Прва книга за филателија кај нас

18.02.2017 11:53
Прва книга за филателија кај нас

Прва поштенска марка во светот: Penny Black, Велика Британија, 1840.

 

По повеќедецениско бавење со најпопуларното хоби, филателијата, сметав за потребно своето искуство и сознанија од оваа област да ги претставам во една книга, која ќе им биде од помош на филателистите, а исто така ќе биде и убаво четиво и за нефилателистите, љубителите на поштенската марка. Така настана овој МАЛ ФИЛАТЕЛИСТИЧКИ ЛЕКСИКОН, кој со своите преку 250 одредници ги опфаќа како основните поими од филателијата, така и нејзиното појавување и развој. Филателијата е тесно поврзана со настанувањето и развојот на поштенската служба, на која во книгата ѝ е посветено потребното внимание.

Филателијата како хоби се појавува неколку години по појавата на првата поштенска марка. А на појавата на првата поштенска марка ѝ претходел еден период на нејзиното прифаќање во поедини земји, кој не бил лесен и едноставен.

Со појавата на првите организирани човечки заедници, се појавила и потребата од нивна меѓусебна комуникација. Од историјата е познато дека првите врски биле воспоставувани со помош на човечкиот глас, кој имал ограничен дострел, зависно од релјефот на теренот. Потоа се користеле разните знаци, посебно запалените огнови од еден брег на друг. Постепено со развојот на човечките заедници, воведени биле и курирските служби, кога поединците ги пренесувале пораките. Познати пренесувачи на пораки биле грчките хемеродромоси, кои за многу кратко време поминувале фантастични растојанија. Најпознат хемеродромос е оној кој ја пренел веста во Атина за победата над персиската војска на Маратонското поле. Растојанието од Маратонското поле до Атина го поминал за толку кратко време, што кога стигнал успеал само да каже: „Ние сме победници“ и од исцрпеност паднал и умрел. Денес во негова чест се трча најдолгата атлетска дисциплина, маратонот, од 42.195 метри.

Penny Blue, втората поштенска марка во Велика Британија издадена веднаш по Penny Black

Но, најорганизирана поштенска служба имало во времето на Римската империја, таканаречениот Cursus publicus, која била и основа за организација на европската пошта од крајот на 15 и почетокот на 16 век. Таа се состоела од мрежа на станици, масионес и мутационес. Првите служеле за одмор и промена на коњите. Меѓу две вакви станици се наоѓале 6 или осум други станици, мутационес. Овие станици се нарекувале mansio posita in, што значи, станица уредена во... Од латинскиот збор Posita, т.е. поставена или уредена, произлегол зборот ПОШТА, кој во 13 век е усвоен во европските јазици. Со пропаѓањето на Римската империја, новите европски владетели формирале свои служби и користеле други патишта. Сè до 1500 година не постоела организирана поштенска мрежа во современа смисла. Во 1506 година австрискиот цар Максимилијан ја дал привилегијата за организирање на првата поштенска линија од Виена до Брисел, на фамилијата Турн-Таксис, која ја одржувала сè до 1867 година, но развила и многу други правци во Европа. Развојот на капитализмот, потребата од поголеми трговски врски, изградбата на железничките пруги, развојот на телеграфските
и телефонски врски, ја наметнало и потребата од разгранување и на поштенските врски, а со тоа и формирање на Светскиот поштенски сојуз во 1874 година.

Со ваквиот развој на поштенската служба се наметнувало и прашањето за наплата на извршената услуга од страна поштенските служби. На самиот почеток извршената услуга од страна на поштенската организација ја плаќал примачот на пратката. Но, овој начин бил неекономичен за поштата, пратките биле враќани и поштенските организации биле во загуба. Затоа, во првата половина на 19 век се размислувало за воведување начин за плаќање на услугата однапред. Прв со ваква идеја во 1835 година настапил словенецот Ловренц Кошир, кој како висок државен службеник во Виена, предложил реформи на австриските пошти и покрај другото воведување на марка во вид на налепница, како доказ за однапред платена поштарина, за извршената услуга од страна на поштата. Меѓутоа, овој предлог од страна на Дворската комора во Виена бил одбиен како неостварлив. Меѓутоа, на тоа не се останало. Во Англија поштата била во големи загуби. Англичанецот Роланд Хил, педагог по струка, на едно патување бил отседнат во еден хотел и бил сведок кога поштарот на една девојка од персоналот ѝ донел писмо. Девојката го зела писмото, го завртила неколку пати меѓу рацете и му го вратила на поштарот. Всушност, со своето момче биле договорени на надворешниот дел од писмото да нанесуваат некакви знаци и писмата да не ги примаат и да плаќаат поштарина. Тие со своите знаци си ги пренесувале пораките. Роланд Хил, во 1837 година ја публикувал својата брошура, Поштенската реформа, нејзината важност и проведување. Покрај другото, основната идеја била воведување на единствена поштенска тарифа, за сите пратки во земјата, без разлика на оддалеченоста на доставувањето, во висина од еден пени, за писма со тежина од половина унца, 14.175 грама. Освен тоа, плаќањето на услугата да биде однапред. На тој начин се дошло до воведувањето на поштенската марка. И предлогот за реформи на Хил не бил прифатен веднаш. Но, тој упорно војувал и го бранел и пред специјална комисија на англискиот Парламент. Конечно, Комисијата го прифатила предлогот и законот бил предложен на потпис на кралицата Викторија на 10 јануари 1840 година.

Првата перфорирана поштенска марка во САД, Вашингтон, 1857.

Како резултат на усвоената реформа на Роланд Хил, на 6 мај 1840 издадена е првата поштенска марка во светот, таканаречениот Black penny или Црниот пени, со ликот на кралицата Викторија. Потоа била издадена и втората поштенска марка од 2 пени, т.н. Blue penny или Синиот пени, за потешки пратки. На марките бил портретот на кралицата Викторија. Овој портрет на марките се употребувал скоро до 1890 година и на шега се велело дека кралицата не старее.

Марките како платежно средство биле постапно прифаќани од други земји. Така, на пример, Кантонот Женева и Кантонот Цирих како втори ги отпечатиле своите марки во 1843 година. Потоа следуваат Бразил во 1843, САД во 1844 година и така натаму. Австриската монархија, која имаше можност да биде прва земја што ќе издаде свои марки, ако се усвоеше предлогот на Ловренц Кошир, своите први марки ги издаде дури во 1850 година.

Веќе во 1861 година бил издаден првиот каталог на дотогаш издадените марки, во форма на список, без илустрации. Веќе во средината на 19 век формирани се првите клубови на колекционери, а терминот филателија за прв пат го употребил французинот Жорж Ерпен во 1864 год во една своја статија. Мотивите на првите марки биле претежно портрети на суверените или бројки. Веќе од 50-тите години на 19 век како мотиви на марките се јавуваат значајни објекти, животни, превозни средства и др. На тој начин марката почнува да служи како пропагандно средство, а по Првата светска војна пораснал интересот за мотивите на марките. Така, постепено поштенската марка го добива значењето кое го има денес како незаменливо средство за комуникација меѓу луѓето, бидејќи преку поштенските пратки стигнува и до краишта каде другите средства потешко стигнуваат. Затоа е голем интересот на сите поштенски управи кои издаваат марки, на своите изданија да ги претстават своите културни, историски знаменитости, природните убавини, флората и фауната на своите краишта, архитектонското и градителско наследство, своите значајни историски личности, уметници, писатели и многу друго. Денес филателијата претставува отворена книга за секоја земја, од која може многу да се научи и да станат блиски многу далечни краишта.

Првите поштенски марки во Бразил, 1843.

Покрај поштенските марки, предмет на собирање во филателијата се и многу поштенски вредносници кои ги издаваат поштите, разни поштенски и пригодни печати, кои одбележуваат одредени културни, историски настани или значајни личности, патуваните писма кои носат одредени ознаки и може да документираат некој настан или личност. Сите овие филателистички предмети ја прават филателијата многу интересна и богата и пружаат можност за еден вид истражувања преку проучувањето на сите овие артефакти.

Со филателија се бават стотици илјади собарачи низ целиот свет. Сите тие се организирани во свои клубови и национални сојузи. Најзначајна е Меѓународната филателистичка федерација, FIP, во која членуваат сите национални сојузи од светот, а има и организации формирани на територијален принцип, на поедини континенти. Сите овие организации се грижат за популаризација на филателијата во светот, а своите достигнувања во областа на колекционирањето и истражувањето, филателистите ги презентираат на голем број светски и регионални изложби, кои се одржуваат по строго одредени правила.

Во книгата значајно место е посветено и на развојот на поштенската служба и филателијата кај нас.

Сето ова погоре изнесено ќе се најде подетално опишано во споменатата книга, а со тоа ќе биде убаво четиво за вљубениците во поштенската марка и мал водич за оние, особено помладите, кои сакаат да се дружат со поштенските марки и да создаваат свои збирки.

Слични содржини

Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја
Никола Гелевски
Стрип / Култура / Историја
Европа / Балкан / Став / Култура / Историја

ОкоБоли главаВицФото