Пораки од Санденс: Соберете храброст, земете ги камерите, сега сте ѝ најпотребни на Америка

31.01.2017 05:32
Пораки од Санденс: Соберете храброст, земете ги камерите, сега сте ѝ најпотребни на Америка

I Don't Feel at Home in This World Anymore

 

Со доделувањето на наградите, синоќа заврши 39-то издание на филмскиот фестивал „Санденс“. Последниот ден на најголемиот фестивал на независен филм во САД, што во 1978 година, во Парк Сити, Јута, го основаше Роберт Редфорд, го обележаа бројни политички говори испровоцирани од одлуката на претседателот Трамп да ги затвори границите за муслиманите од одредени земји

Наградите за најдобри американски остварувања им беа доделени на играниот филм на Мејкон Блер „I Don't Feel At Home In This World Anymore“ и документарниот „Dina“. За најдобри, во категоријата Светски филм се прогласени „The Nile Hilton Incident“ (игран филм) и „Last Men in Aleppo“ (во категоријата документарен филм).

Филмот „I Don't Feel At Home In This World Anymore“ е режисерски првенец на актерот Мејкон Блер за една жена (Мелани Лински) која, заедно со ексцентричниот сосед (Илајџа Вуд), тргнува во мрачно-комична авантура, барајќи го крадецот што го ограбил нејзиниот стан.

Документарецот „Dina“ е второ остварување на режисерскиот двоец Антонио Сантини и Ден Сиклс („Mala Mala“) и е приказна за Дина Бруно, жена со Аспергер синдром и нејзиниот идеален романтичен партнер, свршеникот Скот.

„Во овој момент кога нашиот свет изгледа како да станува сè помрачен, погрд и поопасен, филмот „Dina“, успева да биде едноставно убав“ – рече комичарот Лари Вилмор, член на жири комисијата.

„Големината некогаш се крие во пукнатните на кои не им обрнуваме внимание и во луѓето што не ги гледаме. Дина и Скот се двајцата најхрабри луѓе што сум ги запознал, Дина е жена што е родена поинаква, била нарекувана ретардирана и била избодена речиси до смрт. Сакавме да направиме филм во слава на нашите различности“, рекоа режисерите.

Dina

Големата награда на жири комисијата за најдобар игран филм, во категоријата Светски филм ја доби „The Nile Hilton Incident“ на Тарик Салех, шведски режисер со египетско потекло. Неговиот трилер се случува во времето на египетската револуција, кога еден полицаец истражува убиство на жена, но она што на прв поглед изгледа како убиство на проститутка, се претвора во многу посложен случај, во кој била вмешана и египетската елита.

Режисерот на присутните им раскажа и една анегдота:

„Од 11 септември, речиси секогаш ме задржуваат на дополнително испрашување кога доаѓам во САД: Денеска се случи нешто невообичаено. Му кажав на цариникот дека имам филм на Санденс и дека вечерва е доделувањето на наградите и тој ми одговори: 'Ќе направам сè да се качите во авионот'. Сакам да ви кажам дека мнозинството не гласало за него (мислејќи на Трамп)“, порача Тарик Салех.

 

Наградата за најдобар документарен филм во категоријата Светски кинематографии, ја доби „Last Men in Aleppo“ на Стин Јохансен и Ферас Фајад, за последните жители на Алепо кои останале во градот и по пет години граѓанска војна, која се уште трае.

„Ние сме Сиријци. Не се срамиме од тоа. Даваме сè од себе и се бориме за слобода на говор, за правда. Веруваме дека и американскиот народ може да се промени и да се бори како нас“, рече Фајад.

Last Men in Aleppo

Доналд Трамп го обележа годинашното издание на фестивалот, не само заради извршната наредба со која на државјаните на неколку мусимански држави им забрани да влезат во САД, дури и ако имаат виза или зелена карта, туку и заради неговото официјално влегување во Белата куќа на 20 јануари, еден ден по отворањето на фестивалот.

Кога на денот на инаугурацијата во Вашингтон се одржа Маршот на жените, беше организиран митинг и во Парк Сити.

На затворањето на фестивалот, извршната директорка на Санденс институтот, Кери Патнам, во својот говор се осврна на потегот на новата администрација:

„Знаеме дека затворањето на границите за уметниците од муслиманските држави ќе го спречи протокот на идеи и инспирации кои се витални за светската заедница. Ние сме со вас и со сите луѓе кои си ги ризикуваат животите за своите вредности или оние кои бараат засолниште од насилството или прогоните, а на кои сега им е забранет влезот во нашата земја“, рече Патнам.

Добитникот на специјалната награда за раскажување од жири комисијата во секцијата Американски документарец, режисерот Џанс Форд, од говорницата ја испрати оваа порака:

„Да го цитирам Ели Визел, 'неутралноста му помага на угнетувачот, никогаш на жртвата. Молчењето го охрабрува мачителот, никогаш злоупотребуваниот'. Понекогаш мора да се вмешаме. Тој момент е сега. Кога ќе си заминеме од фестивалот мора работата да ја земеме во свои раце и да го спречиме колапсот на нашиот народ. Секој од нас мора да биде факел во мракот. Соберете храброст, земете ги камерите. На Америка сте ѝ потребни сега, повеќе од кога било.


Извор: Blic