Бајка за лутото суштество

25.01.2017 12:09
Бајка за лутото суштество

Кога ќе се затекнете во некоја од државите во Скандинавија и кога ќе влезете во продавница за сувенири за да се вратите дома со некоја ситница за најмилите, можно е да ве изненади количината шолји, магнети, разгледници и слични нешта со насликани Мумини (Moomins), ликови на сликарката и писателка Туве Јансон, и најпознатото финско семејство.

„Зимата 1939 година беше воена. Моето дело мируваше, беше бесмислено да се сликаат слики. Можеби е разбирливо што одеднаш почувствував потреба да напишам нешто што почнува со – Беше еднаш, одамна... Она што следеше мораше да биде бајка, беше неизбежно, но се уважив и ги избегнав принцовите, принцезите и малите деца, а наместо тоа го избрав лутото суштество со кое ги потпишував своите цртежи, и го нареков Муми“, раскажа Туве Јансон како се создале Мумините. Нејзините Мумини пијат, пушат, па понекогаш и пцујат, преживуваат поплави, активни вулкани и падови на комети – не се карактеристични детски јунаци. За нив создала свет кој бил зона на комфор, убаво наместен, сигурен, полн со воздушести облаци, светилници, дрвја и пештери крај морето, свет на мистерии, непредвидливости и чувствителност. Тој свет бил личната борба на Туве Јансон против депресијата предизвикана од Втората светска војна.

Десетици милиони примероци

Туве Јансен е една од најуспешните детски писателки, добитничка на најголемото признание во таа област – наградата „Ханс Кристијан Андерсен“, а нејзините сликовници се продавани во десетици милиони примероци. Туве Јансон никогаш не стана популарна во Србија ниту на Балканот во онаа мера во која е позната во Западна Европа или, на пример, во Јапонија, иако кај нас се преведени неколку нејзини книги и емитувани се синхронизирани серии цртани филмови.

Родена е во Хелсинки 1914 година во уметничко семејство на Финец и Швеѓанка – вајар и илустраторка, па разбирливо е што цртала уште од малечка. Првата книга ја објавила кога имала само 13 години – Sara and Pelle and the Octopuses of the Water Sprite. Првиот Мумин го нацртала заради расправија со нејзиниот брат за филозофот Емануел Кант. Според нејзините зборови, дотогаш тоа било „најгрдото можно суштество“, за години подоцна да еволуира во слатко и пријателско суштество. Туве, како и нејзините браќа, го продолжила патот на родителите – студирала уметност во Хелсинки и Стокхолм, а потоа во Париз и Рим, за пред почетокот на Втората светска војна да се врати во Финска.

Првата и втората, од четирите книги за семејството Мумини и нивните пријатели, ги напишала во сенка на војната, и мотивите на тага заради раздвојувањето на семејството, бегалците и стравот од бомбите се очигледни и во самите наслови: Семејството Мумини и големата поплава и Кометата доаѓа. „Војната имала големо влијание на Туве и нејзиното семејство. Еден од нејзините браќа, Пер Олов, бил на боиштето. Не знаеле каде е, дали е добро, ни дали се враќа“, раскажала потоа нејзината долгогодишна пријателка и биографка Бол Вестин. Уште тогаш, во четириесеттите години од минатиот век, Туве ја покажува феминистичката црта и неприлагоденоста на општеството во кое живее: „Ова е машки свет. Можам да видам што ќе се случи ако се омажам, ќе станам или лоша сликарка или лоша сопруга, а не сакам да имам деца само за да бидам убиена во некоја идна војна“, наведува во едно од писмата упатени до пријателката. Во истиот период таа е несреќна зашто првпат се заљубува во жена и сфаќа дека тоа чувство не смее да го сподели со другите луѓе, заради законот (во Финска хомосексуалноста била сметана за кривично дело до 1971 година), и заради широко распространетите општествени предрасуди. Повторно под силно влијание на случувањата во приватниот живот, во тој период се создава и третата книга за семејството Мумини – Finn Family Moomintroll (1948), во која преубавиот рубин што го наоѓа семејството мора да остане тајна, како паралела со тајната лезбејска љубов која ја чувствува авторката во тој момент.

Сè што сакам

Преводот на таа книга на англиски значел почеток на популарноста на семејството Мумин, и можност за Туве Јансон во форма на стрип еднаш неделно да објави нова приказна. Стриповите веднаш стануваат инстант хит, во наредните две години ги објавуваат 120 медиуми, и стигнуваат до 12 милиони читатели ширум светот, а тоа Туве Јансон го искоментирала вака: „Сè што сакам е да живеам во мир, да садам компири и да сонувам“.

Во 1956 година на една од забавите Туве ја запознава уметницата Тулики Пилетила Тоти, која ќе стане нејзина животна партнерка, инспирација за нова книга и сопатничка на патот околу светот. Како што Мумините постојано се или покрај или на вода, така и Туве и Тоти градат колиба на мал остров во Финскиот залив, без вода и струја, за непречено да ја создаваат својата уметност кога има убави денови.

Презаситеноста можеби е причина зошто за нова книга за Мумините требало да се чека повеќе од 20 години – расказите и стриповите се објавувале во меѓувреме. Последната книга за Мумините, Moominvally in Novembar, е меланхолична приказна за напуштената Долина на Мумините која ги рефлектира чувствата од приватниот живот на авторката. Овојпат Туве не знае како да се соочи со проблемите и тагата: смртта на мајка ѝ се случила паралелно со создавањето на книгата, па затоа и ја опишуваат како „книга за напуштањето, возрасното сираче и животот во духовна самотија“.

Мотото на Туве Јансон било „работа и љубов“, и едното и другото во големи количини и токму по тој редослед: „Но, ако моите приказни им се упатени на некаков вид читатели, тоа се веројатно оние кои имаат проблем со припадноста, оние кои се на маргините, рибите без вода...“, рече, објаснувајќи дека сакала да ги опишува нештата што ја фасцинираат или плашат и дека главно се фокусирала на семејството во кое постои некаква позитивна конфузија, и на начин на кој Мумините го прифаќаат светот околу себе, а и на тоа дека тие се сложуваат исклучително добро. Го постигнала тоа што го замислила и така создала еден од заштитните знаци а својата земја и, што е поважно, еден од симболите на поп културата.

Извор: Vreme

Слични содржини

Книжевност / Стрип / Култура
Книжевност / Стрип / Култура
Стрип / Култура / Теорија / Историја
Стрип / Култура / Теорија
Стрип / Култура / Историја

ОкоБоли главаВицФото