Да го наречеме тоа американизам

16.02.2017 14:31
Да го наречеме тоа американизам

„Да се пороби Америка со таков хокус-покус! Да се заробат духовите на најголемата нација на светот не изустувајќи ниту еден вистински збор! О, какво само задоволство му пруживме на најзлобниот човек на земјата!“ Тоа се зборовите од крајот на романот на Филип Рот „Заговор против Америка“ од 2004, но би можеле да бидат напишани и денес - изборот на Доналд Џ. Трамп за претседател на САД е толку неверојатен.

1944 година во Њујорк Тајмс се појави статија на тогашниот потпретседател Хенри Валас под наслов „Американски фашизам“. „Фашист е оној“, пишува Валас, „чијшто копнеж за пари и моќ е здружен со многу силна нетрпеливост кон луѓето од други раси, партии, класи, вери, култури, региони или нации, која го прави безобѕирен во прибегнување кон измама и насилство како средства за постигнување на сопствените цели“. Валас предвидувал дека американскиот фашизам ќе стане „навистина опасен“ само ако се формира „наменска коалиција“ помеѓу здружените капиталисти, „трујачите на јавното информирање“ и „демагогијата по примерот на ККК“. Оние кои ја бранат администрацијата на Трамп инсистираат на тоа дека не станува збор за фашизам туку американизам. И тоа беше предвидено: во 1938 година известувач на Њујорк Тајмс предупредил: „Ако некогаш фашизмот дојде во Америка тој нема да ја носи етикетата ’Made in Germany’; неговиот симбол нема да биде кукастиот крст; дури нема ни да се вика фашизам; секако, ќе се вика ’американизам’“.

Денес романот на Џорџ Орвел „1984“ е прв на листата на Амазон, додека „Извори на тоталитаризмот“ на Хана Арент од декември 2016 се продава 16 пати повеќе од обично. Начинот на кој администрацијата на Трамп го користи новоговорот (со зборовите на Орвел, „смислен да го намали распонот на мислењето“), нејзината склоност кон „алтернативни факти“, предизвикаа кај читателите желба повторно да нурнат во историјата и во неа да побараат не само објаснувања, туку и решенија.

Фикцијата може да ни понуди не само алтернативни факти туку и алтернативна иднина. Таквите приказни ги нарекуваме „противфактографски“; тие ни зборуваат за она што би било ако историјата тргнела во други правци. Романот „1984“ бил визија на Орвел за повоениот фашизам, додека „Прекрасен нов свет“ на Олдос Хакси, напишан 1932, во време кога европскиот фашизам почнал да се консолидира, пружа една дистописка визија во која граѓаните на „Светската држава“ им се молат на одамна умрените богови на технологијата („Со верба во Форд“), а се забавуваат со тактилоскоп (feelies по аналогија со talkies - говорните филмови). Книгите се укинати, а и онака никој повеќе не сака да ги чита.
SLIKA

Книгите се непријатели на тоталитарните режими, затоа тие и сакаат да ги палат. А веројатно многу нешта можат да се научат од Орвел, Хана Арент, Ели Визел, Александар Солженицин и многу други писатели од минатиот век кои се појавиле во време на модерниот тоталитаризам. Утешните приказни за поразот на нацизмот се секогаш добредојдени, но да ги погледнеме оние помрачните. Романот на Лен Дејтон „SS-VB“ од 1978 година, приказ на алтернативната историја во која Битката за Британија завршува со пораз и Германија ја окупира Велика Британија, се адаптира за Би-Би-Си, а се снимаат и нови продолженија од верзијата на Амазон на романот на Филип Дик „Човек во високиот дворец“ (1962), во кој се замислува светот по победата на силите на оската. Заплетот на тој роман почива на пропагандните филмови полни со „алтернативни факти“.

И покрај американското инсистирање дека „кај нас тоа не може да се случи“, многу писатели јасно покажале дека може. „Приказната на слугинката“ (1985) на Маргарет Етвуд, каде се зборува за технократските женомрасци кои преземаат контрола над Америка, е една од најсилните опомени во модерната проза. Често се цитира нејзината формулација на аргументот кон кој прибегнуваат авторитаристите ширум светот: „Не постои само една слобода... постои слобода за и слобода од“. Параболата на Маргарет Етвуд е објавена една година откако Роналд Реган го донесе „Global gag Rule“, со што беше ограничено финансирањето на репродуктивните права; Трамп, опкружен со група мажи - како што гледаме на фотографијата - неодамна истото со својот потпис го претвори во закон.

Американскиот авторитаризам секогаш бил преплетен не само со патриотизам, туку и со двата најголеми системи на верување во таа земја: религијата и бизнисот. „Кога фашизмот ќе дојде во Америка, ќе биде замотан во знамето и ќе носи крст“, некој еднаш рече, а можел да додаде и дека ќе мавта со банкнота од долар. Тој некој не е, како што често се наведува, Синклер Луис во својот роман „Тоа овде не може да се случи“ од 1935 година, жестока сатира насочена кон идејата дека американската исклучителнсот ја прави Америка имуна на фашизам. Но, во романот на Луис наоѓаме слична (иако помалку збиено) забелешка: во Америка, вели тој, најопасни поддржувачи на фашизмот би биле оние „кои го отфрлиле зборот ’фашизам’ и проповедаат робување на капитализмот во форма на уставна и традиционална автентична американска слобода“. Американскиот фашизам нужно ќе биде обликуван од капитализмот - или, како што тоа Луис убедливо го кажува, „владеење на профитот, со помош на профитот, за профитот“.


„Тоа не може да се случи овде“ се подбива со „смешните терапевти“ кои се обидуваат „да го излечат злото на демократијата со демоните на фашизмот“. Тука сенаторот Баз Виндрип, кандидат за претседател, води популистичка кампања заснована на традиционални вредности и лесни ветувања дека ќе го врати просперитетот („секој ќе биде богат само ако гласа за тоа да биде богат“). Уредникот на еден весник залудно предупредува: „Луѓето ќе мислат дека го бираат заради поголема економска сигурност. А потоа ќе гледаат Терор!“ По доаѓањето на власт Виндрип ги остварува своите авторитарни закани, формира приватни сили за безбедност наречени Граѓани-доброволци и ги затвора политичките непријатели во „концентрациони логори“. Бидејќи Средниот запад подготвува отцепување, администрацијата одлучува да го поттикне „корисниот патриотизам кој секогаш настанува како реакција на нападот однадвор“ така што инсценира „навреди и закани во облик на вешто планирани мачни ’инциденти’ на мексиканската граница и му објавува војна на Мексико“. Модел за Виндроп бил Хјуи Лонг, харизматичен популист од Луизијана кој е убиен 1935 година и со кого често го споредуваат Трамп. Романот на Роберт Пен Ворен „Сите луѓе на кралот“ (1946) раскажува приказна инспирирана од подемот и падот на Лонг: „Само речи им дека ќе ги потопиш дебелите момци“, циничен е советот на политичарот Вили Старк. „Расплачи ги, насмеј ги, разбесни ги, дури и против себе. Потреси ги, тоа ќе им се допадне и ќе бараат уште“.

Во поново време ја имаме „Заговор против Америка“ на Рот, сместена на почетокот на Втората светска војна, каде се замислува дека Чарлс Линдберг победил во трката за Белата куќа благодарение на слоганот „Америка пред сè“ (кој првично не се доведувал во врска со Линдберг, туку со кампањата на Вудру Вилсон). Истиот слоган четири години подоцна го имаше и Ворен Г. Хардинг, првиот бизнисмен на чело на Белата куќа кога во својата кампања рече дека „патриотската посветеност“ значи „најпрво да се живее во неа“. Верзијата на Хардинг за поставување на Америка на прво место овозможи подем на Кју Клукс Кланот и формирање на корумпирана влада одговорна за скандалот Типот Дом од 1923 година, најголемиот корупциски скандал во досегашната американска историја.

„Заговор против Америка“ почнува со победата на Линдберг на избори, остварена со помош на „карневалски лакрдии“, додека републиканските водачи „кубат коса над тврдоглавото одбивање на кандидатот некој да му се меша во стратегијата за кампањата“. Новоизбраниот претседател веднаш оди во Европа на „срдечни разговори“ со Хитлер и се договара за мирољубиви односи. Тоа предизвикува протести во земјата, но воспоставува „нов поредок во Европа“. Американците и понатаму инсистираат на тоа дека „Америка не е фашистичка земја, и нема ни да биде тоа“ затоа што претседателот и конгресот „мораат да го почитуваат законот отелотворен во уставот. Тие се републиканци, изолационисти и да, меѓу нив има антисемити... но далеку од тоа дека се нацисти“. Приказната зборува за постепената ерозија на нормата и прифаќањето на угнетувањето: „Тие мислат дека сè може да им помине. Тоа е срамно. И тоа почнува во Белата куќа“. Колку и да е сјаен, „Заговорот“ на Рот ја избегнува својата средишна дилема, која е историска: што е решението? Рот се определува за лесен оптимизам, еден од американските знаци за препознавање: победуваат американските доблести и Линдберг буквално исчезнува.


Ваквите лесни решенија со добра причина ги нарекуваме „холивудски крај“, но вистина е и тоа дека од фабриката за соништа потекнаа некои од најсилните американски приказни за домашниот фашизам, помеѓу другото и омилениот филм на Трамп „Граѓанинот Кејн“ на Орсон Велс (1941). Кога Трамп се појави на републиканската Национална конвенција минатиот јуни пред џиновската слика на своето лице, многумина ги фрапираше оживувањето на фашистичката иконографија. Се чини веројатно дека Трамп визуелно ја цитираше алузијата на фашизмот во „Граѓанинот Кејн“, славната сцена кога Кејн држи говор за време на кампањата со сопствениот џиновски портрет зад себе; изгледа дека сатирата на Велс е изгубена во преводот. Кога Кејн губи на изборите за гувернер поради сексуален скандал, дознаваме дека неговиот весник подготвил два наслова за двата можни исхода: или „Кејн е избран“ или „Украдени избори“. Трамп рече дека се идентификува со Кејн превидувајќи го фактот дека овој се уништува самиот себеси во потрага по величина. Единствениот пријател на Кејн вели по неговата смрт: „Никогаш не веруваше во ништо друго освен во Чарли Кејн. Неговото единствено убедување во животот беше Чарли Кејн“. И тоа не е кажано како пофалба.

„Граѓанинот Кејн“ повеќе зборува за мегаломанијата отколку за автократијата. (Како и Линдберг, кој го искористил за да ја оживее фразата „Америка на прво место“, Вилијам Рандолф Херст - основа за ликот на Кејн - со одобрување зборувал за Хитлер, а една рана скица на филмот покажува дека синот на Кејн станал заколнат нацист.) Но, во текот на Втората светска војна Холивуд произведе многу приказни за поразот на тоталитаризмот во Америка и надвор од неа. „Џон Доу“ на Френк Капра, исто така од 1941, нуди посентиментална верзија на слична приказна. Тајкунот Нортон се обидува да покрене популистичко движење за сопствени цели, но луѓето го отфрлаат во име на демократските идеали. „Лут сум не само за себе туку и за момците кои се викаат Вашингтон, Џеферсон и Линколн“, изјавува слободољубивиот уредник на еден весник. Нортон верува дека „на американскиот народ му е потребна железна рака“ и се обидува со манипулации да ја наведе масата да го мрази Џон Доу, нивниот популистички јунак. Но Доу на крајот го спасуваат група Американци кои веруваат во него, што е проследено со наслов во весник: „Ете ти народ, Нортоне! Па сега пробај!“




Во овие приказни постојано среќаваме луѓе кои се креваат за да го потврдат своето достоинство, а нивните гласноговорници се новинари. Слободата на печатот секогаш ја спасува Америка од фашизам, како во речиси заборавениот филм „Чувар на пламенот“ (1942), најмалку познат од филмовите во кои Кетрин Хепберн и Спенсер Трејси биле партнери. На почетокот на филмот успешниот бизнисмен кој станува популарен демагог умира под мистериозни околности. На крајот неговата вдовица открива дека тој всушност бил потаен фашист и дека го поддржувале „неколку приватни поединци на кои парите повеќе ништо не им значеле. Сакале политичка моќ, но знаеле дека никогаш нема да ја освојат со демократски средства“. Додека филмовите као што е „Џон Доу“ допуштаат можност повремено да се појават авторитарни поединци, „Чувар на пламенот“ е еден од ретките холивудски филмови кои експлицитно замислуваат развиено фашистичко движење во Америка. Кампањата на демагогот ја води медиумскиот манипулатор кој поттикнува омраза објавувајќи лажни приказни - меѓу другото „антисемитска статија во која ги напаѓа Евреите“, дивјачки напад на „жителите на градовите“ во магазинот Farmer’s Gazette, „Јужен повик до Кју Клукс Клан“. Освен тоа, тој прави планови да создаде први американски „јуришни одреди“. „Секако“, објаснува вдовицата, „тие тоа не го нарекуваа фашизам. Сè премачкаа со црвена, бела и сина боја и го нарекоа тоа американизам“.

Медиумите обезбедуваат оружје за двете страни: во „Чувар на пламенот“ фашистите се поразени кога новинар кој се залага за демократија ја открива вистината. Моќта на печатот е главен мотив на уште еден политички филм во кој играат Хепберн и Трејси, снимен неколку години подоцна; тоа е филмот „State of the Union“ (1948) кој почнува со неуспешен обид на авторитарен, републикански новински тајкун да стане претседател. Како што новинарите беа глас на народот, така американските фашисти често се замислувани како новински тајкуни произлезени од отровната мешавина на капитализмот, медиумите и политиката, од изопаченоста на американскиот култ кон бизнисот на кој предупредуваа луѓето како Хенри Валас.


Макартизмот вроди со нов вид опомена против авторитаризмот, со специфично идеолошка поделба на улогите. Во 1959 година тоа го инспирирало романот „Манџуриски кандидат“, кој е пренесен на филмското платно во 1962; тој роман често го споменуваат оние кои го гледаат Трамп како марионета на руската држава. Тешко дека тие стравови ги намалија неговите повици во текот на претседателската дебата „не сум марионета“, можеби затоа што потсетија на советот од „Манџурискиот кандидат“. „Ти само викај ’приговор, приговор’ во телевизиската камера, а јас ќе направам сè друго. Како што забележува мрачниот стручњак за перење мозоци: „Неговиот мозок не е само испран, туку поминал и хемиско чистење“.

Макартизмот се претвори во приказна за надворешните непријатели кои се инфилтрираат во мирното американско општество за да може „американизмот“ сам себеси да се дефинира наспроти „не-американизмот“ и да тврди дека станува збор за студена, а не за граѓанска војна. Но паралелно со продлабочувањето на расцепот предизвикан од Виетнамската војна растеше и чувството дека Америка води внатрешна, а не надворешна битка, егзистенцијална борба за душата на нацијата, што многумина луѓе одвлече во суров национализам. Тоа е поуката на заборавениот популарен роман кој настана како реакција на Вотергејт, уште еден историски удар на демократскиот дух на Америка. Во „Документот Р“ на Ирвинг Валас, објавен 1976 година, директорот на ФБИ планира да ја уништи Повелбата за права со нов уставен амандман: „Ниедно право или слобода кои се гарантирани со уставот не можат да бидат претворени во дозвола да се загрози националната безбедност“. Тој се обидува да го замолчи противењето на печатот и лажира статистика за да ги докаже своите тврдења. Следи уште еден холивудски крај: борбениот окружен обвинител ја открива вистината и запрепастените конгресмени го отфрлаат амандманот, но дури по опомената на Валас до читателите: „Ако фашизмот некогаш дојде во САД, ќе дојде зашто луѓето го изгласале“. Или, со зборовите на Бенџамин Френклин кои Валас ги зема за свое мото, основачките татковци ни дадоа „република, ако можете да ја зачувате“.

Паралелите помеѓу фикционалното минато и нашата политичка сегашност можат да изгледаат бизарно, но не се. Нема ништо чудно во тоа што луѓето настојуваат да ги копираат најстарите модели на моќта. Валас ја наведува и забелешката на писателот Шарл Пеги, кој загинал во Првата светска војна, дека тиранијата по правило е подобро организирана од слободата. На тоа може да се додаде и дека тиранијата е секогаш поедноставна од слободата, зашто самата одлучува за сопствените правила или за тоа дали воопшто ќе има правила.

Сите тие приказни покажуваат дека демократијата почива на чесност. Поединците кои се однесуваат нечесно не се ништо ново, но во основа на споменатите приказни е вербата дека повеќето се чесни и дека тие ќе преовладаат. Само во „Големиот МекГинти“ на Престон Старџис (објавен 1940) цел систем е зафатен со нечесност, па корумпираниот политичар кој решил да стане чесен мора да побегне од земјата. Во крајна линија, кризата со која денес се соочува Америка нема врска со политичките, туку со етичките разлики. Вербата во бизнисот, религијата или нацијата не значат ништо ако се искористат во цинични или нечовечки цели; се покажува дека нашиот идеализам ги штити нашите идеали. „Општата чесност не значи само елементарна чесност, туку она до кое заднички држиме.“ Американската историја не е на страната на Трамп; дури ни неговиот омилен филм не е на негова страна.

Може да се учи на два начина: од непосредно искуство, што е познато како потежок пат; полесен пат е да читате и да обрнувате внимание. „Фаренхајт 451“ на Реј Бредбери е објавен во 1953, во екот на макартизмот. Во дистописката блиска иднина која романот ја опишува книгите се занемарени како што се намалува обемот на човечкото внимание, а на крајот се и забранети („книгата е репетирана пушка во соседната куќа“). Пожарникарот кој ги пали книгите постепено сфаќа дека тие можеби содржат поуки кои би можеле да го спасат општеството од повторување на грешките од минатото: „Книгите се тука да нè потсетат какви будали сме... кај нас прашуваат што правиме; можеме да речете ’се сеќаваме’. Затоа на крајот ние ќе победиме“.




Во времето кога ја пишувал „Тоа не може да се случи овде“ Синклер Луис бил во брак со Дороти Томпсон, една од највлијателните американски новинарки од крајот на 30-тите години на минатиот век, инспирација за ликот на Кетрин Хепберн во нејзиниот прв филм со Спенсер Трејси, „Жена на годината“ (1942). Во 1931 година Дороти Томпсон го интервјуирала Хитлер и го опишала како „вистински прототип на мал човек“; во 1939 магазинот Тајм ја прогласил новинарката за втора најпопуларна жена во Америка, веднаш зад Елеонор Рузвелт. Во 1941 година таа напишала статија за магазинот Харперс, насловена како „Кој станува нацист?“, во кој ја препорачува „по малку морбидната друштвена игра на погодување кој на крајот ќе стане нацист“. Набројувајќи разни подгрупи (роден нацист, убеден нацист, никогаш нацист), новинарката напоменува дека нацизмот нема врска со националноста туку со одреден „ментален склоп“. Таа опишува лице А и лице Б и така натаму и го предвидува нивниот потенцијал за нацизам пред да стигне до „младиот Д“ кој, вели таа, „е единствениот роден нацист во собата. Младиот Д е разгален единец со премногу попустлива мајка. Никогаш никој не го прекорувал. Постојано го апсат поради пречекорување на брзината и мајка му ги плаќа казните. Лошо се однесувал кон две жени и мајка му плаќа ја алиментацијата. Животот му минува во барање сензации и театралност. Крајно е безобѕирен кон сите. Згоден е на празникав, арогантен начин и необично е суетен. Веројатно се замислува себеси во униформа која би му дала можност да парадира и доминира над другите“.

Тука е и младиот имигрант: „Луѓето во собата мислат дека тој не е Американец, но тој е повеќе Американец од повеќето од нив“. Заедно со Американците кои ги разбираат сопствените вредности, меѓу нив и љубезноста, имигрантот е најголем противник на нацизмот во собата. Само заедно, сугерира Дороти Томпсон, тие можат да го препознаат и поразат младиот Д.



Слики: Jake & Dinos Chapman - McDonald’s and the Nazis meet in hell

Извор: The Guardian, 03.02.2017.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото