Во земјата на магијата

23.06.2010 16:24
2007-12-23-henri_michaux.jpg

Земјата на Магијата ја опкружуваат ситни пловечки островчиња. Во секој од нив по еден мртовец. Тој појас од знаци во водата ја заштитува земјата на Магијата, на жителите од таа земја им служи за наслушнување, им го најавува приближувањето на туѓинците.

А потем само им останува да им го сменат правецот и да ги испратат во далечините.

*

Се гледа кафезот, со слуша подлетнувањето. Се забелележува несомнената врева од клунот кој ги колва решетките. Но ни траг од птица.

Токму во еден од тие празни кафези го слушнав најинтензивното папагалско крескање во мојот живот. Се разбира, не се гледаше никаков папагал.
Но каква врева! Небаре во тој кафез да се наоѓаа три, четири дузини:

„... Не ли им е премногу тесно во тој малечок кафез?” - прашав патем, додавајќи му една потсмешлива доза на моето прашање, додека слушав како го изговарам.

„Да ..., - ми одговори отсечно неговиот господар, затоа и тие толку крескаат. Би сакале повеќе простор.”

*

Таа капка вода е почувствителна од куче. Се приврзува. Децата си играат со неа. Лесно станува меланхолична ако не се грижите за неа. Ако ја отфрлите, таа страда и умира. Водните инсекти ја одбегнуваат. Постојат момчиња кои се забавуваат убивајќи ја, поради љубопитност или поради пакост.

Ако мотив им е пакоста, тогаш треба да се чуваат од вкочанувањето (видете го поглавјето за вкочанувањето).

*

На големиот пат неретко се гледа бран, еден бран сосема сам, еден бран одделен од океанот.

Тој не користи за ништо, а не е ниту дел од некоја игра.

Тоа е прашање на магиската спонтаност.

*

Да се пешачи напоредно по двата брега од една река е макотрпна вежба.

Така доста често може да се види некој човек (ученик по магија) како искачува некоја река, одејќи истовремено и на едниот и на другиот брег: премногу задлабочен, не ве ни забележува. Оти она што го прави е префинето и не трпи никаква расеаност. Набргу би се нашол, сам, на едниот брег, а тогаш - каков срам.

*

Тој костим беше скроен за да се изговара буквата „Р”. Исто така имаат и костим за изговор на буквата „Всттс”. Другите пак, можат да ги извлечат од нив, сепак со исклучок на буквата „Кхнг”.

Но цената на тие три костими е значително голема. Многумина, немајќи средства да си ги купат, можат само патем да ги пропелтечат; или пак, тоа го можат само оние кои се многу, многу магиски моќни.

*

Навечер честопати гледате огнови по селата. Тие огнови не се огнови. Тие не согоруваат ама баш ништо. Едвај, но и за тоа е потребно да се премногу распалени, едвај би согореле една кадрица од девица и тоа ако поминува низ самата средина.

Всушност, тие огнови се без топлина.

Ама тие поседуваат таков блескот, што не може да биде досегнат од ништо во природата (сепак послаб од оној на електричниот лак).

Тие пламеништа ве воодушевуваат и ве заплашуваат, сепак без да претставуваат никаква опасност, а огнот згаснува исто толку одненадеж како што се вивнал.

*

Ја видов водата што се воздржува да тече. Ако водата е добро извежбана, ако тоа е вашата вода, таа не се разлева, дури и кога бокалот би се скршил на четири парчиња.

Едноставно таа чека да биде ставена во некој друг бокал. Таа не ни настојува да се разлее надвор.
Дали тука дејствува силата на Волшебникот?
Да и не, навидум не, Волшебникот би можел и да не биде во тек со кршењето на бокалот и со маката што ја има водата за да се задржи во место.

Но, тој не смее да ја пушти водата да чека премногу долго, бидејќи на неа и’ е непријатно и мачно да ја зачува положбата и, без навистина да се загуби, таа би можела да се разлее.

Природно, потребно е тоа да биде вашата вода, а не некоја вода од пред пет минути, некоја вода која штотуку е обновена. Таа би се разлеала веднаш. Што ли би ја задржало?

*

Вратите бијат под вода.

Треба да умееш да ги слушнеш. Така можеш да ја дознаеш блиската иднина, од тековниот ден. Тоа е она што го прават извонредено јасновитките што ги среќаваме на морскиот брег, во очекување на клиенти.
Тие однапред ги слушаат биењата на сите врати низ кои ќе минете тој ден, бројните собитија што ќе ги сторите, и ги гледаат луѓето што ќе се сретнат од едната и од другата страна на вратите и тоа што тие ќе го речат и тоа што тие ќе одлучат.

Тоа е вчудовидувачки.

Дури до ноќта верувате дека живеете еден веќе одживеан ден.

*

Некој зборува. Одненадеж го обзема едно незапирливо кивање, очигледно целосно непредвидливо.

Слушателите сфаќаат: „Го затегнале со јаже”, си мислат и си заминуваат смеејќи се. Тие интерни опомени, што ги упатуваат Волшебниците, одат дури и до спазма, до грчење и до ангина на градите.

Тоа го нарекуваат „затегање со јаже”. Се вели исто така “Силно го затегнале”, без дополнителни објаснувања.
Видовме луѓе во агонија на кои не им фалеше ништо, освен што „ТОА” ги стегнало сериозно.

 

*

Волшебниците ја сакаат темнината. На почетниците им е апсолутно потребна. Тие ги ставаат рацете, ако можам да кажам, во шкафовите, во орманите, во плакарите за долна облека, во сандаците, по визбите, по таваните, по скалилата.

Не помина ни ден кај мене без да излезе нешто необично од плакарот, било крастава жаба или стаорец, тетеравејќи се неумешно и онесвестувајќи се на лице место, без можност да ја спрашти.

Среќававме дури и обесени луѓе, се разбира лажни, кои дури немаа ни вистинска ортома.

Кој би можел тоа да го издржи подолго време? Извесно страхување ме напаѓаше за миг, додека стоев со неодлучната рака на кваката.

Еден ден, една раскрвавена глава се тркалаше по моето сосема ново палто, без воопшто да го извалка.

По еден миг - одвратен - никогаш повторно да не доживеам сличен - пак ја затворив вратата.

Сигурно тој беше почетник, тој Волшебник, затоа што не можеше да направи дури ни флека на тоа толку светло палто.

Но главата, нејзината тежина, нејзиното општо движење, беа имитирани доста добро. Со една неподносливата мачнина, ја чувствував како веќе да ми е падната, кога таа исчезуваше.


*

Детето, детето на главниот, детето на болниот, детето на орачот, детето на лудиот, детето на Волшебникот, детето се раѓа со дваесет и две дипли. Треба да се оддиплат. Тогаш човековиот живот е целосен. Во тој облик тој умира. Не му останува да раздипли ниеден набор.

Ретко некој човек умира а да му останат уште неколку дипли за исправување. Но и тоа се случува. Напоредно со таа операција, човекот зачнува и една семка.

Подолните раси, како белата раса, повеќе внимаваат на зачетокот отколку на одвиткувањето. Волшебникот повеќе внимава на одвиткувањето.

Само оддиплувањето е битно. Останатокот е само епифеномен.

*

Она што повеќето луѓе го прават сè поочигледно, тоа е да го грицкаат својот двојник. Во земјата на Волшебниците, тоа воопшто не е дозволено, ве казнуваат најстрого, потребно е да се поправите што е можно поскоро.

*

Грбавкото? Несреќник, несвесно опседнат со татковство (доволно навлечен на онаа работа, како што се знае, но татковството е тоа, сметаат, за коешто тој има најголем мерак).

За да го утешат, од неговата грпка му извлекуваат еден друг грбавко, сосема малечок.

Чудесно соочување, кога се гледаат за првпат, стариот излекуван, другиот веќе огорчен и обременет со онемоштеноста на сакатоста.

Грбавковците што им се извлекуваат не се вистински грбавковци, излишно е да се каже, ниту вистински џуџенца, ниту пак се навистина живи. Тие исчезнуваат по неколку дена без да остават ни трага.

Но грбавкото се исправил, а тоа не е ни најмало чудо.
Всушност, шокот е неопходен. Шокот е првенствено битен; галванизацијата на единката, која потем е целата растреперена.

Во спротивно, ако грбавкото го гледа со рамнодушност малечкиот излезен од неговата грпка, обидот е напразен.

Би можеле од него да извадите и две дузини а тоа ќе биде без никаков резултат, без ни најмало подобрување за него.

Што да се каже? Е тогаш тој е еден вистински, совршен грбавко.

*

Пред умирање човекот секогаш има два прста. Да тој има само два, два кои сè уште се закачени, два кои треба да се лекуваат, да се масираат, да се оживуваат, бидејќи ако се напуштат - сè е завршено. Болниот нема да го спаси никој дури и ако му се отстрани и самиот корен на неговата мака. Неговата последна ноќ истекува. Не ќе стигне до рогот на денот.


Превод од француски: Владимир Мартиновски

Слики: Анри Мишо

топла препорака :)

топла препорака :)

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото