Ѕвездан Георгиевски: Сè е напишано, но варијациите се оригинални

17.02.2017 11:57
Ѕвездан Георгиевски: Сè е напишано, но варијациите се оригинални

Вечерва (17.02., петок) со почеток во 20 часот во Клуб ресторан МКЦ ќе се одржи промоција на романот „Недела дена во животот и смртта на Гроздан“ од Ѕвездан Георгиевски, кој го објави издавачката куќа Темплум. За книгата ќе зборуваат Петар Арсовски и Петар Арсовски. За овој роман, Георгиевски ја доби наградата „Новите!“ за 2016 година, за најдобар дебитантски прозен ракопис. Непосредно пред промоцијата, направивме кусо интервју со Георгиевски.
 

 

Во јавноста со децении сте познат пред сè како новинар. Во некои ваши текстови се насетува одредена литерарна нишка. Но, се чини, вашето прозно првенче беше вистинско изненадување. Примери на автори кои дебитираат како повозрасни не се непознати во светот на книжевноста (дури и на 93 години!). Но, што беше пресудно токму во овој момент да „излезете од писателскиот плакар“?

- Денес е 17 февруари. Денот на македонското новинарство, професијата во која поминав навистина долги години, всушност децении (нема да ги кажувам тука годините затоа што и мене ми делуваат страшно) и професија во која се обидувам со сите сили, кои некогаш ги надминуваат и моите можности, да опстанам, особено во последните пет-шест години кога одеднаш сфатив дека моите професионални услуги повеќе не му се потребни на ниту еден македонски медиум. Живеењето на „тезга“ или како прекаријат, како што тоа е денес модерно да се каже, е прилично шашма работа. Некогаш си навистина презафатен, а некогаш пак е претешко да успееш да преживееш во сопственото слободно време. Она што е заедничко и за периодот кога имаш премногу работа и за оној подолгиот период кога немаш никаква работа е дека секако нема – пари. Со оглед на мојот дефицит на поседување какви било други вештини во овие „лер“ периоди не ми остана ништо друго туку да си правам некакви стилски вежби, да ја одржувам сопствената пишувачка форма (колку што е тоа можно во овие услови) и да верувам дека може да се пишува за да се живее, ама и дека може да се живее за да се пишува. „Недела дена во животот и смртта на Гроздан“ е резултат на тој мој „слободновременски“ тренинг и мој обид да не се откажам од самиот себе во годините кога сум престар за рокенрол и премлад за смрт.

Сепак, да бидам искрен до крај, претпоставувам дека оваа книга никогаш немаше да биде објавена, ниту пак некој ќе ја видеше во целост, да не беше конкурсот „Новите!“ на „Темплум“. Звучи прозаично, ама така е – наградата беше парична и убава (а, повторувам, јас преживувам исклучиво од хонорари), така што имав илјада и една причина да се амбицирам и да конкурирам. Иако, ете, никогаш не се замислував себеси како прозаист, односно писател.

Од друга страна, има некоја симболика што промоцијата на мојата единствена авторска книга досега е токму денес, на новинарскиот ден, што во таа симболичка смисла ми дава за право да верувам дека истовремено можам да бидам и новинар и писател.

Во предговорот на романот, експлицитно ги откривате книжевните, филмските и воопшто уметничките и поп-културните референци кои влијаеле врз создавањето на книгата. Ги убедувате читателите дека доколку се препознаат во некоја ситуација или лик, тоа со сигурност е „украдено од нив“. Се откажувате од претендирањето на оригиналност. Но, дали и колку може да се биде оригинален во дежа ву старноста за која пишувате?

- Иако сум љубител на таканаречената „фар њенте“ филозофија (или на нашки: „сѐ што можеш да направиш утре, не го прави денес“), сепак верувам во работењето. Марадона е најдобар фудбалер на светот сѐ додека тренира. Кога ќе прекине да тренира станува сопствена карикатура. Во таа смисла верувам во борхесовската идеја дека сѐ е напишано и дека ова што сега се пишува се само варијации на веќе направените комбинации од букви и зборови. Што, пак, не значи дека тие варијации не се оригинални.

Знаете што, во сите уметности постојат таканаречени „кавери“ или „римејци“, односно нови верзии на веќе направените дела. Такви обиди има дури и во сликарството и фотографијата. Кинематографијата е преполна со нови верзии на филмските класици и некласици. Театарот е варијација на античката драма и Шекспир. Музиката е дефинитивно врзана за репетиции и повторувања. Само во литературата нема „кавери“. Никој досега не се обидел да направи нова верзија на „Ана Каренина“, на пример. Зошто? Звучи парадоксално, ама токму затоа што е сѐ напишано. Од авторот зависи како ќе ги нареди постоечките зборови и колку ќе ги приближи до најсовршената уметност, до музиката. Каков ритам ќе има текстот, со какво темпо ќе се движи и каков тоналитет ќе постигне. (Ете, сето ова се музички термини). Токму затоа главните теми на мојата книга се токму феноменот дежа ву и фатализмот, во смисла дека сѐ е веќе видено и однапред зададено.

Што се однесува до оригиналноста, имам една теорија која често ја повторувам. Знаете ли дека кога ќе погледнеме во ѕвездите на небото, секогаш гледаме реприза. Никогаш тоа небо не е оригинално затоа што голем број од ѕвездите што ги гледаме веќе одамна се мртви, а ние само ја гледаме нивната светлина која токму сега допатувала до нас. Од друга страна, колку и да ни се чини исто тоа небо секоја вечер, тоа е секогаш различно. Не само што некоја ѕвезда ќе исчезне, а друга ќе се појави, туку нашиот поглед зависи од положбата на нашата планета, од нашата положба, од брзината на нашето движење, од брзината на движењето на земјата, на ѕвездите... Исто е, ама не е исто.

Поднасловот на романот гласи „роман во слики за машкото стареење“. Поглавјата се своевидна варијација на теми, мотиви, идеи и слики. Читателот се движи низ распрснатата внатрешна и надворешна стварност на текстот, кој на моменти како повеќе да сугерира отколку што раскажува. Можно ли е воопшто да замислите да пишувате поинаква проза, освен во искршени слики?

- Искрено, не знам. Ова е единствената проза што досега сум ја напишал, така што не можам да тврдам ништо. Не знам ни дали воопшто ќе напишам уште нешто, во смисла на уметничка литература. Ако не ме видите во скоро време во книжарниците со некој нов наслов, тоа ќе значи дека ми тргнале работите со „тезгите“ во мојата примарна професија. Ако, пак, излезам со нешто ново искрено се надевам дека тоа навистина ќе биде – ново.

Јас, меѓу другото, сум школуван и форматиран врз стрипот и филмот, па претпоставувам дека вакви „кадрирања“ во оваа книга се врзани за тој дел од мојот ентитет, но од друга страна голем дел од мене е растен врз оние таканаречени бе-филмови и палп литература, кои имаат чиста и праволиниска нарација. Мислам тука на готските хорори, оние со вампири и врколаци, на крими-романчињата на Елери Квин, Дашаел Хамет или Мики Спилејн, па и на новосаѓанецот Фредерик Ештон и неговиот „Лун, кралот на полноќта“, на таканаречените љубовни викенд-романи, особено оние на загрепчанката Ана Жубе (веројатно најтиражната писателка во севкупната историја на овие простори). Така што, погодувате, ако повторно ми се подари премногу време, претпоставувам дека ќе експериментирам со литературните жанрови, и тоа токму во таа „палп“ смисла. Не знам дали тоа ќе биде хорор, љубовен роман или трилер, а можеби сето тоа заедно, важно размислувам во таа насока.

Конечно, и погоре реков: пишувањето уметничка литература не е толку божествен дар, колку што е занаетчиска работа, а секој занает има свои законитости, па мене како матор дебитант, токму тие правила сега ме интересираат.

На крајот од романот, нараторот или како што го нарекуваат ликовите, авторот, решава да ги напушти ликовите и да ја прекине приказната, како да постапува според препораката на Пол Валери („еден уметник никогаш не го завршува своето дело; само го напушта“). „Ти не си никаков автор. Ти си пизда“, гневно довикува еден напуштен лик. Откако го објавивте романот, сте слушнале ли нешто ново од ликовите?

- Не мислам дека авторот или нараторот, како што вие го нарекувате, решава да ги напушти ликовите и да ја прекине приказната. Напротив, мислам дека е обратно, дека приказната е завршена, само што ликовите не сакаат да ја напуштат. Авторот, иако делува како Бог, во смисла на креирањето на приказната, сепак ја нема целата контрола врз неа и таа знае често да му избега и забега или да застане во едно место и да не оди таму каде што ќе ѝ се каже. Во таа смисла, како што обично се случува и во животот, авторот и ликовите во еден момент не се протагонисти туку антагонисти и, едноставно, не можат да се разберат поради своите спротивставени интереси.

Не, немам никакви контакти со моите ликови. И со таа приказна. Барем не во овој период. Колку што знам, ги оставив во релативно добро здравје, малку збунети и дезориентирани (а кој не е), без некои особени перспективи и со јасна свест за сопственото стареење. Нивната предност, наспроти мојата минливост, е во тоа што тие се составени од неорганска материја, што значи дека се вечни, и од органски зборови, што значи дека се карактери. Со други зборови, не морам јас да се појавам во нивната приказна. Веројатно тие ќе се појават во мојата. Токму како што се појавуваат и во овој момент.

Меѓу централните теми и мотиви во романот се онаа на паралелните светови и двојникот. А вашата книга ќе ја промовираат Петар Арсовски и Петар Арсовски. Очекувате ли, на крајот од промоцијата, на сцената да излезат и да се заблагодарат Ѕвездан Георгиевски и Ѕвездан Георгиевски? 

- Мислам дека е доволно што книгата ќе ја промовираат Петар Арсовски и Петар Арсовски, така што нема потреба да се заблагодаруваат Ѕвездан Георгиевски и Ѕвездан Георгиевски. Ќе се заблагодарат: Ѕвездан Георгиевски, Ѕвездан Георгиевски, Ѕвездан Георгиевски, Ѕвездан Георгиевски, Ѕвездан Георгиевски, Ѕвездан Георгиевски, Ѕвездан Георгиевски, Ѕвездан Георгиевски, Ѕвездан Георгиевски, Ѕвездан Георгиевски, Ѕвездан Георгиевски, Ѕве....


Разговорот го водеше Иван Шопов

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото