80 години од големиот расцеп во уметноста: Како Хитлер ги делеше уметниците на добри и изопачени

21.02.2017 15:45
80 години од големиот расцеп во уметноста: Како Хитлер ги делеше уметниците на добри и изопачени

Скулптура на Јозеф Торак, еден од уметниците кои Хитлер ги сметал за подобни

 

Пред осумдесет години, Адолф Хитлер во Минхен отвори две сосема различни изложби, кои предизвикаа драматичен расцеп во ликовната уметност. На едната беше прикажана традиционалната германска уметност, а на втората „изопачената“ уметност, омразена од фирерот. Тоа беш еден од најголемите конфликти во историјата на уметноста и настан кој, и денес, го дефинира нашето разбирање на модерната уметност.

 

 

Во 1937 година, од 18 јули до 30 ноември, во Минхен беа поставени две изложби: на изложба на големата германска уметност („Grosse Deutsche Kunstausstellung“) беа застапени уметниците кои Хитлер ги одобруваше, а на изложбата на „дегенерираната“ уметност (Entartete Kunst) оние кои тој ги презираше. Со овие две изложби одржани во галерии кои се наоѓаа една спроти друга, повлечена е борбената линија помеѓу традиционалното и модерното.

Првата уметност била реалистичка и пропагандно-идеалистичка, а втората била експериментална и вознемирувачка.

Нацистите сакале народот да ги види и двете изложби, но не и самиот да донесе заклучоци. Идејата била да се види како е обезвреднета германската уметност на изложбата на „изопачената“ уметност, а потоа, на поставката на големата германска уметност, да се види дека нацистите ја спасиле. Но, не било онака како што си замислил Хитлер.

Изложбата на големата германска уметност ја виделе половина милион луѓе, (повеќе од половината жители на предвоениот Минхен), но дури два милиони луѓе се собрале да ја видат изопачената уметност, која по Минхен, одела на турнеја низ Германија. Не може да се каже колку луѓе дошле да ја исмејуваат, а колкумина да ѝ се восхитуваат, но излегло дека „дегенерираната“ уметност, сепак била попопуларна.

Што била разликата помеѓу овие две изложби? Спротивно на долгогодишното верување, само мал број дела на големата германска уметност биле отворено фашистички. Нацизмот не создаде посебен, сопствен стил, ниту пак донесе нешто ново во уметничкото творештво.

Дело на Арно Брекер, уште еден миленик на Хитлер

Повеќето од сликите биле многу конвенционални претстави на конвенционални теми, инспирирани од романтичниот реализам: пасторални пејзажи, актови, луѓе што работат на поле, патриотизам, национал-социјалистичката борба, враќање кон едноставните семејни вредности и јасната поделба помеѓу машките и женските улоги: глорификација на женските активности како раѓањето и одгледувањето деца...

Строго одредените традиционални содржини ја форсирале силата, германскиот дух и ги величале вредностите на „крвта и земјата“, расната чистота, милитаризамот и послушноста. Оваа уметност била во стилот на романтичниот реализам, а почитувани уметници биле: Јозеф Торак, Арно Брекер, Вернер Пајнер, Адолф Висел, Конрад Хомел.

Хитлер се угледал на класичната грчка и римска уметност, бидејќи ги сметал за „незагадени од еврејско влијание“ и затоа совршени за изразување на идеалот на расата.

Од другата страна на оваа „уметничка паричка“, имаше една сосема поинаква ликовна приказна. Всушност, од почетокот на 20-от век се појавиле бројни стилови, предизвикани од бурните општествени промени (невработеност, демонстрации, политички убиства, сиромаштија). Новите трендови како кубизмот, дадаизмот и надреализмот (настанати под влијание на симболизмот, фовизмот и постимпресионизмот) не наишле на добар прием; обичните луѓе не ги прифатиле заради елитизамот, промовирањето на сомнителни морални вредности и затоа што оваа уметност, честопати, им била неразбирлива.

Но, Германија во тоа време била вистински центар на авангардата и лулка на уште еден правец - експресионизмот - и во сликарството и скулптурата, како и во музиката и филмот („Кабинетот на доктор Калигари“, „Метрополис“).

Главни теми на експресионистичките дела биле опсесијата со градот (фабрики, сиромашни населби, болници, касарни), бунтот против војната, свеста за распаѓањето и смртта, но, исто така, надежта дека ќе се појави новиот, изменет човек кој ќе го промени светот.

„Дегенерираната уметност“ го преиспитувала идиличниот поглед на свет на Хитлер, од храбрите колорити во движењето на групата Синиот јавач, до оголените портрети што ги работела групата Мост (сето тоа се „халуцинации на лудаци и криминалци“, напишал Хитлер во „Мојата борба“).

Слика на Адолф Висел, дел од подобните уметници според Хитлер

Освен делата на претставниците на Синиот јавач (Василиј Кандински, Аугуст Маке, Франц Марк, Алексеј фон Јавленски) и на групата Мост (Ернст Киршнер, Емил Нолде Макс Пехштајн), како изопачени биле окарактеризирани и сликите на Баухаус, Оскар Кокошка, Кати Ковиц, Ото Дикс, Георг Грос, Макс Бекман, Ел Лисицки, а меѓу „протераните“ биле и уметниците Марк Шагал, Пит Мондријан, Џејмс Енсор, Анри Матис, Анри Русо, Пол Гоген, Пабло Пикасо и ван Гог.

На изложбата на изопачената уметност покрај секоја слика стоел навредлив коментар, а делата биле поделени во секции според тема: перверзија, физичка болест, лудило, проституција, инвалидитет, јудаизам, кретенизам...

Оваа толку директна пресметка помеѓу двете спротивставени школи била фасцинантен концепт, но како пропаганда, му направила штета на организаторот.

Изложбата на големата германската уметност била организирана во раскошната палата „Куќа на германската уметност“, грандиозна, нова галерија, дизајнирана од омилениот архитект на Хитлер, Пол Трост, според замислата на самиот Фирер.

Георг Грос, сликар чијашто уметност Хитлер ја сметал за „дегенерирана“.

Изложбата на „изопачената“ уметност со околу 650 дела од 112 уметници била натрупана во Археолошкиот институт, помала, поедноставна зграда, што се наоѓала на другата страна на улицата. Но и покрај сè, било очигледно дека оваа изложба била подобра.

„Безличните уметници“ претставени на изложбата на големата германска уменост биле просечни во споредба со овие (од изложбата на „изопачената“ уметност). Дури и Хитлер бил разочаран од нивните банални дела.

Но, изложбата на „Големата германска уметност“ била поставувана секоја година сè до 1945. Изложбата на изопачената уметност никогаш повеќе не се повторила. Всушност, повеќето од овие дела како модерните слики од другите германски музеи биле уништени од нацистите. Само во првиот налет биле конфискувани и запалени над 5.000 дела, меѓу нив и 1052 слики од Емил Нолде, 639 од Ернест Лудвиг Киршнер, 508 од Макс Бекман...

Слика на Ото Дикс, еден од уметниците кои Хитлер не ги поднесувал.

Две години подоцна, на плоштадот во Берлин, на клада се фрлени и изгорени 16.000 дела од „изопачени“ германски и европски уметници: Матис, Гоген, Ван Гог, Мунк и други мајстори. Она што не го уништиле, нацистите го распродавале на аукции.

За време на Втората светска војна, Минхен бил жестоко бомбардиран и, на брзина, повторно изграден, но благодарејќи на некоја луда среќа, преживеале и двете галерии каде што се одржувале овие изложби. „Куќата на германската уметност“ (сега „Куќа на уметноста“) е модерна уметничка галерија, посветена на сите оние стилови што ги презирал Хитлер.

Поранешниот археолошки институт сега е Дом на здружението на уметниците на Минхен. Во времето на Хитлер, овој сликарски еснаф бил конзервативна институција. Денес тоа е бастион на авангардата. Поразен во 1937-та година, модернизмот сега го има последниот збор. „Изопачената уметност“ ја изгуби битката, но ја доби војната.

До 1945 година во Минхен останале само мал број модернистички слики, но тамошните музеи неуморно работат повеќе од 70 години, да го вратат богатството што Третиот рајх го расфрлил насекаде по светот.

Аугуст Маке, „дегенериран“ уметник според вкусот на фирерот Хитлер.

Денес, Минхен повторно е центар на модерната уметност: во историската куќа на Ленбах се чува завиден опус на германските експресионисти како Франц Марк и Франц Аугуст Маке; футуристичката Пинакотека на модерната уметност ги има клучните дела на многумина од „изопачените“ уметници од 1937 година.

Галеријата што ја заокружува оваа ренесанса е Куќата (на германската) уметност, првата јавна градба нарачана од фирерот, кога станал канцелар. Кога го поставувал камен-темелникот во 1933 година, тој галеријата ја нарекол „основа на новата и вистинска германска уметност“. За време на церемонијата, се скршил чеканот, што Хитлер го гледал како лош знак. И имал право. Неговото предвидување се остварило, но не онака како што тој си замислил.

Денес, оваа зграда е место каде што се собира современата уметност од целиот свет, вклучувајќи ги и (вистинските) германски уметници, како што се Јозеф Бојс и Герхард Рихтер. Несомнено, Хитлер и нив би ги презирал, со што, на некој начин, е задоволена космичката правда.


Извор: BBC

Слични содржини

Уметност / Око / Историја
Јавни простори / Свет / Уметност / Историја
Уметност / Око / Историја
Култура / Уметност / Историја
Култура / Уметност / Историја

ОкоБоли главаВицФото