Невладините организации имаат право да бидат политички

16.02.2017 16:54
Невладините организации имаат право да бидат политички

Невладините организации имаат право да бидат политички. Невладините организации имаат право да бидат вклучени во градење политики, исто како и граѓаните. Политиката не е само и исклучиво работа на партиите. Ако некоја невладина работи во екологија, образование, корупција, здравство, таа де факто работи и влијае на политиките во овие области. Демонизирање по основ „невладините се мешаат во политика“ е пропаганда и ВМРО-вски наратив, како политиката да им припаѓа само ним и по малку на СДСМ, ДУИ итн. Во Германија, на пример, невладините се и партиски поврзани, и во тоа нема ништо чудно, секоја партија има фондација блиска до неа - Фридрих Еберт, Конрад Аденауер итн. Чудно е како од #ВМРО не ги прашале нивните клучни партнери и спонзори по десна линија - Конрад, зошто се политички ангажирани, ама за истото ги напаѓа домашните невладини организации. Ништо спектакуларно и ново, Конрад си бара партнери според нивните идеолошки убедувања и ги поддржува, Сорос и други го прават истото. Уставот на граѓаните им гарантира слобода на здружување „заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања“.

„Програмите и дејствувањето на здруженијата на граѓаните и политичките партии не можат да бидат насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Републиката и кон поттикнување или повикување на воена агресија или разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост“, се вели во Уставот. Сè додека некој на суд не докаже дека некоја невладина организација го прави претходното или пак докаже корупција, сè останато е пропаганда, шпекулации и празни обвинувања.

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слика: Асаф Ханука