Фанатици и правници

13.02.2017 00:35
Фанатици и правници

Секогаш кога ќе почне некаква дебата за промени во македонското општество, имам голем уплав од две групи луѓе: од фанатиците и од правниците. Од фанатиците затоа што не го менуваат мислењето, а одбиваат да ја сменат почнатата тема на разговор, а од правниците затоа што на правната норма гледаат како на волшепство со кое може да се одбрани статус квото од силите на промената.

Она што ме радува е дека иако кај фанатиците нема исклучоци, кај правниците сепак не е така. И во Македонија има правници кои би се согласиле со мислењето на славниот американски судија Холмс дека „уставот е еден експеримент, како што целиот живот е еден експеримент“. Но, се плашам дека таквите се ретки. Зошто? Затоа што ние професорите кои сме или биле привилегирани со платено време и кабинети, кои други ги чистат и ги одржуваат, само за да ни се обезбеди време да мислиме, да пишуваме и да зборуваме, никогаш не сме биле повикани на отчетност за тоа како му се оддолжуваме на општеството. И повторно, зошто? Затоа што во Македонија така се разбира академската слобода.

Од таквата привилегирана позиција, често слеана со привилегиите кои ги нуди власта, лесно е да се разбере зошто нашата правна наука скоро целосно се исцрпува со упорното потсетување на граѓаните на нивната морална обврска да го почитуваат уставот и законот. А што станува со морално право, ако не и морална обврска, да се практикува граѓанска непослушност во услови на неправда? Слушајќи ги нашите правници публиката не може да разбере дека постои и една друга димензија на правото, имено, дека правото може да биде инструмент за зачувување на моќта и на привилегиите на определена класа, раса, етничка група или просто една група на власт.

Еден поглед врз светската историја на народите лесно ќе ви покаже дека повеќето закони, иако донесени во името на правдата, поддржувале разни форми на неправда. Ќе ни покаже и дека само површното разбирање на улогата на правото може да каже дека правниот систем нè брани од анархијата, без да се предупреди дека неправеден устав и неправедни закони се исто така опасни извори на анархија. Па зарем ние во Македонија ништо не научивме за неправеден устав и за неправедни закони од искуството со 2001 година?

Фанатиците никогаш не учат, правниците учат само кога, во името на правдата, ќе соберат храброст да се спротистават и на волјата на мнозинството изразена преку политичките репрезенти. Зашто, „нетолерантно мнозинство, контролирано со страст или со страв, станува средство преку кое демократиите ги губат своите слободи“, ќе запише еден друг американски судија, Брендеис. Таквото мнозинство носи и неправедни одлуки со кои, се разбира, не може да се брани правдата, па улогата на судијата во одбраната на слободата станува незаменлива.

Затоа, во интерпретацијата на правото, правниците не смеат никогаш да заборават на идеалите какви што се оние запишани на знамето на француската револуција: слобода, еднаквост и братство. Се разбира, таквите идеали никогаш нема да се реализират во некаква совршена смисла. Тоа, конечно, не е ниту смислата на идеалите. Тие се само патокази кон целта без кои се губиме во лавиринтот на правните норми.

Извор: Плусинфо
Слики: Игор Скалецки

ОкоБоли главаВицФото