Ни истече ли времето?

09.02.2017 13:07
Ни истече ли времето?

„Идејата дека ние треба да ја одржуваме во живот Македонија само затоа што некој пред 30 години одлучил дека е тоа најдобрата реконфигурација која треба да произлезе од дезинтеграцијата на Југославија, не е разумно оправдување дека оваа идеја мора да опстои“, изјави некни американскиот републикански конгресмен Дејна Рорабакер.

„Жалам што морам да кажам но (Македонија) не е држава. Тие се толку поделени што нема да можат да живеат заедно (get along together). Според тоа, Косоварите и Албанците од Македонија треба да станат дел од Косово. Другиот дел од Македонија треба да стане дел од Бугарија, или б која ило држава за која ќе речат дека ѝ припаѓаат“.

Од некогашен студент, сега вработен во портал на албански, барам прво тој да ја коментира изјавата на конгресменот. Вели: „Шокантно“. Мојата студентка од радио Слободна Европа, која претходно се јави, мислам, би го споделила неговото мислење.

Признавам, јас воопшто не сум шокиран. Не сум шокиран затоа што ништо во домашната и во меѓународната политика не е дадено еднаш за секогаш. Сè е во перманентна промена. Се менуваат состојбите дома и во светот, се менуваат надворешните политики. Политиката на нашиот најголем поддржувач САД, е на прагот да се промени. Можеби сега ќе почнеме да разбираме дека вистинскиот предизвик за секоја држава не е толку денот на независноста, колку она што потоа ќе следи: да докаже дека е способна да преживее.

Прашањето кое што нашите загрижени пријатели на Западот најчесто ми го поставуваа на почетокот од деведесеттите беше: Дали може Македонија да биде самоодржлива (a viable state). Мојот одговор беше дека, како дел од евроатлантските интеграции, ќе станеме таква држава. Знаев дека несреќната федерација турната во меѓуетничко крвопролевање моравме да ја замениме со европска интеграција, дека нашата осигурителна полиса за тешки времиња е НАТО и не ми паѓаше на памет дека 26 години потоа ќе се убедуваме околу овие прашања. Знам, одговорот од неуките и мрзеливите ќе биде дека други ја изолираат Македонија од евроатлантските интеграции. Тие, имено, никогаш не разбраа дека токму во таков свет, во реалниот свет, треба да успееш. Во идеалниот свет, мислам на оној кој не постои, има и опција да седиш во место додека проблемите не исчезнат. И повторно, во реалниот свет, не ретко, побргу ти ќе исчезнеш отколку проблемите кои не си во состојба да ги решиш.

Така, четврт век надвор од интеграциите, го папсавме македонското општество. Нашите институции се западнати во апатија и ја немаат потребната енергија за една самоодржлива земја. Ние, имено, одбивме да се натпреваруваме со Европа и да победиме според нејзините правила. Ние сакавме да играме според нашите ориентални правила во кои нема ризик, има само личен ќар и општа штета. Тоа е доминантната состојба на нашиот ум. На ова дереџе дојдовме така што секоја нова генерација политичари и интелектуалци секогаш мислеше само за тоа што би можеле да земат од државата, а никогаш што би можеле да дадат.

Некни, еден американски републикански конгресмен, ја нарече нашата истоштена држава толку поделена што повеќе не вреди да се одржува во живот со надворешна поддршка. Не ни останува премногу време за да докажеме дека знаеме и поинаку. Дека знаеме да се обединиме околу правите вредности и да тргнеме напред. Зашто, само да повторуваме дека нашата држава е на правиот пат кон НАТО и кон ЕУ не е доволно. Потребно е и да се движиме кон целта, оти ризикуваме нашата држава да ја прегази времето.

Извор: Плусинфо
Фотографии: Томислав Георгиев