Далечниот ветер

02.02.2017 01:18
Далечниот ветер


 

На Едит Негрин

 

 

Ноќта е густа. Има само тишина на подвижниот панаѓур. На крајот на бараката човекот покриен во пот, пуши, се гледа во огледало, го гледа чадот на дното на стаклото. Се гаси светлото. Воздухот се чини сопрен. Човекот оди кон аквариумот, пали чкорче, го остава да гори и ја гледа желката што лежи под водата. Мисли на времето што ги дели и на деновите што ги однесе еден далечен ветер.

Адријана и јас талкавме низ селцето. На еден плоштад го најдовме панаѓурот. Се качивме на панорамското тркало, на количките и на рингишпилот. Кутнав оловни фигури, поврзав предмети од кал, истрпев електрични допири и од еден дресиран канаринец добив црвена хартија што ми ја претскажуваше иднината.

Тоа неделно попладне најдовме место што ја овозможуваше среќата; односно моменталниот заборав на минатото и на иднината. Одбив да влезам во куќата на огледалата. Адријана виде една бедна изолирана барака на работ на панаѓурот. Кога се приближивме, човекот што стоеше на портата изрецитира:

– Влезете, господа. Запознајте ја Анамска рака, несреќното девојче што една небесна казна го престори во желка поради неслушањето на своите постари и неприсуството на мисите во неделите. Видете ја Анамска рака. Слушнете го од нејзината уста расказот за нејзината трагедија.

 

Влеговме. Во осветлениот аквариум беше Анамска рака со своето лице на девојче и со тело на желка. Адријана и јас почувствувавме срам што сме таму и што уживавме во понижувањето на човекот и на едно девојче што веројатно му беше ќерка. Кога се заврши приказната, Анамска рака нè погледна преку аквариумот со израз на животно што искрвавува под нозете на ловецот.

– Ужасно е, одвратно е – рече Адријана штом излеговме од бараката.
– Секој заработува за живот како умее. Има многу поодвратни нешта. Види, човекот е вентрилоквист. Девојчето се сместува на колена во задниот дел од аквариумот. Оптичката илузија ти прави да веруваш дека навистина има тело на желка. Едноставно е, како и сите трикови. Ако не ми веруваш, еве те канам да ја дознаеш вистинската игра.

Се вративме. Побарав процеп меѓу штиците. По една минута Адријана ме замоли да ја оддалечам. Кусо време подоцна се разделивме. Потоа се видовме неколкупати, но никогаш не зборувавме за неделата на панаѓурот.

Има солзи во очите на желката. Човекот ја вади од аквариумот и ја остава на подот. Желката си ја вади главата на девојче. Нејзината вистинска уста кажува мрачни зборови што не се слушаат надвор од водата. Човекот заколеничува, ја зема во раце, ја носи на гради, ја бакнува и плаче врз цврстиот и влажен оклоп. Никој не би разбрал дека ја сака во бескрајната самотија што ја делат. Истрајуваат обединети во тишина неколку минути. Потоа ѝ ја става пластичната глава, ја сместува уште еднаш врз глибот, си го придушува липањето, се враќа на портата и продава други влезници. Се осветлува аквариумот. Се искачуваат меурите. Желката си ја започнува приказната.

 

Превод: Фросина Стојковска

Извор: Потекло на зборот, антологија на мексиканскиот расказ, Слово љубве, Скопје, 2015.

Скулптури на сликите: José Manuel Castro López

ОкоБоли главаВицФото