Градскиот очув од Плутон

09.02.2017 10:31
Градскиот очув од Плутон

1.

„Вие дали знаете колкаво беше претходно загадувањето, кога топланите работеа на нафта?“ – подготвено и со некоја чудна смелост својствена на тој тип протуви прашува нашиов мужик кој толку години глуми градоначалник на Скопје. И дури осилен, продолжува: „Дали знаете колку било загадувањето кога Клиничкиот центар работеше на нафта?“, „Дали вие знаете …“ – настојчив е сељакот кон новинарката како таа да е виновна за енормното загадување во Скопје, а тој како да е паднат овде од Плутон со задача да нè спасува од полуциите што ги произведуваат неговите пајташи од власта – локална и централна. И се внесува во микрофонот, уште да почне да мавта со прстот и да се заканува дека ќе и’ пише единица на новинаркава. „Па не знаете, не ви одговара да знаете“, на крај „соломонски“ заклучува капиталецов, небаре има докторска дисертација по психологија и аерозагадување – две во едно!

И нормално, новинарката замолчува, уште малку па виновна, а овој ќе ја тепа, се повлекува, веројатно мислејќи дека против простотијата не можеш со добро. Ама тоа е уште еден проблем на македонското новинарство: се повлекува пред неписмениве насилници, дозволува дури да им држат лекции по знаење и незнаење, по поведение, по стручност…

И никој на таа прес конференција, барем во делот што имав можност да го видам, не му противречи на невоспитаниов „градоначалник“, никој немаше дополнително прашање дека нив не ги интересира што и како било – можеби се премлади да знаат, во крајна линија – туку дека тоа е негова работа, цели два мандати, да објаснува, па дури и да се правда, а не да прашува како селски учител.

2.

Ама на тој ист недоделкан градски очув израснат којзнае во кое свирипичино и инсталиран во Скопје со цел да го уништи докрај градов, не му текнува дека има и луѓе кои паметат повеќе и од него. И кои можат валидно да му одговорат.

На пример - бидејќи никој друг доброволно се не јавува – еве, јас се сеќавам на времето „кога топланите работеа на нафта“. Имам една на стотина метри од куќата во која што живеам веќе педесетина години. И не беше многу пријатна глетка црниот чад што се извишуваше (главно навечер, во најглувата доба на ноќта) од оџакот. Ама, за живо чудо, мене не ме печеа очите како денес, немав таков иритациски проблем. Има ли, можеби, „стручњакон“ објаснение за тоа? И никој од тогаш поблиското или поширокото опкружување не се жалеше на респираторни проблеми, на кожни инфекции и алергии! Има ли, можеби, нашион градски очув објаснение и за тоа?

Точно дека тогаш немаше мерни инструменти, ама има ли подобар мерен инструмент од човечкиот организам? Или сељакон не чул за тоа, тој верува само на неговиот партиски штаб? Мене, како и на многумина други поосетливи, ни денес не ни треба податокот за нивото на загаденоста во градов зашто тој „податок“ ни го дава самиот организам со реакциите / манифестациите: печење и сврбеж на очите, отежнато дишење, кожни алергии … Има нешто да прокоментира „стручњакот“? Или тоа им се случува само на другите, на оние кои не гласале за него и пајташите му? А неговите се имуни?

3.

И кога такви типуси како Трајановски сакаат да изгледаат умни наспроти природната им глупост, потегнуваат и „аргументи“ од типот на греење на дрва, пар-непар и слични будалаштини. Па во времето за кое што говорам, во времето „кога топланите работеа на нафта“, повеќе од половина град се грееше на дрва! И повторно немавме – барем не толку видливи, очигледни – здравствени проблеми. И кому тој продава шарена лага за загадувањето од печките на дрва? А среде лето, од кое тоа огревно дрво доаѓа загадувањето? Или скопјани, како прилично глуп народ, и лете се греат – на дрва?

И како никој, особено тој, никогаш не ги спомнува оние илјадници автомобили стари како метузалеми, што кружат низ градов со дозвола за увоз и употреба токму од неговите пајташи од власта? Како, и зошто, никој како мерка не предлага забрана за употреба на автомобилите постари од, на пример, 15 години, барем во централното градско подрачје? Или така ќе изгубат многу гласачи, од оној „народ“ страден за сендвич? А оние нивни „инвестиции“ околу Скопје, па разноразни погони и погончиња кои што никој не ги гледа – тие не загадуваат ли? Или тие се нивни, па со тоа се и изземени од проблемот?!

И зошто никој не ја прашува оваа будала дали таа знае што сè во поглед на загадувањето можеше да направи со оние 600 милиони евра што ги фрлија низ Вардар за шизоидното „Скопје 2014“? Или со оние 18 милиони евра што планира дополнително да ги фрли за Панорамското тркало за да ги задоволи инфантилните пориви на газдата му? Со тие пари ќе се направеше најдобар еколошки град во светот наместо оваа „барокна“ паланка! И тогаш, токму преку ноќ – како што вели шутраков – ќе се решеа сите проблеми на градот, па и еколошките.

А впрочем, изгледа тој Плутон е навистина чудна планета каде што ноќта трае цели осум-девет години и човек ништо не може да реши, па ни загадувањето!

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Били Даркарт

ОкоБоли главаВицФото