Параноидна војна против вонземјани од планетата СОРОС

30.01.2017 03:11
Параноидна војна против вонземјани од планетата СОРОС

Четири години по донесувањето на законот за „странски агенти“, неколкуте независни медими во Русија пренесуваат за умртвениот граѓански сектор и кафкијанските проблеми со кои во земјата се соочуваат невладини организации.

Руското министерството за правда досега пререгистрира 145 организации. Законот драконски вели „граѓанските организации кои се занимаваат со политичка дејност треба да се нарекуваат странски агенти“. Со разни проверки и редовни инспекции оневозможена или спречена е работата на секоја НВО што добива макар и симболичен финансиски износ од странство. Јавно или онлајн сите овие организации и институции треба да се именуваат со навредливото „странски агенти“. Многу од нив поради ова ги прекинаа своите благотворителни дејности, а имаше и такви, како „Династија“ на филантропот Дмитриј Зимин, кои беа чисто руски фондации.

Дали со декемврискиот проглас на бившиот премиер Никола Груевски за „десоросоизација“ и со јасно укажаните инструкции во неговото интервју за неделникот „Република“, македонската власт во заминување сака од Македонија да направи таков антиутописки ентитет каква што е Русија? Погодувате, одговорот е потврден, бидејќи, прогласот на Груевски е реакција на разбудениот граѓански активизам во земјата, откако последните избори резултираа во губење на апсолутната власт на ВМРО-ДПМНЕ. Во Русија, пак, репресивниот закон против НВО-и беше прилагодување на режимот на Владимир Путин на возобновеното протестното движење во земјата кон крајот на 2011 и во 2012. Зенитот на репресиите стигна лани во јуни кога беше донесен антитерористички закон со кој руските телефонски оператори се обврзуваат да ги снимаат и меморираат буквално сите разговори во тек на шест месеци.

ОСМИСЛЕНА ПИ-АР СТРАТЕГИЈА

Лесното пенетрирање на термините „странски агент“ (во Русија) или „СОРОС“ (во Македонија) во многу провладини медиуми е осмислена стратегија на центрите на моќта контролирани од власта. По правило, овие термини секогаш се придружени со директни навреди и клевети, како „петта колона“, „соросоиди“, „предавници“, „шпиони“, „уништување на Македонија“ и слично, без објективно информирање и отсуство на изјава или коментар од другата страна, односно од самата организација или фондација, мета на нападот.

Такви примери во македонските медиуми има многу, еве неколку:

-ВМРО-ДПМНЕ: Процесот на десоросоизација отпочнува
-Димовски: Десоросоизација е враќање на демократијата на граѓаните
-Ненад Јовановиќ: Десоросоизација VS. Дегруевизација

Според оваа стратегија, клучните зборови како „странски агент“ или „СОРОС“ треба всушност да бидат еуфеизми за нешто многу пострашно. Тие по правило се пренесуваат и од независните или опозициски медиуми и така кругот се затвора. Со оглед на тоа што во авторитарните земји како Македонија и Русија, поради заробените медиуми, народот генерално се информира од државни или провладини ТВ канали и портали, мнозинството е убедено дека „странски агент“ или „СОРОС“ се, всушност, синоними за „американски шпиони“, „петта колона“, „геј либерали“, „олеснувачи“, „неверници“ и слично. Последователно, секоја НВО или фондација што прима странски донации е инструмент на некаква западна сила за уривање на државата, односно истурена рака на светски заговор против Македонија.

Редакциите, уредниците и новинарите треба да бидат свесни за пи-ар стратегијата за оцрнување на невладиниот сектор и во иднина да се попретпазливи во користење на овие термини во своите публикации. Ад-хок термините како „десоросоизација“ или „соросиоди“ треба да бидат исфрлени од употреба во новинарските текстови, бидејќи тие кованици постојат само во нашиот јазик, на некој начин се „ожаргонуваат“, иако немаат никакво локално, ниту, пак, регионално социо-културно, а уште помалку пак историско, значење.

Односно, тоа не се неологизми, од типот на путинизација, путинизам, или ленинизам, општоприфатени термини чија појава е во контекст на некакви сложени социјални, политички или историски процеси на регионално или светско ниво користени во вокабуларот на разни истражувачи и писатели во нивните анализи, книги и научни дела за овие процеси. Едноставно, внесете „putinization“ и Google дава точни дефиниции за тој термин, почнувајќи од Википедија. Наспорти „de-sorosoization“, каде Google предлага корекции на неправилно внесен збор, со штури резултати само во англиските верзии на македонски портали.

Ова укажува дека Македонија е тотално изолирано општество кое создало свој меур на некаква параноидна војна против вонземјани од планетата СОРОС.

РУСИЈА ДЕНЕС, МАКЕДОНИЈА УТРЕ

Во Русија денес граѓанскиот активизам е замрен на нула, и во науката, културата или социјалата не постојат независни донации. Сѐ што се прави на ова поле е поддржано или од државата или од бизнис структури блиски на власта. Замрен независен граѓански активизам значи незаинтересираност/неучество во политика и апатија кон опозициските напори да се смени нешто во земјата. Исто така, тоа значи генерална аполитичност на граѓаните за решавање дури и на такви локални проблеми како чиста околина или вулгарни реклами за проституција, кои масовно се распространуваат со чкртање или лепење во мега-станбените населби во големите руски градови.

Но, зошто е тоа така? Зошто во руското општество има мал или никаков интерес на јавноста за граѓански активизам? Едно истражување на центарот за истражување на јавното мнение Левада (организација која и самата е прогласена за „странски агент“ и која како и многу други го оспорува ова на суд), откри дека само 20 отсто од испитаниците слушнале за ваков закон, а дека дури 70 отсто едноставно не знаат за него. Додека само 2-3 отсто од населението е најинформирано и знае за што точно се работи.

Сепак, кога пред испитаниците се појавува поимот „странски агент“, Левада укажува дека 45 отсто од нив овие два збора ги асоцира на „шпион од странска разузнавачка служба“, „ЦИА оперативец“, „потплатен козак“, „врбувач“ итн. А, на 7 отсто од испитанците им доаѓаат и други асоцијации како „народен непријател“, “враг на Русија“, или „ренегат“.

Истражувањето заклучува дека во руското општество постои консензус, односно 66 отсто од испитаниците сметаат дека НВО и фондациите не можат да бидат независни од своите странски спонзори, дека странските спонзори реализираат накаква скриена агенда во Русија за поткопување на државата, мирот и стабилноста. Под сомнеж се и мотивите на примателите на грантови, како и можноста за независно остварување на целите кои тие организации ги декларираат.

Оттука, главната задача на центрите на моќ во авторитарните земји како Русија, пред сѐ, нејзините медиуисмски центри, кои се под директна контрола на режимот, е исполнета. Мнозинство од населението негува одбивни и негативни чувства против граѓанскиот сектор. Режимот е задоволен, бидејќи граѓаните живеат во еден постојан аполитичен транс, како во филмот „Матрикс“, без да ги стават под сомнеж авторитетот и политиките на власта.

Со започнатиот лов на вештерки во Македонија, слична цел постои и во визиите на врхушката на ВМРО-ДПМНЕ. Односно да создадат од земјата таква антиутописка и тоталитарна земја каква што е Русија.

Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Скулптури на сликите: Yasam Sasmazer