Чекорите на Груевски стануваат сè поекстремни

23.01.2017 13:31
Чекорите на Груевски стануваат сè поекстремни

Како истекува рокот на Груевски за формирање влада, така неговите чекори стануваат сè поекстремни. Во минатото, кога велевме дека тој е подготвен на сè, само да не оди во затвор, токму на ова мислевме.

Тука треба да имаме предвид три аспекти:

1. Десоросоизацијата, преку расчистување со внатрешните „непријатели“ – граѓанскиот сектор како мошне значаен дел од антирежимскиот фронт;

2. Водење на политика на затвореност кон меѓународната заедница – чија цел не е само укинување на СЈО, туку и постепено намалување и елиминирање на влијанието на држави кои ни биле долгогодишни партнери; и

3. Пораст на екстремистичката реторика, што ќе служи како идеолошка поткрепа за десоросоизацијата и изолацијата од меѓународната заедница. Но, ќе резултира и со уште поголема поларизација на општеството.

Изненадувачки, ама десоросоизацијата им оди поуспешно отколку што очекував – и на полето на кривичниот прогон и на полето на пропагандата. Во моментов, 42 лица и 12 невладини организации се под истрага. Истрагата ја водат Зврлевски, Илиевски (баџанакот на Мијалков) и другиот Илиевски (сопругот на Јанкуловска). Најзастрашувачки од сè е што постои реална можност овие луѓе да завршат во затвор. Без разлика на тоа дека работеле согласно законските прописи (имав прилика да работам за и соработувам со дел од овие организации и од прва рака знам како работат). На Груевски му треба правно покритие за својата битка со ветерницата наречена Сорос и тој нема да се откаже од судска пресуда против организациите. А нашите соборци и соборки ќе бидат само месото кое ќе треба да оди во затвор за да може невладиниот сектор и со пресуда да се прогласи за криминален.

Делот каде можеме и треба да бидеме подобри е справувањето со пропагандата. Ова нема за цел само да ја намали поддршката во општата јавност за невладините организации кои се мета на прогонот, туку и да предизвика раздор во нашите редови. Првата цел се обидуваат да ја остварат преку демонизацијата на апстрактниот, моќен непријател – Џорџ Сорос и сите кои се поврзани со него. Една работа мора да ни биде јасна – ова не е битка против Џорџ Сорос. Ова е битка против невладините организации во Македонија. Гајле ми е за Џорџ Сорос – не го знам, ниту познавам човекот. Ирелевантно е дали се согласувам со дел од неговите идеолошки гледишта. Но за Фондацијата отворено општество, каде работат мои колеги, колешки, соборци и соборки – и тоа како ми е гајле. На сите нас треба да ни биде, не само поради каузата, туку бидејќи таргетирани се организациите и луѓето кои се први да дадат помош на тие на кои им е потребна.

Секој нареден ден, сè поголем број од нас се линчувани во нивните медиуми. На интернет, по весниците, во вестите. А ние се занимаваме со тоа кој колку е платен и кој е „поавтентичен“ протестирач. Без да навлегувам подлабоко, ќе кажам дека – имајќи предвид низ што сè поминаа и поминуваат Владимир Милчин и Фани Каранфиловска–Пановска, мислев дека земаат повисоки плати од сумите кои ги објави Курир. И мислам дека заслужуваат. Исто така, деца имаат и луѓе кои биле мета на Груевски, а кои претрпеле многу полошо од довикување од четириесет метри далечина.

А додека ние се објаснуваме, Груевски и Ахмети со секој час стануваат сè понепредвидливи.

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слики: Били Даркарт