Улици кои поврзуваат

21.02.2017 02:26
Улици кои поврзуваат

Иако е само во своите дваесетти, Јазан Халвани е име кое често ќе го слушате во Бејрут. Во последните неколку години стана еден од најзабележителните арапски улични уметници, а пофалби за неговото дело доаѓаат од сите краишта на светот. Халвани ги наслика улиците во Бејрут (и бројни други градови во светот) со портрети од писателот Калил Гибран, легендарните пејачки Фаируз и Саба, но и локалните херои од секојдневието, како Али Абдула, бездомникот кој умре една зимска ноќ во Бејрут, и Фарес, дванаесетгодишен продавач на цвеќиња, кој избегал од Сирија и станал симбол на улицата Хамра во Бејрут.

Со Халвани се сретнав во мирно кафуле во улицата Гемајзе, жив дел од градот преполн со кафулиња, галерии, книжари и мали дуќани. Опуштен е и срдечен, со голема насмевка на лицето и остатоци од боја на прстите. Навигираме од тема до тема, а Халвани зборува со ретко видена леснотија на стара говорничка душа. Дискутираме за различните слоеви (улична) уметност, користењето графити за да се раскаже приказна, секташтвото и либанскиот идентитет, и важноста на пронаоѓањето на сопствениот пат во уметноста.

Во своето дело ставаш нагласок на заедничките аспекти на либанскиот идентитет. Во општество кое ја познава сегрегацијата, општество кое е длабоко фрагментирано, се обидуваш да го насочиш вниманието кон сличностите. Во Бејрут, различни делови од градот имаат различни ознаки на ѕидовите, различни знамиња и плакати – визуелизацијата на поделбите е присутна во овој град. Како сето тоа влијае на твојата работа?

Она што го правам не е нужно обид да им се каже на луѓето дека не треба да бидат религиозни, дека не треба да присвојат одреден идентитет, воопшто не. Она што се обидувам да го направам е создавање заеднички културен идентитет. Ако се обидете да одговорите на прашањето – што значи Либанец/ка – не можете, а главно тоа е заради начинот на кој е создаден Либан. Тоа била мешавина од култури и различни религии кои завршиле заедно многу случајно и непромислено. На самиот почеток тоа донекаде имало смисла, зашто идентитетот се создавал во однос на окупаторите, но тоа се промени во последните децении. Сега, иако постојат некои заеднички точки, нагласокот секогаш е на верскиот и секташкиот идентитет.

Зошто се случува тоа?

Причината е што политичките партии имаат многу повеќе корист од таквите поделби отколку од јакнењето на граѓанскиот или политичкиот идентитет. Ако имате политички идентитет, постои тенденција за поместувања, политичката партија што ја поддржувате треба да биде доследна, треба да ја заслужи вашата верност. Многу е полесно да се зборува за религија, да се продолжи секташкиот говор, отколку да се решаваат реалните проблеми, како што е корупцијата. Овој секташки идентитет е нагласен во урбаната слика. Тука, во четвртите Геитави и Ахрафи, гледате крстови, ознаки на Либанските сили (ЛФ), а во улицата Хамра, која наводно под контрола ја држи Сириската социјалнационалистичка партија (ССНП), може да видите неколку момчиња кои седат на пластични столици, чувајќи ја „својата“ територија. Хамра е разновидно подрачје каде има популација од неколку десетици илјади луѓе, а партијата е релативно мала и безначајна во однос на сите тие луѓе, но тие и понатаму се обидуваат да покажат дека го поседуваат целото подрачје.

Тие создаваат таков впечаток, и тоа се случува секаде во градот. Тоа ми пречеше многу – дека постојат одредени подрачја во Бејрут кои се обележани со секташтво, наместо со порепрезентативни слики од реалноста. Тоа е причината зошто сум фокусиран на сликање луѓе што нè поврзуваат, наместо сите тие знаци на раздвојување. Ги цртав Фаируз, Саба, Али Абдула. Сакам да покажам дека овие улици ни припаѓаат на сите нас.

Зборувајќи за идентитетот, често споменуваше дека твоето дело на почетокот главно било копи пејст на западните графити, што си го гледал како единствен начин да се биде уличен уметник. Како најпосле го пронајде својот пат, својот стил?

Постојат два слоја, две нивоа на моето дело. Еден е политички, социјален, став за одредени прашања. Другиот е уметнички, културен слој – кој повеќе се однесува на состојбата на уметноста во Либан и во арапскиот свет. Во почетокот мислев дека графитите се бои и тагирање, нешто такво. Но, почнав да читам повеќе, да размислувам и да проучувам. Кога почнав да развивам сопствен стил не сакав да ја копирам уметноста од Западот, но исто така не сакав да го репродуцирам стариот културен идентитет, како што е калиграфијата од 12 век. Се обидов да најдам рамнотежа, нешто е вистинско во реалноста во која живееме денес. Живееме во модерен свет, и иако имаме минато кое би требало да се сочува, тоа не би требало да се случи на товар на негирањето за тоа какви сме денес. Затоа, земав некои аспекти од арапската калиграфија, но и се одвоив од некои други, работите ги прилагодив на сегашноста.

Како го направи тоа – што е различно во твоето дело во однос на класичната арапска калиграфија?

Класичната калиграфија е насочена кон текстот, но јас не ја користам на тој начин. Цртам и ја користам за да создавам слики. Користам и многу фигурации, што не е често во традиционалната уметност на ова подрачје. Не можете и не смеете да останете пуританци, мора да се пронајде начин со уметноста да се комуницира во ерата во која живееме. Сакам да создадам поуниверзален пристап на уметноста, па ја користам калиграфијата за сликање лица. Тоа може да го разбере секој. Не сакам мојата уметност да им се обраќа само на луѓето кои можат да читаат арапски, но сакам во неа да биде вграден дел од арапската култура.

Забележуваш ли пораст на таквото промислување во арапскиот (уметнички) свет?

Да. Сè повеќе и повеќе арапски уметници слободно го истражуваат идентитетот, изразувајќи го модерниот арапски свет. Идентитетот не е статичен и униформиран, особено во нашата земја која е толку нестабилна, каде луѓето имаат толку различни искуства и наративи. Арапските јавни училишта не се доволно силни, така што повеќето луѓе кои можат да си го дозволат тоа одат во приватни училишта, а приватните училишта се на француски или на англиски јазик. На пример, јас одев во француско училиште, па читав на арапски и се обидов да се бунтувам против тоа. Постои уште еден голем проблем во Либан – немаме добра инфраструктура за зачувување на културата. Немаме добро и стабилно издаваштво, архивирање книги и весници, театар, музеи, итн. Тоа создава еден вид произволна, нестабилна култура.

Дали можеш да ја споредиш ситуацијата со заливските земји, со оглед дека моментално живееш на релација Дубаи – Бејрут?

Заливските земји во моментов се мошне свесни за потребата од архивирање на сопствениот идентитет, таму се посилни напорите за зачувување и развивање на арапската култура. Придонесот на некои заливски колекционери е неспоредливо поголем отколку на либанските, но така е и заради различните проблеми со кои (не) се соочуваат тие земји.

Главно, твоето дело е директно социјално ангажирано, недвосмислено поврзано со одредена проблематика. Понекогаш во светот на уметноста тоа и понатаму се нарекува „понизок облик на уметност“. Што мислиш за тоа?

Ако сакаме да го прифатиме тоа тврдење, и причините за него, прво мора да го разјасниме фактот дека уметноста која е на чело на уметничкиот свет во последно време е – концептуалната уметност. Концептот или идејата се најважни. Причината зошто се вели дека социјално или политички поттикнатото дело е „помалку“ уметничко дело е што понекогаш не нуди нов концепт. Нагласокот обично е на темата, содржината. Кога станува збор за моето дело, тоа функционира на две нивоа – темите се општествено-политички, но нудам и нов концепт – ја користам арапската калиграфија на начин кој го менува традиционалниот облик на изразување.

Важно е и да се каже дека во денешниот свет концептуалната уметност пропаѓа сè повеќе и повеќе. Прво, заради неможноста за создавање уметност која е релевантна, која нуди концепти кои се еволутивни, а второ зашто самиот уметнички свет станува сè повеќе нејасен, па концептуалната уметност веќе не е толку важна. Веќе не постои една дефиниција за тоа која е најважната уметничка форма.

За разлика од многу улични уметници, своите дела секогаш ги создаваш легално. Зошто ти е важно тоа?

Во сите уметнички дисциплини, постојат одредени нешта кои сè уште се практикуваат, иако за нив веќе нема оправдување и потреба. Во фотоапаратот на мобилниот телефон имате звук на чкрапање, иако нема потреба за тоа. Повеќето дисциплини и понатаму имаат нешто такво, и уличната уметност е една од нив. Ако ја гледаме историјата на уличната уметност, во почетокот имало смисла да се работи илегално, имало многу вредности во тоа. Но, ако го земеме Либан денес – луѓето на власт постојано прават илегални нешта, вандализмот се практикува генерално, и нема ни смисла да ги правам нештата на тој начин. Граѓанската војна беше екстремен облик на вандализам, политичките партии што го тероризираат овој град се многу посилен облик на вандализам отколку каква било улична уметност.

Значи, нема вредности во илегалноста на уличната уметност во Либан.

Точно. Нема вредности во вандалското доведување на уличната уметност во средината во која живеам. Многу е поопасно да се направи обид за да се создаде заедничко чувство на идентитет и тоа да се прави легално. Кога почнав да цртам графити, тоа го правев илегално и полицијата не се грижеше за тоа. Но, кога почнав да сликам на големи згради, разговарајќи со луѓето за историјата и културата, барајќи дозвола, сите почнуваа да поставуваат многу повеќе прашања, вршеа притисок и сакаа да ми ја отежнат работата.

Бројни твои дела се во Либан, но си сликал и мурали ширум светот. Еден од нив е во Германија, муралот за Фарес, младиот продавач на цвеќиња, кој работел во улицата Хамра во Бејрут. Како одлучуваш кои приказни ќе ги преминат границите?

Кога и да одам во некоја друга земја, тоа е прилика, платформа за да се изрази нешто. Во случајот на Фарес, бев повикан во Германија во време кога за бегалците се зборуваше како за несакан додаток на земјата, како оние кои не придонесуваат во општеството. Секако, тоа не е вистина. Еден од примерите е Фарес, сириски бегалец чиј културен придонес на улицата Хамра, каде што живееше, беше многу поголем од повеќето останати луѓе кои живеат таму. Цртањето на Фарес беше референца на фактот дека бегалците не бегаат од имагинарен конфликт – Фарес загина во бомбашки напад кога отиде да го посети своето семејство во Сирија. Имаше и референци за придонесот на бегалците во нашите општества – кога умре Фарес, неговата смрт генерираше многу приказни, неговиот личен и културен придонес за Хамра и Бејрут беше огромен. На сите оние што зборуваат дека бегалците се товар, во Германија или во Либан, сакав да им го покажам Фарес.

Најпосле – што те води во творењето, како го избираш следниот проект?

Секогаш имам многу идеи, а кога идејата е доволно зрела, ја вадам и се обидувам да ја спроведам на дело. Голем обожавател сум на уметниците кои создадоа пресудни моменти во историјата на уметноста, зашто биле во можност да ја доведат во прашање уметноста во времето во кое живееле и се оттргнале од традициите – со добри причини. Не се школував како уметник, во овој свет дојдов како аутсајдер и мислам дека тоа ми помага во пристапот на уметничките догми, зашто постојано ги преиспитувам нештата.

На пример, кога го насликав муралот за Фарес, луѓето почнаа да го забележуваат моето дело. Тој ѕид стана своевиден ориентир во просторот, иако всушност е мал. Луѓето се препознаа во тој мурал, и тоа тогаш ми се случи за првпат, а се случи зашто почнав да создавам уметност која има смисла. Мислам дека тогаш делото имаше смисла и за другите. Муралите ги сликам со четка, бои и мастило, во студиото имам купишта лименки, спрејови кои не се искористени со години. Не дозволувам никому да ми зборува дека постои еден начин за создавање улична уметност. За мене, секој мурал е нова можност за учење.

Извор: http://www.h-alter.org/

ОкоБоли главаВицФото