Гилотина: да се убиваме почовечки

17.02.2017 12:36
Гилотина: да се убиваме почовечки

Исчекувањето е речиси неподносливо. Толпата се собрала на градскиот плоштад и плука в лице, извикува, мавта со шамивчиња. Човеку, тука е крајот. Огромната направа од метал и дрво не е исчистена од крвта на претходниците. Стражари, пресуда, знаме на новосоздадената Франција – јасно е дека се работи за јавен спектакл.

Добро, сите знаеме дека гилотината е симбол на една позната Револуција и конечен исход на многу противници на републиката како уредување, кралови и нивни следбеници, личности со сина крв. Учебниците нè учат дека таа била инструмент на „владеењето на теророт“ на Робеспјер кон крајот на 18 век и дека стотици илјади луѓе во јавноста морало да бидат обезглавени за да се испрати политичка порака.

Сепак, учебниците велат дека намерата на изумителите и приврзаниците на гилотината била да го олесни страдањето на осудените на смрт. На извесен начин ги разбираме, а го истражувавме и споредувавме овој начин на погубување со многу други „креативни“ изуми на човештвото низ историјата.

Изумителот на гилотината на идејно ниво се викал Антоан Луиз, а ја отелотворил Германецот Тобијас Шмит. Според тоа, името на механизмот било луизета, но семејството на Антоан се спротивставило, па Жозеф-Игнас Гијотен станал одговорен за преименувањето. Како познат лекар во Франција кон крајот на 18 век, Гијотен го убедил својот народ дека ненадејното отсекување на главата е најчовечниот и најбезболниот начин на убивање, па неговото име станало синоним за тоа.

Во тоа време веројатно бил во право – низ историјата јавните погубувања се вршеле на најбрутални можни начини. Меѓу попознатите се истакнуваат распнувањето со помош на коњ, набодувањето на колец, палењето, изгладнувањето, кршењето коски... Списокот може да се продолжи до недоглед, но поентата е јасна: да се нанесе што повеќе болка во што подолг временски период. За народот тоа не претставувало само опомена, туку и забава. Затоа гилотината во почетокот не била особено популарна меѓу крвожедната толпа, но нештата се смениле кон „подобро“ кога бројот на жртви дневно почнал да се зголемува. Секој педесетти граѓанин на Франција доживеал апсење за време на владеењето на Робеспјер, а меѓу познатите имиња на погубените се нашле Луј XVI и Марија Антоанета.

Најфасцинантната и најморничавата карактеристика на страдањето од гилотина секако е „животот по смртта“, како што го опишуваат многумина лекари од денешницата. Иако немавме доброволец што би можел да го потврди тоа, отсечената човечка глава во себе има доволно кислород и крв за да остане свесна пет до седум секунди по одвојувањето од телото. За време на Француската револуција останало забележано дека летнатите глави трепкале, гледале наоколу и им трепереле делови од лицето. Лекарите експериментирале со удирање шлаканици и со повикување на името, а не е исклучено и дека претерувале во опишувањето на реакциите што ги забележувале. Иако тежината и прецизноста на металот ја извршувале работата исклучително брзо, тешко било да се замисли колкава болка одекнувала во последните мозочни искри на осудените. Од друга страна, тешко е да се гледа како обезглавена кокошка трча наоколу. Но, тоа е друга тема.

Во секој случај, на жртвите им било подобро отколку во Средниот век, кога обезглавувањето се вршело со помош на секира или меч, при што вештината и силата на извршителот често биле недоволни за да се изврши задачата од првиот обид. Како во сцените од „Игра на тронови“, луѓето страдале ужасно заради неспособноста на своите убијци. На пример, Ен Болејн побарала да ја погуби вешт витез и мегданџија и „среќно“ била убиена со еден замав.

За помалку од три векови подоцна сите во Франција ќе гинат од замав. Меѓу соседните градови од помал обем морало да се договара терминот за користење на гилотината – едноставно немало доволно за да се издржи ритамот на убивањето. Овој страшен механизам толку се одомаќинил во секојдневието на граѓаните што дури и се правеле и мали гилотини играчки за деца. Со нив можело да се обезглави кукла или глодар, во зависност од нивото на садизам на детето.

Практичноста на гилотината била позната и надвор од рамките на Француската револуција, а забележани се случаи на нејзино користење во Германија, Шведска, Белгија и Виетнам. Нацистите, во потрага по најефикасен начин за убивање, со нејзина помош погубиле приближно 17 илјади луѓе.

Сепак, гилотината била укината во својата колевка. Фактот е логичен, но не кога ќе се земе предвид дека гилотините се забранети со закон во Франција дури 1981 година. Последната казна со овој метод е извршена 1977 година, кога извесен Хамид Џандуби бил осуден на смрт заради киднапирање, силување, мачење и убиство на својата некогашна девојка.

Во Прованса сè уште живее човекот кој ја извршил пресудата, а кој претходно погубил 200 луѓе откако го наследил татка си во работата. Чувствата на Фернан Мејзоние по повод необичната работа се сведуваат на почит и обврска, а неговите зборови на француски и англиски може да ги погледнете во видеото.

Во меѓувреме, гилотината и понатаму се појавува во денешната култура: во филмовите, видео игрите и, неизбежно, во разните прикази на Француската револуција. Сечивото кое секавично се спушта кон земјата и брзо ја завршува судбината на „престапникот“ со себе ја влече репутацијата на едно од најсуровите оружја на смртта во историјата, иако реалноста е поинаква.

Колку и да е несоодветно да се зборува за нијансите на човечноста и милоста кога е во прашање смртната казна, гилотината според своите принципи е обид да се намали страдањето и да се забрза целиот настан, додека историскиот контекст и бројот погубени создале значително посурова слика. Секако не е благородно, но земајќи предвид дека и денес, речиси без контрола и на садистички начини се врши мачење со одлука на масите, не е ни најподмолниот изум во историјата.

Извор: http://kulturkokoska.rs/

Слични содржини

Европа / Историја
Европа / Историја
Европа / Историја
Европа / Свет / Историја
Европа / Балкан / Историја
Европа / Балкан / Историја

ОкоБоли главаВицФото