Иднината како обврска

25.01.2017 04:45
Иднината како обврска

Спомнатиот случај со графичарот и професор Јакимовски и неговата непостоечка изложба што некако, со помош на магија, треба да се преземе од Националната галерија во Центарот за култура во Прилеп не е инцидент, туку правило со секоја од тие т.н. годишни програми за финансирање на националниот интерес во културата во Македонија. И слепците кои ги кројат таквите „програми“ се нашиот инцидент престорени во правилото на неспособноста што царува во нашата култура откако заседнаа бандитиве. Ако пак министерката за култура на Јужна Кореја е уапсена заедно со уште тројца функционери затоа што, според обвинувањата, направиле листа со имињата на неколку илјади „неподобни“ уметници и други лица од областа на културата, за да ги оневозможат да учествуваат во програмите финансирани од државата, тогаш нашиве треба да скапат во затвор. Ако тоа во Јужна Кореја се квалификува како злоупотреба на моќта, македонскиве бандити треба да бидат затворени заради истата квалификација, плус лажење, крадење, манипулации, измами … и клучот од занданата да се фрли на неодредено време.

Десет црни години голем дел од македонска култура – освен оние, од газдите милувани повластени поединци – настојчиво нотира дека начинот на поделбата на културниот буџет е партизиран, клиентелизиран, намерно атрофиран, нефункционален, подложен на манипулации, негативно селективен … дека мора да бидат познати членовите на комисиите кои така диригирано ги делат парите, дека секој одбиен проект мора да има соодветно образложение, дека мора да се знаат доделените износи за секој проект одделно … дека дури и одлуките на (партиските) комисии подоцна бирократски се преправаат, дека не смее министерот да има решавчака улога во поделбата на парите, дека ова, дека она … но злосторничкото здружение под фирмата Министерство за култура полна деценија тотално се оглушува на сите валидни и рационални барања на културната јавност. И тоа е сосема доволно за морална, но и криминална осуда, зашто станува збор за тешки манипулации и злоупотреби со државни средства! И тие злосторници можат да бидат индигнирани колку што им душа сака, ама мора да бидат и подложени на сериозна одговорност. За пример, и за правда. Но и за враќање на достоинството на македонската култура! Бидејќи, на крајот на краиштата, најлесно е човек да крене раце и да не конкурира за средства на нивниот „конкурс“ знаејќи однапред каков ќе биде резултатот. Но, тогаш, каква слика за македонската култура добиваме врз основа на така штимуваната годишна „програма“, за каков „национален интерес“ и квалитет говориме? И до каков заклучок ќе дојде некој љубопитен истражувач по дваесеттина години, оценувајќи го нашиот културен развој во оваа декада? Или иднината не е наша обврска?

Односно, по којзнае кој пат можеме да почнеме од почеток и безмалу за секој прифатен проект, во која и да е област, да поставиме легитимно прашање за критериумите на „оценувачите“ и квалитетот на „проектот“, за очебијната партиска обоеност на некој/секој од носителите на истиот, сомнителните партиско-пријателски врски или, најблаго речено, неспоивоста на „проектот“ со флоскулата „национален интерес“ итн. И тоа, се разбира, ништо нема да промени, како што ништо не промени ни во минатото. Ниту пак некој од главните актери се засрами или не дај боже го повлече „проектот“ односно не си ги зеде парите. Како што, впрочем, повторно, по којзнае кој пат, ниту една надлежна институција, ниту една уметничка асоцијација, ниту еден поединец не реагираше на манипулацијата и срамниот избор на македонски претставник за Биеналето во Венеција! Или сите, некако потајно, се надеваат дека утре токму тие ќе бидат избраните среќници, а другите – ќе молчат? Јака надеж, нема што! И многу професионална, секако.

Или можеби навистина мислат дека некој Илиријан Беќири е голем македонски сликар кому треба да му се направи изложба дури и во Македонскиот културен центар во Софија? И дека некој си Саркањац е водечки македонски куратор, а едикојси Мирко Стефановски егземпларен комесар за наше учество на Меѓународното биенале во Венеција, а не вечно лево сметало во оваа култура? Или дека „шефот“ на Македонскиот културен центар во Истанбул, Лилиќ, треба да се занимава со работилница „Детски свет“, а на „госпожа“ Јосифова-Неделковска да ѝ се финансираат дури четири концерти годишно, меѓу кои и во fucking Јукатан? Или, остана ли уште некој сомнабулен испрдок од искривениот ум на Станковски алијас Сарајлија што треба државава да го плати со суво злато? А Маџиров, има уште некое катче во светот каде не отишол со наши пари или сега ќе се преориентира на меѓугалактички поетски фестивали?

Има ли поголем резил за една национална култура отколку фактот што истите имиња, ама буквално истите, ги гледате секоја година во „програмите“ на Министерството за (не)култура, со таа разлика што се менува само дестинацијата односно локацијата на нивните „проекти“?! Има ли, навистина, таква будала во оваа земја која мисли дека ова е најдоброто што можеме да го дадеме во културата?

И никој нема ништо да каже по тоа прашање? Освен Манчевски, се разбира, како културен амбасадор ама на „црна листа“?!

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Diane Meyer

Слични содржини

Општество / Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура / Филм
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура

ОкоБоли главаВицФото