Новите Европејци (1)

26.01.2017 16:30
Новите Европејци (1)

Ако сте Европеец, особено ако сте Германец, веќе една година живеете среде непријатната јавна дебата за тоа што сè подразбира идентитетот – и како луѓето кои се родени на друго место се вклопуваат во тоа. Кон крајот на август 2015 година, напнатоста заради приливот на бегалци од Блискиот Исток кулминираше. Седумдесет и едно лице било пронајдено мртво во заклучен камион во Австрија откако ги напуштиле криумчарите. Неонацистичките хулигани ја нападнаа полицијата пред едно прифатилиште во Хајденау, кај Дрезден. Кога германската канцеларка Ангела Меркел го посети прифатилиштето за да им изрази поддршка на бегалците, бесните демонстранти ја дочекаа со извиците: „Ние сме народот!“ Ѝ дофрлуваа дека е „курва“ и „глупава ороспија“ и дека е „Volksverrater“, што е израз од нацистичкиот период за „предавниците на народот“.

Пет дена подоцна, на 31 август, Меркел во Берлин ја одржа својата редовна летна конференција за печат. Тогаш сириските бегалци во Будимпешта брзаа во возовите кон Германија. Како и обично, Меркел беше мошне прибрана. Рече дека нејзината влада предвидува доаѓање на околу 800.000 бегалци до крајот на 2015 година. (На крајот, дојдоа повеќе од милион.) Германскиот устав гарантира право на азил, ги потсети новинарите, цитирајќи го првиот член од тој акт: „Достоинството на човекот е неповредливо.“ И навистина, многу повеќе Германци се однесуваа во склад со тоа и им помагаа на бегалците, отколку што ги навредуваа и гаѓаа со камења. „Германија е силна земја“, рече Меркел. „Остваривме многу. Можеме да го направиме тоа!“

Можеби еден ден токму тие зборови – „Wir schaffen das!“ („Можеме да го направиме тоа!“) – ќе бидат гравирани на нејзиниот споменик. Во меѓувреме, тие зборови влијаеја Германија да стане бојно поле на најжестоки јавни дебати на светската сцена. На глобално ниво веќе со децении миграциите растат побрзо од популацијата. Според податоците на Обединетите Нации, во 2015 година во светот имало околу 244 милиони имигранти, односно луѓе кои живеат во земја во која не се родени. Бројот на бегалци, односно луѓе кои присилно ја напуштиле татковината, изнесувал 21 милион, што е најмногу од Втората светска војна наваму. Научниците предвидуваат дека климатските промени ќе го зголемат бројот на бегалци, заради честите суши и зголемувањето на нивото на морето; некои велат дека влијаеле и на граѓанската војна во Сирија, што доведе до сегашниот егзодус кон Европа.

Бегалците пристигнуваат на континентот кој по Втората светска војна вдоми една третина од сите бегалци на светот. Најголемите европски земји, од кои некогаш луѓето масовно емигрираа во Америка, сега имаат население со странско потекло и речиси ист број колку што имаат и Соединетите Држави. Но, нема многу Европејци кои ја прифатиле таа реалност, а уште помалку се оние на кои тоа им се допаѓа. Дури и во Америка, која Џон Ф. Кенеди ја нарекуваше „нација на доселеници“, за имиграцијата отсекогаш владееле поделени мислења. Уште Бенџамин Френклин во 18 век бил загрижен што премногу Германци се доселуваат во Пенсилванија. Зборувал дека тоа се луѓе со „темен тен“.

Германците имаат збор за она од кое се плашел Френклин: Uberfremdung, или „премногу странско“. Тоа е страв дека вашата татковина ќе стане непрепознатлива зашто во неа има премногу странци кои зборуваат странски јазици и се однесуваат на туѓински начин. Искрено кажано, повеќето од нас барем можат да го замислат тоа чувство. Минатата година во Германија некои луѓе јавно и бесно го искажаа тоа. Десничарите во Дрезден и Ерфурт одржуваа ноќни митинзи, со провокаторски говори. Беа нападнати прифатилишта за бегалци, иако тогаш повеќето сè уште беа празни – а само неколку дена пред Меркел да им се обрати на медиумите, пијани насилници фрлија Молотов коктел во детска соба на едно прифатилиште во Залцхемендорф, кај Хановер.

Илиас (лево) и Масил Музауи, 8 и 10 години, Париз. „Имам чувство дека можам да бидам 100% Французин и 100% Алжирец“, вели Масил Музауи. Брат му Илиас се согласува со него. Тие живеат во париско предградие со мајка Французинка и татко - натурализиран Алжирец во Франција, кој вели дека сега помага „да се изгради неговата земја“.

Меѓутоа, значително потивко, но не помалку очигледно, во контекст на историјата на Германија, подобрата страна на човечката природа исплива на површина. Пред 75 години Германците во возови ги испраќаа Евреите во концентрациони логори на исток; сега на железничката станица во Минхен тие топло ги дочекуваат муслиманските бегалци со храна, вода, играчки и насмевки. Во една германска емисија на интернет, што ја следам од минатата есен, новинарка од весникот Die Zeit на своите слушатели им рече дека е сосема во ред да се чувствуваат „опиени од емоциите“ заради таквата трансформација. На тоа друг новинар дофрли: „Пристигнува мамурлакот“.

„Европската Унија е во мошне, мошне кревка состојба“, минатиот април ми рече Михаел Рот, германскиот министер за европски прашања. „Се надевам дека луѓето се свесни за тоа.“ Бранот бегалци, со неуспехот на Германија да ги убеди останатите членки да го следат нејзиниот пример на политика на отворени врати, е главна причина за таа кревкост – на 23 јуни целиот свет стана свесен за тоа кога Британците на референдум изгласаа да ја напуштат Европската Унија. Бегалците не беа непосреден повод – Британија прими многу малку – меѓутоа, анкетите покажаа дека намалувањето на бројот на имигранти кои однадвор доаѓаат во Европската Унија, но од земјите членки, била главната причина „Брегзит“ да добие мнозинство.

Она што се случи во Британија, но и сè поголемото популистичко противење на имиграцијата во другите земји, само ја зголемува тежината на она што се случува во Германија. Дали Германците можат да го надминат своето мачно минато и да станат Willkommenskultur – култура која им посакува добредојде на другите? Ако можат, тогаш во овој свет во кој сè повеќе има имигранти и ксенофоби можеби има надеж за сите нас.

Во средината на седумдесеттите години од минатиот век учев во германско средно училиште во Брисел, во Белгија, а човекот по име Фолкер Дам ми предаваше општествени науки. (Иако сум Американец, татко ми често патуваше службено во Европа, па учев во германски училишта сè до запишувањето на факултет.) Дам беше висок, со кадрава руса коса, со залистоци и остри црти на лицето, под кои се криеше неговата блага, пријателска природа. Ни беше еден од омилените наставници. На неговите часови првпат сфатив што е Холокауст – се сеќавам кога цел час гласно читаше сведочење на еден очевидец од концентрационен логор. Дам е роден 1939 година и имал само шест години кога завршила војната. Неговиот татко, кој исто така бил наставник, бил водач на локалните нацисти во едно село во германската покраина Хесе. Тогаш не го знаев тоа.

Не контактиравме речиси 40 години, но не беше тешко да го пронајдам; во статија во еден локален весник беше спомената неговата волонтерска работа со жртви на злосторства. Почнавме да се допишуваме и дознав дека како пензионер им помагал на многу млади бегалци во тинејџерски години кои без роднини пристигнувале во Германија. Дам ме повика да го посетам Ротенбург на Фулда, гратче со повеќе од 13.000 жители во централна Германија, каде работел најдолго како наставник. Засега, гратчето мошне добро се справува со бегалското прашање, ми рече.

Асад Абдијасиз Дахир, 16 години, Шведска. „Се сметам себеси за Сомалиец и секогаш ќе бидам Сомалиец. Дојдов во Шведска да најдам мир. Шведска е многу добра земја“, вели Асад Абдијасиз Дахир. Во Могадишу бил под притисок да се придружи на милитантната исламистичка група Шабааб, па затоа си заминал. Неговото семејство сè уште е во Сомалија.

И, така, зимоска, едно дождливо утро, Дам и јас се искачивме по излитените дрвени скали во зградата на градското собрание од 16 век сè до канцеларијата на градоначалникот, исто така негов поранешен ученик, Кристијан Гринвалд. Ротенбург е убаво градче со старински, полудрвени куќи нанижани околу плоштадот и по должина на реката Фулда, а тука се и палатата и паркот. Додека поминувавме под високите прозорци на канцеларијата на Грунвалд, ѕвоната од протестантската црква ни потврдија дека сме стигнале точно во 9 часот. Југоисточно од градот, во воената касарна Алхајмер на ритчето над питомата долина, 719 Сиријци, Авганистанци, Ирачани и останати бегалци го почнуваа својот нов ден.

Гринвалд е угледен, зборлив, виток човек, стар 39 години, со жолтеникава коса, со црни очила и ведра насмевка. Откако бил избран за функцијата пред пет години, се обидува да вбризга енергија и да го поттикне развојот на бизнисот во економски заостанатиот град. Веднаш признава дека не ни помислувал на бегалци. Кога на почетокот од јули 2015 година државните власти го известиле дека на 1 август ќе пристигнат стотина бегалци, „веста експлодирала како бомба“, вели Гринвалд.

Околу 700 граѓани дошле во училишната сала на состанок. Од властите слушнале дека касарната Алхајмер за чие реновирање германската војска потрошила 40 милиони евра за потоа да одлучи да ја затвори, ќе стане Erstaufnahmeeinrichtung, установа за сместување бегалци за првите неколку месеци од нивниот престој во Германија, додека трае процедурата за одобрување азил и додека не им се обезбеди трајно сместување. Соопштено е дека главното покраинско прифатилиште во Гизен е преполно. Луѓето спијат надвор, во шатори.

Во салата во Ротенбург атмосферата зоврела. Некој прашал кој ќе го плати тоа. Дали бегалците ќе смеат да излегуваат од касарната, додал друг. Имаат ли заразни болести? „Во воздухот се чувствуваше страв“, вели Гринвалд. „Но, никој не се осмели да стане и да каже: 'Јас се плашам. Не го сакам ова!'“ Никој, вели тој, не сакал да биде жигосан како нацист.

Томас Бадер, покраинскиот секретар за социјални прашања, од своите надредени добил задача да раководи со новото прифатилиште за бегалци. Дошол на 29 јули и наместо канцеларија добил само службен мобилен телефон. Првите бегалци пристигнуваат во понеделник. Бадер го повикува Гринвалд, кој прво испраќа двајца работници, а потоа доаѓа и лично. Тој и Бадер чистат и поставуваат столови и маси во мензата. „Два дена подоцна пред зградата дошле 600 луѓе“, вели Бадер.

Општа мешаница и хаос – но, сè поминало мошне добро. На други места било полошо. „Никој не беше подготвен, никој во Германија“, ми вели Анзелм Шпрандел, хамбуршкиот координатор за бегалци. Минатата година градот Хамбург морал да смести 35.000 илјади бегалци – што е половина од бројката бегалци кои годишно ги прифаќаат САД. „Сепак немавме класично бездомништво, немаше маси луѓе кои спијат на отворено. Но, недостасуваше малку.“ Персоналот на Шпрандел ги сместувал луѓето во празни складишта и на локации на банкротирани фирми, импровизирани контејнерски населби, шатори со греење. Во Берлин многу бегалци биле сместени во училишни фискултурни сали или во хангарот на некогашниот аеродром Темпелхоф. Таму семејствата и групите биле разделени само со пластични паравани.

Семејство Теџимен, Германија. „Живееме овде, родени сме овде, пораснавме овде. Но местото што ми е во срце е Турција“, вели Али Теџимен, 34 (горе, во сина јакна). Неговите баба и дедо (долу) дошле во Германија во 1970-тите како гастарбајтери, кога мајка му (десно) била дете. Семејството, вклучувајќи ја и жената на Али (лево) и двете деца, живее во Берлин. 

Во Ротенбург, Бадер ме води низ долги, чисти ходници во поранешната двокатна касарна, покрај собите во кои некогаш престојувале војници, а во кои сега престојуваат бегалски семејства. Иако сите бегалци плански се распоредуваат и испраќаат во одредени прифатилишта според утврдени квоти на ниво на цела Германија – покраината Хесе е должна да смести 7,3589 проценти од вкупниот број – еден ден пред мојата посета едно шестчлено семејство од Ирак самостојно го нашло патот и стигнало во касарната во Ротенбург. „Меѓу нив се шират приказни каде е добро“, вели Бадер.

Бегалците станаа вообичаена појава на улиците во Ротенбург. Ги среќавам на нагорнината кон касарната, туркаат колички, возат стари велосипеди или носат пластички ќеси. Освен сместување и храна, донирана облека и разни други нешта, тие од државата добиваат 112 евра за возрасно лице и 63 евра за дете. „Парите што ги добиваат ги трошат тука во градот“, вели Франк Цигенбајн, сопственик на локален хотел. „Инаку на Ротенбург би можеле да му кажеме добра ноќ.“ Гринвалд вели дека тоа е претерување, но потврдува дека доаѓањето на бегалците е економска добивка за градот.

Тоа не спречува некои од жителите да приговараат, особено на Фесбук. Гринвалд споменува и што сè им се замерува на бегалците кои го нарушуваат германскиот ред и навиките: фрлаат отпадоци во паркот, возат велосипеди по тротоар.

Но, тука е и непријатниот проблем со личната хигиена во тоалетите. Многу бегалци се навикнати на азиските „чучавци“ и не сакаат да седат на шолја. Гринвалд се качи на својот стол и клекна за да им го долови проблемот. Во едно прифатилиште во Хамбург сретнав мајстори кои носат тоалетни шолји и се жалат дека често се кршат. Во ротенбуршката касарна, каде еден слободен бегалец доброволно со метла го чисти тротоарот, сите санитарни јазли ги одржуваат специјализирани германски фирми – за да се одржуваат како што треба, вели Бадер. Видов една екипа во пластични комбинезони со маски и качулки како одат да го чистат просторот во тоалетите.

Во тоалетите и надвор од нив Германците и бегалците ги дели културолошки јаз за кој засега придонесува и отсуството на заеднички јазик. „Кога станува збор за разбирање на меѓусебните емоции и мисли – сè уште сме на почетокот“, вели Гринвалд. „Кога би имале подобра размена, сигурен сум дека би постигнале нешто историско.“ Тој признава дека не бил особен љубител на Ангела Меркел и дека овој проблем му бил наметнат. Сега ѝ е потполно посветен на целта.

Со неколку поединечни исклучоци, германските социјални и државни служби на кризата реагираа во согласност со очекувањата, што значи добро. Повеќе изненадува тоа што многу Германци вложиле лични средства за да им помогнат на бегалците.

Во градот Дудерштат, во Долна Саксонија, го запознав графичкиот дизајнер и повремен диџеј Олаф Кнауфт, кој минатата година вдомил двајца тинејџери од Еритреја. Еден ден, како што ми објасни, сретнал жена од локалната агенција за млади која му рекла дека има итна потреба од вдомувачи и спонзори за млади бегалци без роднини. Кнауфт има 51 година и две деца. Своите деца самостојно ги одгледувал додека биле тинејџери, сега се постари и веќе не живеат со него. Чувствувал нервоза што ќе живее со странец – и што може да се помисли кога неженет маж вдомува момчиња – но, сепак одлучил да се обиде и да го вдоми Десбеле, 18 годишно момче од Еритреја, инаку коптски христијанин.

Акрам Куџер, 53, Германија. „Луѓето овде живеат во вистинска слобода, можам да го видам тоа, и среќен сум поради нив“, вели Акрам Куџер за Германија. Тој е етнички Курд кој го напуштил домот и фабриката за фармерки во Сирија бидејќи „јас и моето семејство бевме загрозени. Син ми беше војник, па требаше да убива или да биде убиен.“

Се сложувале добро – толку добро што по три недели Десбеле му се доверил на Кнауфт дека има 16 годишен брат Јусуф кој е задржан во Либија. Десбеле бил во контакт со криумчарите. Биле потребни 2.500 евра да се доведе Јусуф до Германија. Кнауфт му ги дал парите на Десбеле. Во јули, тој и Десбеле го зеле Јусуф од автопатот во близина на Минхен, каде што го оставиле криумчарите.

Кнауфт сега има двајца тинејџери. Иако, понекогаш мора да ги опомени да ги изгаснат светлата, да ги измијат садовите по јадење и да ги потсети кој е најстар, воопшто не жали. Десбеле и Јусуф ги нарекува „мои деца“. Неколку дена пред да го запознаам Кнауфт, се покажа дека Јусуф има брат близнак кој е во затвор во Еритреја. Кнауфт платил 1 500 евра за да го извлече од затвор и да го префрли во Судан, каде сега чека за да премине преку Сахара. Тоа е третиот и последен брат, вели Кнауфт.

Тој и јас седиме со Карин Шулте, учителка во пензија која трипати неделно бесплатно ги подучува германски јазик Десбеле и Јусуф. Момчињата одат во средно училиште во посебно одделение за мигранти, а по училиште доаѓаат во кујната на госпоѓата Шулте. Таа ги служи со кафе и бисквити – зашто попладневното кафе е типичен германски обичај. Еден ден, по долго колебање, ги опоменала момчињата дека во Германија не е вообичаено да се пие гласно. Јусуф признал дека неговата баба вели дека ни во Еритреја тоа не е обичај.

Во Ротенбург група пензионирани наставници од Средното училиште „Јакоб Грим“, во која работел Дам со децении, организирале курсеви по германски јазик во прифатилиштето за бегалци. Еднаш таму поминав неколку часови со Готфрид Вакербарт, крупен добродушен човек со седа брада. Бројот на корисниците во прифатилиштето се менува речиси секој месец и Вакербарт не знае кого ќе подучува тој ден. Петмина мажи од Авганистан, на возраст од 12 до 35 години, се издвоија од масата заинтересирани и тргнаа по него. Вакербарт им помага да ја научат азбуката со помош на слики – Б е банана, С е слон и слично.

Семејство Кадер, Германија. „Добро ни е овде, и добро бевме примени“, вели Абед Мохамед Ал Кaдер, 88, глава на 16-члено семејство кое дошло од Сирија пред две години, „но сакаме да се вратиме“. Минатиот февруари тие пристигнале во Берлин и биле сместени во засолниште со 1.500 други бегалци, во голема сала во близина на Олимпискиот стадион. 

До мене седи Сариел, стар 35 години, ситен човек во црна јакна со пердуви; во собата е студено. Набрзо стана очигледно дека Сариел не е писмен ни на својот мајчин јазик. Останатите момци од групата учат и памтат многу побрзо од него. Го гледам како ги препишува буквите како цртежи, црта по црта; му помагам да напише „мама“ и „тато“; помислив како би ми било мене ако морам да ги научам неразбирливите шари на неговиот јазик дари кој го испиша едно од момчињата на таблата под геманското Auf Wiedersehen. Се растажив заради Сариел – не заради долгиот пат што го поминал од Авганистан, туку заради уште подолгиот пат што е пред него.

На овие часови учениците првпат навистина се среќаваат со германскиот јазик – и со Германец кој сака да им помогне. „Кога ќе ги сретнам во градот, велат: 'Здраво, наставнику.' Среќни се што сум ги препознал“, вели Вакербарт. Запознав 43 годишен Сириец кој веќе две години е во Германија и кој поминал шестмесечен јазичен курс. Додека седиме во неговата дневна соба и јадеме колач кој го подготвила неговата жена, сепак мораме да разговараме со преведувач од арапски. Признава дека на негови години е тешко да се биде добар ученик.

Ахмед, како што ќе го нарекувам во овој текст – зашто како и многуте бегалци се плаши дека откривањето на неговиот идентитет би можело да им направи проблем на роднините во татковината – бил електричар во Дамаск. Со семејството прво побегнал во Египет, но таму не се чувствувале добредојдени. Во Германија добил азил, социјална помош и стан во центарот на Ротенбург. Многу е благодарен за тоа. Но, и по две години и натаму е невработен, а тоа му е многу тешко.

„Одам во продавница и го носам синот на училиште. Инаку, воопшто не би излегувал надвор“, вели тој. „Се срамам, можеби некој ќе ме праша со што се занимавам. Го метам тротоарот пред влезот само за да работам нешто“. Ме прашува што мислам, дали би го примиле во пензионерскиот дом бесплатно да го чисти дворот. Ми ги покажува вежбите по германски јазик што ги симнал од интернет.

Трите синови на Ахмед од 16, 14 и 8 години молчат и нè слушаат. Учат во германски училишта, а постарите двајца учат во „Јакоб Грим“. Тие веќе добро зборуваат германски. Најстарото момче има модерно стилизирана фризура и носи тесна маица со натпис „Париз“ на француски и арапски. Вели дека тоа е од солидарност со жртвите од терористичките напади во Франција во ноември 2015 година. Сака да стане фризер и веќе повремено го учи занаетот во еден салон во градот. Средниот брат вели дека можеби ќе го продолжи образованието; наставникот го пофалил дека подобро го знае германскиот правопис од многу Германци. Центарфор е во училишниот фудбалски тим.

 

(продолжува)

 

Извор: National Geographic
Фотографии: Робин Хамонд

ОкоБоли главаВицФото