Македонија и Русија – зграпчени, уловени, заробени држави

22.02.2017 10:18
Македонија и Русија – зграпчени, уловени, заробени држави

Не обрнав особено внимание на терминот „state capture“, кај нас преведен како „заробена држава“, со кој се дефинира македонскиот политички систем во последниот извештај на Европската комисија, сè додека не почнав да читам текстови посветени на Русија во кои политичкиот систем на оваа земја се дефинира со истите зборови како и македонскиот. Можеби англискиот збор „capture“ подеднакво добро се преведува со зборовите „да зграпчиш“ или „да уловиш“, па така превод би можел да биде „зграпчена држава“ или „уловена држава“. Но, и „заробена“ е во ред, зашто, зграпчуваш и ловиш за да заробиш. Како се лови и како се заробува држава? Во текстот пред мене, ловење на руската држава се дефинира како дејствие на некоја мала група или едноставно на клептократски политичари, кои ги вообликуваат правилата на игра за да им одат во корист, а тоа го прават преку недозволени и нетранспарентни услови за стекнување приватен ќар од јавна функција. Ловењето, зграпчувањето и заробувањето се случува насекаде, ширум целото општество.

Ако се употребува истата терминологија, „captured state“, за системот во Македонија и во Русија, нели тоа значи дека следејќи ја анализата на системот во Русија се гледаме себеси во огледало? Оценете сами.

Карен Давиша, во својата книга „Путиновата клептократија“ ја опишува Русија денес како „мафијашка држава“ управувана од „преклопувачка мрежа на здруженија и на политика која почива на кланови во чиј центар е Путин, со цел „зајакнување на Путиновата моќ врз власта, замолчување на критичарите и максимизирање на ...економската корист“. Оваа мрежа, пишува таа, е хиерархиски поставена и е широко распространета, ја сочинуваат политичари на сите нивоа (вклучувајќи ги и министрите на највисока позиција), луѓе од разузнувачката и безбедносната структура, бизнисмени, истакнати компании, претпријатија во државна сопственост, како и организирани елементи на криминалот. Според Давиша, државните институции, вклучувајќи ги тука Руското федерално безбедносно биро (ФСБ), се одговорни за одржување на овие мрежи кои толку се имаат испреплеткано што „човек не може да направи разлика помеѓу власта и организираните криминални групи“. „Корупцијата е основата на нагорната мобилност во Русија“ а наградата за пристап кон „недозволено богатство“ се добива во замена за лојалност со која мрежата се шири и се развива.

Во книгата „Правилата на игра на Кремљ“ од група истражувачи, посветена на руското влијание врз земјите на Централна и Источна Европа, пак, се дообјаснува „корозивното испреплетување на јавниот со приватниот интерес“. Способноста некој да биде награден со пари или со моќта и влијанието на монополот, е важен елемент на одржување на овој, би го нарекол со некогашната терминологија, систем на трансмисиони каишеви, бидејќи создава лојалност и овозможува да се заловат нови учесници во поделбата на недозволениот плен. Системот оперира врз ветувањето и заштитата во трајното богатење, а државата располага со изобилие на такви извори. Но, ова е интересно: до заробена држава доаѓате преку заробени поединци. Имено, „заробените поединци“ ја шират натаму антидемократската и коруптивната зараза врз други лица, зацврстувајќи го и проширувајќи го овој систем на концентрични кругови...

Македонија и Русија, како некој од некого да ја препишал играта. Во очекување на новата влада, размислувам: каква колосална задача е пред нас ако решиме да ги смениме правилата на игра.

Извор: Плусинфо
Слики: