вечер се караа преку смс пораки и ја избутка Јасна надвор од дворот. Кога се сврте и го виде Барракактус толку му олесна, што дури реши да ја ислуша неговата приказна, иако веќе доцнеше на пилатес. Откако го ислуша внимателно за сè што му се случило од маркетот до црквата и размислуваше седумнаесет минути и триесет и девет секунди, кажа: „Доколку ми го кажеше ова на телефон со деведесет и девет процентна сигурност ќе гарантирав дека си Син Божји, ама вака дебел Син Божји, не ми се верува, но сè е можно, чудни се божјите патишта, а има и откачени дејствија, па зошто да не. Очигледно никогаш не си гладувал четириесет дена, но си одел ли по вода? Си излечил слепи? Дали е мајка ти девица?“. „Не знам, не сум пробал да одам по вода, не знам дали некогаш сум сретнал некој слеп, не знам ни мајка ми дали е девица, на таа тема не сум разговарал со неа никогаш, ни како дете, ниту пак сега“, одговори Барракатус. Поп Даре, свесен дека доцни на тренинг, почна да се загрева и со треперлив глас му даде совет: „Не проверувај ништо од тоа, ако си Син Божји ќе ти се каже, а ако си Син Божји ќе имаш многу мисии на земјата и главната ќе ти биде да умреш за нашите гревови. Мајка ти најверојатно не е девица, во ова време никоја не е, а најмалку таа на која се надеваш, ама друга тема е тоа. Би ти кажал сега да влезеш во „Света Богородичка“ ама мислам дека е претесна вратата за тебе. Сега патувај, оди горе на планинава право па лево, твое десно и на седумнаесет метри има една пештера, и не мора четириесет дена да останеш, остани триесет и девет, што има врска, важно е да се преиспиташ и да сфатиш што сака Бог од тебе“. Се прегрнаа и се разделија на две различни страни.

Барракактус во пештера

Зашто не беа најјасни насоките на Поп Даре, речиси половина година Барракактус ја бараше пештерта, но ја најде. Секој ден сè почесто му се обраќаше на Бога. Поминаа четириесет дена. Бог уште не му се јави и тој продолжи да живее во пештера, далеку од цивилизација, цедејќи корења за вода за пиење, јадејќи какви било плодови и сомнителни печурки. Безуспешно се обидуваше да лови птици, бидејќи му беа пребрзи. Така поминуваа месеци, расположението на Барракактус се менуваше, секојдневно, освен што разговараше со Бога почна да разговара и сам со себе, често се караше и се лутеше, повремено го проколнуваше Бог што го нема, па паѓаше тажен и се каеше тивко извикувајќи: „Извини, Боже, лут сум ти дека те нема. Фалиш многу, најмногу“. Понекогаш се мачкаше со кал, си ставаше црви на глава и испушташе чудни звуци, бидејќи така се чувствуваше. Поминуваа години, а Барракактус ослабен со долга коса и брада, продолжуваше да го бара Бога, но не добиваше никаков одговор од него. Од кал си направи вага за мерење зеленчук и овошје и ќе си каснеше од едни печурки во форма на пирамида и си продаваше плодови на замислени пријатели. Потоа ќе ставеше УСБ стик, направен од дрвце во лаптопот од камен и ќе играше валцер со розовата антилопа во риги. По седумнаесет години и триесет и девет дена седење во пештерата, на Барракактус му слета птица на дланка. Ја фати со другата рака и си кажа „Фала, Боже, знаев дека еден ден ќе ме израдуваш“. Зеде камен за да ја усмрти и замавна. Пред да ја удри виде како пополека ѝ трепкаат очите. Сфати дека таа го сака животот и колку и да изгледаше вкусно, сепак ја пушти. Ја крена главата кон небото и силно извика: „Ти ме заебаваш мене“, почна да прави и арогантни забелешки, „Ќе се изживувам јас со Угљеша, дека сум Бог, демек. Можам да правам што сакам и после тоа ќе се кикотам ко некоја баба“. Одеднаш небото се отвори, се појави Бог со лицето какво што сите го знаеме и гласот кој сите го познаваме и кажа: „Барракактусе, престани“. Барракактус го гледаше, му течеа солзи радосници и кажа: „Господе спасителу мој, извини, сто пати извини за мојата забелешка. Еве со години чекам да ми кажеш која е мојата мисија на земјата, те слушам, еве цел сум уво“. „Барракактусе, не замарај“, налутено му рече Бог. Барракактус се натажи и сакаше да каже нешто, но уште пред да ја изговори првата буква, само што ја отвори устата, Бог го претрка и силно извика „Престани!!!“, од далечината се слушна силна молња, и Бог го снема, се повлече во небото.

Барракактус си замина дома, отиде во маркетот и му се заблагодари на Бога што неговото старо работно место е слободно, во меѓувреме се смениле седумнаесет работници на тоа место и секој од свои причини драматично го напуштил. Тој веќе никогаш не го напушти, од зад вагата имаше поглед кон носето на Евдохија и тоа го радуваше во наредните триесет и девет месеци по кои замина во пензија. Повторно се здебели.

Слики: Марк Малруни

ОкоБоли главаВицФото