Извршен првиот пробен лет со „велосипедот на иднината“

22.02.2017 13:38
Извршен првиот пробен лет со „велосипедот на иднината“

Компанијата Hoversurf го претстави првиот „ховер-велосипед“ под името Scorpio-3. Првиот пробен лет е направен во складиште на компанијата чие седиште се наоѓа во Сан Франциско. Овој вид велосипед го обединува стандардниот дизајн на моторциклот со технологијата која се користи во производството на дронови. На таков начин на возачот му се овозможува да маневрира во воздухот.

Scorpio-3 може да лета 27 минути и да носи тежина од 120 килограми. Брзината на леталото изнесува 48 километри на час и може да постигне височина од 10 метри. Цената на овој модел е 150 илјади долари. Scorpio-3 има вграден безбедносен механизам кој ја ограничува максималната брзина и висината на леталото за да се спречат можните несреќи.

Изумителите на ваквото летало сакале да осмислат превозно средство кое ќе можат да го користат и професионалци и аматери, што значи дека за негово управување не се потребни посебни вештини. Иако на прв поглед се чини дека „велосипедот на иднината“ можат да го возат само оние кои се занимаваат со екстремни спортови, научниците се надеваат дека Scorpio-3 во иднина може да ги замени автомобилите.

Извор: technology.inquirer.net

ОкоБоли главаВицФото