Софиски антимакедонски акорди

17.02.2017 13:27
Софиски антимакедонски акорди

Кога ќе се каже „бугарската“, човек не сакајќи се вовлекува во непријатна позиција, одредена карактеристика да ја воопшти и да ја прикачи на сите припадници на нашиот источен сосед. Уште повеќе ако таа е со негативна конотација. Ниту пак е коректно на вратот од седумте милиони граѓани на таа балканска држава да им ја прикачиш таблата на осудата и срамот, поради тоа што некои нејзини национал-шовинисти, споулавени од хегемонистичката пропагандна предозираност, во текот на последното столетие, ја втурнаа земјата во три воени авантури. И секогаш по правило, последните плутони на боиштата, или трубата на поразот, тие зовриени глави ги затекнуваше со спуштени гаќи.

Балканот, ако ги изземеме античките филозофи, не може да се пофали со некоја планетарна мисловност. Со почит кон исклучоците, чии големи дела ги знаме сите наизуст. Но имаме набилдана милитантна мозочна маса која и денес се храни со хормоните на стерилните хегемонистички политики, но со недозволено нагласена доза милитантен набој.

ФАШИЗОИДНА ДОКТРИНА

Токму деновиве, Андреј Ковачев и Ангел Џамбаски, инаку и двајцата бугарски европратеници, познати по своите диверзии на антимакедонска основа, нè потсетуваат на балканските сатански времиња. На Европскиот парламент му поттурат „сведоштва“ за божемниот бугарски карактер на деловите од македонскиот народ во Мала Преспа, Голо Брдо и Гора во Албанија, кон кое официјална Софија не ги крие своите патерналистички склоности. Да е пројава од посвеж датум, да ни предизвика некакво изненадување, но сите овие кампањи го носат знакот на веќе видени и вкусени бугарски окупаторски авантури. Присвојувањето на Македонците во границите на државава, како „нераскинлив дел“ од бугарското племе е главна нота во бугарската државна пропагандна химна. А што се однесува до едновековниот континуиран асимилаторски гнет на делот од македонското национално ткиво, кој еден дел живее во Пиринска Македонија, а другиот, емигрантскиот, расфрлан низ целата територија на нашиот источен сосед, е израз на ноторна фашизоидна идеолошка доктрина.

Во последната деценија на минатиот век, бугарски мешетари ги крстосуваа овие три региони во Албанија, населени со Македонци по род, но познат по нискиот социјален статус, натоварени со пропагандистички пакети, делејќи притоа стипендии и разноразни финансики поволности на македонското население, за потпис со кој би ја изразиле „слободната волја“ за премин од македонски во бугарски национален табор. Во секој случај, невиден националистички блуд, од држава која е дел на таа мошне бучно титулирана „демократска Европа“, а која ги носи белезите на старата рахитична, анемична, та дури и склеротична европска дама.

Во почетокот на веков една специјална бугарска експедиција од етнолози, лингвисти и комплетна новинарска и телевизиска екипа пристигна во Гора, делот во Косово, испратена од Софија со сите прпагандни таламбаси, како „голема национална мисија“ за да ги бараат нивните собраќа. Се вратија како издишани балони, зашто таму, место сонуваните Бугари, како што верувале, закрепостени од времето на хан Аспарух, со бричени глави и коњски опаш на тилот, ги пречекале чистокрвните Македонци.

ИЛУЗИОНИЗАМ ОД ЗОВРИЕНИ ГЛАВИ

Официјална Софија очигледно не се откажува од нејзиниот болен националистички, шовинистички и хегемонистички илузионизам. Антимакедонизмот е патентиран како национална доктрина, која еден век се усовршува, без разлика што од медицински аспект анализирана, ги содржи сите смптоми на класична ступидарија.

Двата европратеника не се некој издвоен лет на забегани јастреби. Некогашниот татко на нацијата, Стојанов, остана запомнат по неговата анахрона националистичка изјава дека „Македонија е најромантичниот дел на бугарската историја“. Неговиот наследник Прванов во текот на двата мандата беше доследен во негаторски тенденции кон посебноста на македонскиот народ. Впрочем, тој и својата научна кариера како историчар ја гради во рамките на бугарските безбедносни структури, ангажиран на планот на антимакедонизмот. Штотуку сменетиот претседател Плевнелиев, за кого тврдат дека има македонски национални корени, само пред неколку недели „постхумно“ се истрча да ни порача дека „Бугарија сака Македонија да ја види во Европската Унија, но не и нејзиниот македонизам“. Според него, македонизмот бил штетна идеологија, но секако, тој нема објаснување, што е тогаш бугарскиот едновековен антимакедонизам. Или каква е улогата и намерата на овој бугаризам со кој се вооружени двајцата софиски европратеници, кои дрско мешетарат по
Балканот и парадират по бриселските кулоари, непречено и неказнето, продавајќи ги небулозните теории за мегаломанските империјални димензии на бугарската нација. Глупостите немаат чувство за ограда. А нормалноста секогаш им бега од рацете.

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Скулптури на сликите: Џонатан Пејн