Paloma Negra

11.02.2017 12:43
Paloma Negra

Paloma Negra

На раскрсницата Рекорд
спие една скопјанка -
Палома бјанка
е повеќе од зграда.
Некој ќе ѝ облечел
тантелав фустан,
многу била гола,
модерна и сива -
на жена не личела!

Доцна во ноќта
се обиде да мрдне,
но каде ли ќе тргне
без куфер и збогум?
Каде ли ќе бега зграда
кога нозете ѝ се темели
длабоко во градот?

Сега,
скелиња ја чешаат
по кожата стаклена,
раце нема
да ги смачка ко комарци.
„Опинци те газат“ -
ѝ кажа друга зграда,
облечена веќе
во тантели свадбени.
Палома бјанка
полусвоја
полугола
полумртва
липа на сред улица.

Случајни минувачи
гледаат од страна.
Слепи пред
уште едно силување,
тивко ќе промрморат:
„Сама си го бара“!

Ѓубреџија

никој не го сака
своето
ѓубре.

Луѓето тука
имаат кеси полни кеси
пластични
само за отпад.

Контејнерите се сиви,
во нив шарени мачки,
околу нив гладни луѓе.

Ѓубрето паѓа
и тече низ улиците на градот
сив како канта.
На ѓубрето му трескаме врата.

Камионот кој смрди
е полн
фрлен живот
и луѓе во портокалово.

Покриј го носот, доаѓаат ѓубреџиите! -
Мајката ѝ вели на ќерка си.
Девојчето стои
на ќошот
и не покрива нос.
Смело фрла насмевка
кон човекот потонат во ѓубре.
За неа
тој е херој.
 

2017

По улици
во скопје
бездомници
спијат на весници
а се будат на страници
во жални вести.
На клупи
станаа споменици –архиви
на десет години зима.
Што зема студ,
а што блуд и лудост.
Ние кои на парно
пишуваме поезија,
за арно,
цивилизацијо!

Слики: Тамара Забазноска

Слични содржини

Јавни простори / Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото