Масовно „црнење“ на белите дробови!

06.02.2017 21:28
Масовно „црнење“ на белите дробови!

За време на новогодишните празници и јануарскиот период, снегот на кратко го прочисти амбиенталниот воздух, па граѓаните од урбаните подрачја за момент подзаборавија на заштитните маски. Воздухот сега надвор повторно смрди. Се случува своевиден екоцид, масовно „црнење“ на бели дробови.

Низ Скопје „пече“ на нос и очи. Чадот и маглата „голтаат“ цели улици, згради и училишта, особено во попладневните и вечерните часови. Некои повторно шетаат со маски, шалови, други не ни излегуваат од дома. Чекаат да го снема загадувањето. Седат со затворен прозор. „Луфтирањето“ со загаден воздух, во апсурдно-духовит манир, многумина по социјалните мрежи го окарактеризираа како обид за самоубиство.

Мерната станица во скопски Карпош синоќа после 22 часот покажуваше над 1.200 микрограми на метар кубен ПМ 10 честички. Тоа значи, часовни концентрации од над 1,2 милиграм, односно 24 пати позагаден воздух од пропишаните европски градници.

Загадувањето продолжи да се чувствува и утрово. Часовните концентрациите на канцерогените ПМ 10 се пониски, но, сепак, високо над границата од 50 микрограми/метар кубен.

Состојба со загадување, часовни концентрации на ПМ 10 околу 10 часот утрово (извор „Мој воздух“)

Најновиот документарец на Центарот за истражувачко новинарство СКУП уште еднаш покажа дека цехот од отровниот воздух кој скопјани го вдишуваат е над 1.000 мртви годишно и економски штети од 250 милиони евра. Укажува и на тоа дека во Скопје годишно се горат 800.000 метри кубни дрва, што го прават градот најзагаден, а воедно и најскап за загревање во регионот. Најмногу домови, околу 120.000 во Скопје се загреваат на дрва.

Но, проблемот е што Скопје нема опција за загревање на гас. Ако се претпостави дека за 30 квадрати се трошат по 6 метри кубни по домаќинство годишно, според пресметките на СКУП, тоа би чинело 18.000 денари годишно, или 600 денари за метар квадратен за една грејна сезона. За разлика од Скопје, околните главни градови се гасифицирани, па за загревање на еден метар квадратен би платиле 2-3 пати помалку.

Колку чини затоплувањето во градовите во регионот – пресметки на СКУП

Познато е и дека на Скопје има проблем и со загадувањето од сообраќајот. Потребата за нови транспорни модели дојде и со неодамнешно истражувањето во склоп на Планот за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух за Скопскиот регион, кое утврди дека сообраќајот е втор најголем причинител за загадувањето (20%), пред загревањето од домаќинствата (32%).

Но, иако скопјани учат да дишат на жабри, а Скопје секоја година се повеќе ги руши рекордите во загаденост, сепак, еколошкиот и одржлив транспорт некако бавно се качува скала погоре кон врвот на приоритетите. Освен 400-500 автобуси, кои треба да опслужуваат околу 140-150.000 граѓани дневно, Скопје нема друга јавна транспортна алтернатива. Скопјани тешко да го видат „Трамвајот наречен желба“ или да се возат во метро. Со проширени улици и неуредена пешачка и велосипедска структура, градот опстојува како монопол за моторизираните возила.

Скопје функционира како еден огромен паркинг што се шири, го „јаде“ и окупира слободниот јавен простор. Се проценува дека градот примарно е проектиран за 250-300.000 луѓе, а сега има околу 600-700.000 жители со свои потреби за движење и транспорт. По донесувањето на мерките за увоз на половни автомобили во 2010 година, пристигнаа 50.000, а во 2009 само 3.000 стари возила. Неофицијално, бројките на регистрирани автомобили во државата е 400.000. Една третина се во Скопје.

Еден обичен скопски сообраќаен ден

Исто така, пробламични се и поединечните обврски на општините кои ги имаат, а често не ги спроведуваат за подобрување на состојбата со амбиенталниот воздух. Легитимно прашање е зошто ако има редовни контроли, инспекции на локални капацитети, зошто тогаш не добиваме редовни извештаи по сајтови на институциите? Нема кадар за ажурирање на сајтовите, или нема воопшто документиран материјал за да се ажурира?
Областа на инспекцискиот надзор е децентрализирана. Во превод – покрај државните инспектори за животна средина, постојат и овластени инспектори на локално ниво под ингеренции на општините. Двата типа инспектори работат по однапред утврдена годишна Програма, а сите инспектори на централно ниво согласно Законот за инспекциски надзор треба да подготвуваат дополнително четири квартални планови во кои детално се обработуваат правните субјекти, т.е. загадувачите кои се предмет на надзор. Плановите се доставуваат на мислење и усвојување до Инспекцискиот совет, а кога се подготвува годишниот извештај следува процес на оценување на работата на секој инспектор.

Ова стои и во официјалните законски решенија и правилници, но како да нема можност јавноста да види што точно е инспекторирано и дали воопшто некој загадувач е санкциониран.

Во однос на приватното греење и сообраќајот, за кои од Инспекторатот за животна средина рекоа се детерминирани како главни загадувачи, инспекцискиот надзор во приватен имот е можно по Закон за управување со отпадот, но единствено доколку е видливо во дворот на некоја куќа дека се складира одреден тип на опасен или неопасен отпад (секундарни суровини). Тврдат во други случаи не е можно да се влезе во приватни станови и куќи да се врши надзор.

Поглед кон згради, куќи и чад во општина Аеродром

„Согласно типот на индустријата, проектниот капацитет има поделба на централно ниво, Град Скопје, општините во Градот Скопје и општините во целата држава. ДЖСП е надлежен за објекти односно индустриски капацитети кои се со поголем проектиран капацитет, како што се Цементарница, Рафинерија, депониите, Балкан Енерџи Груп-Топланите во Скопје, ТЕ-ТО (Термоелектрана и Топлана) исто така под Балкан Енерџи Груп, комплекс на инсталации во стара Железара (Макстил, Скопски Легури, Арцелор Митал итн, дел од нив не се во функција повеќе години). Останатите проблеми од локален карактер ги работат општините “, рекоа од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС).

Од Инспекторатот на неколку пати напоменаа и дека постои меѓусебна соработка меѓу инспекциските служби. Беше споменувана и реализација на Твитинг проектот за зајакнување на административниот капацитет за спроведување на законодавството од областа на заштитата на животната средина. Таму е поместен е предлогот за Закон за инспекција во животната средина, во кој велат се инкорпорирани сите ЕУ стандарди за инспекциите, планирање, известување, обработка на податоци, комуникација, фреквенција на надзори базирани на ризици…

Реномираниот професор Трајче Стафилов со години алармира на најразлично загадување низ земјава. Вода, почва и воздух се загадува главно од 16 еколошки точки. Од Топилницата во Велес има историско загадување, од кое денешните генерации јадат затруени зеленчуци, а идните генерации ќе продолжат да дишат од тешките метали кои се емитираат од почвата. За Југохром и РЕК Битола, пак, многумина веруваат дека се меѓу врвот на загадувачи. Во кругот на скопски Охис се наоѓаат над 30.000 тони канцероген отпад, полн со линдан Но, тоа не е се’. Загрижувачки се и дивите депонии, кои ги има стотици низ Скопје и неконтролирано се палат, а притоа согоруваат диоксини и фурани, едни од најточните супстанции воопшто.

„Според инвентарот што го изработуваме веќе неколку пати во Македонија (според Стокхолмска конвенција Македонија е должна да изработува вакви инвентари) по број на жители ние сме водечки во државата. Никако да почнеме сериозно со изградба на регионални депонии. Многу се скапи изградбите на депониите, но тоа е едно од решението сериозно да ја намалиме емисијата на овие штетни супстанции“, рече Стафилов при неодамнешна презентација.

Според Драган Ѓоргев од Институтот за јавно здравје, во Скопје од октомври во март треба да функционира во вонредна состојба, регулирана со посебен закон. Односно, сите препораки треба да бидат законски мерки.

„Прво, треба да се донесе посебен закон за загадувањет на воздухот во Скопје и другите градови. Нема веќе препораки, мора наредби. И со рестрикции на сообраќајот, и со беспрекорно чистење на улици, и со промена на греењето. Граѓаните мора да се снабдат или со евтино греење, или да се гасифицираат, или да се снабдат со енергетски ефикасни печки. За тоа мора да има пари, без оправдувања. Ако нема надлежност, може да се промени закон. Мора да ги видиме буџетите на општините со висока ставка за аерозагадување, а не само декларативно. Само така ќе се увериме дека има мерки“, рече Ѓоргев на последниот протест против загадувањето во Скопје.

На тој протест граѓаните до градската и централната власт испорачаа близу 20 барања, односно мерки за справување со смрдливиот воздух. Меѓу нив се и барања за воведување на пар-непар за моторните возила, забрана за движење на возила без катализатори за издувни гасови, бесплатен градски превоз цела зима, обезбедување на бесплатен огрев за граѓаните кои се грејат на гуми и други штетни материи, запирање на сите градежни работи во Скопје, набавка и бесплатно делење велосипеди…

Од последниот скопски протест против загадувањето

Исто така, побараа новиот Парламент да донесе закон за забрана за уништување на било каква вегетација – кој ќе исече дрво или уништи парк да добие затворска казна од 10 години.

„Новиот парламент да се донесе законска регулатива според која доколку загадувањето ја надмине пропишаната нормала веднаш да мора да се преземаат мерки. Стопирање на сите непотребни трошења за луксузирања (панорамско тркало, боемски улици, стиропорни фасади….) и пренамена на парите за заштита на населените, лечење на болните поради загадувањети и мерки за подобрување на состојбата и решавање на жариштата за загадување (Линданот во Охис, насобраниот одпад во кругот на велешка топилница и други слични потенцијални еколошки бомби)“, стои во барањата на граѓаните, кои најавија и нови протестни собири, но и колективни тужби доколку надлежните не ги сфатат сериозно овие мерки.

Во екот на протестите, скопските градоначалници се сретнаа и се договорија да се договорат за нови мерки. Притоа, градоначалникот Коце Трајановски ги повика граѓаните, но и градоначалниците, сите надлежни служби и централните власти – сите заедно да се ангажираат и вклучат во заштита на амбиенталниот воздух од загадување. Во екот на аларматна состојба, и протести со политички барања, тој повика да не се меша политика.

Последно, министерот за животна средина и просторно планирање, Башким Амети на 25 јануари до владата предложил мерки за намалување на загадувањето на воздухот. Засега нема одговор на предлогот за воведување на сообраќаен режим пар-непар, а сите државни и јавни институции за 50 отсто да го намалат користењето на службените возила.

Извор: Радио МОФ

Слични содржини

Општество / Јавни простори / Став
Општество / Јавни простори
Општество / Активизам / Јавни простори
Општество / Јавни простори
Општество / Јавни простори

ОкоБоли главаВицФото