Груевски е тој што ја спречува „десоросоизацијата“!

07.02.2017 05:10
Груевски е тој што ја спречува „десоросоизацијата“!

„Десоросоизацијата“, лепотани и лепотанки мои, беше наголемо почната кога Груевски дојде на власт во 2006-та! Но, пустиот Пастир, самиот ја спречи, и ги врати клетите странски пари и мрачните сили назад во нашата библиска земја! А како тоа? Е па, ќе ви каже сега убаво Младичот, преубави мои!

Имено, сите големи донатори, УСАИД, Фондацијата Отворено Општество, Швајцарците, Холанѓаните, Швеѓаните, Норвежаните…. во тие години, поради евидентниот напредок на Македонија од пост-конфликтно општество во земја кандидат за НАТО и ЕУ, ги скусија драстично нивните фондови.

Направија дури и излезни стратегии за напуштање на земјата, која се сметаше за прилично консолидирана демократија. Ограноците на меѓународните фондации, со солиден и стручен домашен кадар, наголемо се трансформираа во локални организации. Се размислуваше за тоа како да се премине на одржливост на граѓанскиот сектор од локални ресурси, се подготвија иницијативи и закони за невладините, за донирањето, волонтирањето… Пред Македонија беше и перспективата на претпристапните фондови на ЕУ, стотици милиони евра неповратна помош (а не кредити), кои ќе ни помогнеа бргу да напредуваме кон развиениот свет.

И тогаш, дојде на власт економистот и демократот Груевски. Наместо со економија и евроинтеграции, почна да се занимава со „кумство“ – менуваше имиња на автопати, стадиони, аеродроми. Го испровоцира ветото во Букурешт, го врати прашањето на името под лупа, и ги заглави евроинтеграциите.

Останатото потоа го знаете. Наместо напредок и економија, добивме криминал и урнисување на демократијата. Во кредити и долгови до гуша, но со усти полни фалби за странските инвеститори кои вработуваат луѓе, чии придонеси ги плаќа државата, односно сите ние! А, да не ги заборавиме и оние гигантски инвестиции кои се најавуваа по неколку пати, некои дури и со силни кампањи како во случајот на знаменитиот Субрата (кој барал низ светот земја без корупција и ја нашол Македонија), како и други ПР циркуси, турнеи и „роуд шоуа“! И секако, општа деградација секаде и во сè, во владеењето на правото и судството, администрацијата, човековите права, меѓуетничките односи, образованието, здравството, животната средина, економијата, безбедноста…

Ете така Грујо ги врати „мрачните сили“ во Македонија, и ја спречи „десоросоизацијата“, на која толку ревносно повика во Прогласот на неговата партија непосредно по изборите! Му пречат странските пари, од кои градеше училишта, патишта, канализации, обучуваше наставници, административци, додека нашите пари власта ги трошеше за трупање на гипс-картон, бронза, стиропор, но и на сметки по разно-разни светски дестинации за крадени пари.

Сакате „десоросоизација“? Лесна работа, најлични мои. Ќе има „десоросоизација“. Но, прво треба да има свесност, солидарност, правда, одговорност, почитување на човековите права, еднаквост, демократија. Треба да станеме доволно силни за да можеме сами да се справиме со нашите предизвици, без помош на нашите меѓународни пријатели, кои истурија милијарди евра и долари за да ни помогнат, во многу аспекти. Но, за тоа, треба на власт и во политиката да го нема Пастирот, и таквите како него. Како за почеток.

Извор: civil.org.mk
Слики: Били Даркарт