Критика на Платформата на Мирка Велиновска

23.02.2017 12:43
Критика на Платформата на Мирка Велиновска

Краток вовед

Платформата на Мирка Велиновска е напишана како реакција на актуелната отворено националистичка платформа на албанските етнички партии, а на која се кршат копјата на политичките партии претенденти за составување влада. Националистичката платформа на албанските етнички партии бара да се „усвои Резолуција во Собранието на Република Македонија со која се осудува геноцидот врз албанскиот народ во Македонија во периодот 1912-1956“.

Прво, во периодот од 1912 до 1945 Македонија немала своја влада и држава, регионот бил под окупација на властите на СХС, па соодветна резолуција треба да се бара од Србија, Хрватска и Словенија. Под СХС, и Македонците страдале од политика на денационализација и асимилација! Што се однесува до периодот од 1945 до 1956, интегративците, заедно со нивните владини коалициски партнери во власта, поддржуваа економски фашизам, водејќи тотална војна против работничката класа, принудувајќи ја од независноста до 2011 година да се иселат преку 400.000 македонски и албански граѓани на што старите мудри Римјани рекле: Уби бене иби патриа (Каде што ми е добро, таму ми е татковината).

Ако веќе треба да се донесуваат осудувачки резолуции против одредени геноциди, треба од ДУИ да ја симнат лицемерната маска и да ги признаат и злосторствата против човештвото направени од „луѓе“ меѓу партиските редови на ДУИ и истите кривично да одговараат пред лицето на правдата. Што мислите, зошто вашата владина коалиција со ДПМНЕ-вските караконџоли од 2011 до 2016 изгуби цели 23 пратеници? Поради економскиот фашистички геноцид којшто го фаворизиравте против сите етнички заедници и народи во Македонија! Оттука, ги повикувам моите сограѓани Албанци да се повикаат на својот партизански атавизам и да ве решат еднаш засекогаш, криминални битанги, на следните локални и можеби вонредни парламентарни избори!

 

Критика на Платформата на Мирка Велиновска


1. Мирка Велиновска предвидува Документ за македонските колективни национални барања додека владата на Груевски има уредно досие на црн биланс од легислативни гилотини вперени против колективните права на македонските работници, а во полза на олигархијата и ситната буржоазија. Во неразвиена земја како Македонија, каде просечната плата на работникот е најниска на континентот, ветото на грчката влада ѝ прави всушност услуга на македонската буржоазија. Зошто тогаш капиталисти би доаѓале преку нашата јужна граница и во овие градови од земјата би отворале текстилни фабрики? Очигледно е дека македонската и грчката национална буржоазија профитираат од оваа разлика во националните плати. И овие буржоазии се солидаризирани во својата класна борба против висината на надницата на работниците, па со преселувањето на свој капитал овде, грчката национална буржоазија врши притисок врз платите на своите тамошни работници.

Со актуелизирањето на националното прашање околу уставното име како и антиквизацијата (по дифолт контрирачка кон грчкиот национализам) македонската буржоазија која владее во назадна земја – од највисокиот државен врв па сè до последниот нејзин сикофант во корумпираните мас-медиуми – сака да се заштити од поразвиената и помоќна буржоазија од Европа. Македонската буржоазија сака национална слобода да ги експлоатира работниците во овие национални граници без да мора да се натпреварува во таквото нивно експлоатирање со европската буржоазија. Гледате дека општиот патриотизам во ништо не ви помогнал освен да ве окова подлабоко во калиштето на наемното ропство! Работниците немаат татковина! Помеѓу поединецот и човештвото не стои нацијата туку капиталот! Долу државата! Долу капиталот !

Што се однесува до барањето на Мирка Велиновска за офанзивна државна политика, националната буржоазија отсекогаш во војната и барањето за војна гледала средство кое би можело да ѝ помогне да ја држи нацијата зауздана и да ја спречи во барања за спроведување на социјални реформи. Со секоја војна (или прашање за војна или воопшто кое било прашање поврзано со апстрактниот ентитет држава) што националната држава ја прогласува на други или ја зема предвид, домашната буржоазија се надева на будење на општ патриотизам кај нацијата, а со тоа секојпат ѝ се пружа нова можност да ја зацврсти уште повеќе својата власт над нацијата, односно работниците.

Иако е факт дека одредени претставници на македонската буржоазија се групирани врз основа на заеднички интерес против други претставници на македонската буржоазија, сепак, нивната база на обединување останува националноста, односно македонската националност, наспроти интересите на работниците, макар и во случајот со професионалните војници, бидејќи и тие се во наемен однос со државата која е поставена наспроти нив како колективен капиталист или работодавач. Што всушност е националноста или националниот идентитет на домашната буржоазија, или што ја прави неа да биде македонска буржоазија? Иако на пазарот овие капиталисти се борат едни против друг, сепак како класа тие имаат свој заеднички интерес, кој е дијаметрално поставен спрема работниците во земјата, но преку промовираниот протекционизам (чии тарифи бараат огромни жртвувања од македонските потрошувачи, а со чии тарифи државата како колективен капитал се збогатува) заедничкиот интерес на домашната буржоазија е насочен и против буржоазиите на други нации надвор од Република Македонија. Ова е она што таа милува да го брани со помош на државниот апарат (војска, полиција, судство, УЈП итн.) и го нарекува националност. Колку побрзо работниците, заедно со професионалните војници, го сфатат овој заговор толку помали ќе бидат нивните жртви во излишни социјални судири, фабрикувани во политичката работилница на буржоазијата, државата.

2. Мирка Велиновска предвидува немање преговори со никого во однос на името на државата… додека самата нејзина „авангарда“ договара сложено име на државата што може да се чуе од снимениот разговор меѓу министерот за надворешни работи Антонио Милошоски и премиерот Никола Груевски. Македонското раководство на Груевски ПАТЕТИЧНО бара од сите оние кои нè признале да ја фатат Грција за уши и да ѝ кажат: „Не правете им така на Македонците!“. Во меѓународната „политика“ не се постапува така. Тоа што Грција не нè признава е проблем на Грција, а не на Македонија. Таа инсистира да го менуваме името! Значи, да им кажеме на сите кои нè признале дека погрешиле, да им плукнеме во образ и да им удриме уште шлаканица, затоа што така барала Грција. Грција, ако најде глупаци, може да бара што сака. Поради грчко вето не нè примаат во ЕУ! Тоа е процедурален проблем на функционирањето на ЕУ, а не на Македонија. Што помогна приемот на Бугарија во ЕУ? Ништо. Според тоа, ништо нема да ѝ помогне ни на Македонија. Македонското раководство треба да се сврти кон себе, а не кон „преговори“ со Грција, ЕУ, НАТО и не знам кој сè не уште кои не расчистиле ниту со основните процедурални проблеми. Една мала Грција да наметнува на ЕУ или ООН кого и под кое име ќе го прими! Дали некој размислува тука за каква „демократија“ се работи. Тука не се работи за демократија туку за простаклак каков не смее ни да се помисли, а не да се манифестира како политика на една светска или европска организација.

3. За Мирка Велиновска октроираниот устав од 2002 год. не важи, а љубовната владина врска меѓу терористите, тетовскиот рекетар Тачи и „патриотите“ кои таа ги поддржува јасно и гласно, трае веќе цела декада, макар што во последно време како резултат на притисокот од електоратот врз ДУИ, оваа врска од национал-романтична стана комплицирана.

4. Одржувањето попис нема ништо да смени во однос на суштинското егзистирање на македонскиот народ. Националноста на работникот ниту е Македонец, ниту Албанец, ниту Турчин, тоа е трудот, наемното ропство, себепродавањето. Владата на работникот не е македонска, ниту албанска, ниту октроирана, тоа е капиталот. Неговото родно место не е ниту македонско, ниту албанско, ниту турско, тоа е фабричкото место. Земјата која му припаѓа ниту е македонска, ниту албанска, ниту турска, таа лежи неколку стапки под земја. Ова е единствениот правилен став за природата на односот на работниците кон нацијата, и не само што експлицитно треба да биде таков нивниот став, тој е демонстриран со „предавството“ на професионалните војници што побарале помош од бугарската влада (читај: работодавач или колективен капиталист) да им овозможи ново работно место или она што секоја национална буржоазија милува да го нарекува „родно место“, макар што кога децата на буржоазијата имаат потреба да се лекуваат или да одат на одмор или да се едуцираат или да се реализираат работно, тогаш одеднаш „родното место“ станува транснационално. Но, кога работниците ја трансцендираат својата националност, тогаш тие се „продадени души“, „предавници“, „изроди“ и слични навреди. Кретен е секој кој мисли дека бранител на татковината е оној кој зема оружје во рака. Вистинските бранители на татковината се работниците. И тие секој ден ја бранат, создавајќи, а не убивајќи за интересите на државата и буржоазијата.

5. Мирка Велиновска бара грижа од државата за македонските малцинства во соседните земји, превидувајќи ги незгрижените 400.000 Македонци иселени од матичната земја. Ете, тоа ви е дефиниција за квази-патриот во сржта! Точно 447.000 граѓани од Македонија беа присилени од лажниот патриотизам на националната буржоазија заклучно со 2010 година да ја побараат татковината каде им е добро. Бидејќи државата не е ништо друго освен колективен капиталист, тогаш нема причина зошто и професионалните војници како надничари да не бидат вбројани во тие 447.000 емигранти. И секое нивно обвинување за предавство е највисока хипокризија на индоктринирани или платеници на државата. Оваа власт доколку навистина беше народна/популистичка, а не тоталитарна, доколку навистина го претставуваше заедничкиот интерес на работната нација, ќе спроведеше четири краткорочни конкретни мерки коишто би претходеле на укинувањето на наемното ропство одн. социјализмот: 1) одредување максимална цена за најпотребните производи; 2) воведување на прогресивен данок за приватните газди; 3) формирање на земјоделски задруги и национална управа за дистрибуција на земјоделските производи до населението и 4) донесување на строги закони против оние кои шпекулираат со животните намирници. Игнорирањето на овие четири мерки е јасна индикација дека државата како претставник на националната буржоазија воопшто не е национална за народот, освен за заедничкиот интерес на истата буржоазија за свое непречено акумулирање на капитал врз туѓ труд, капитал кој ќе го троши за свои раскошни каприци.

6. Ако се отворат постапки за истражување на злосторите против македонскиот народ, конкретно во однос на хашките случаи, тогаш љубовната владина врска меѓу долгогодишните партнери Ахмети и Груевски би се растурила, дури и Заев-Шеќеринска, чија партиска група во парламентот гласаше против амнестијата, би имале врзани раце да состават влада ако се дрзнат да не преговараат за живот во Македонија со убијците на македонски животи! Да биде трагикомедијава уште поголема, и Заев - претендент за премиер, и Груевски заедно со неговиот прв ешалон и потенцијалните обострани коалициски партнери (врвното раководство на ДУИ), сите тие се амнестирани криминалци.

7. Веќе одговорено во точките 1) и 4).

8. Владата на Груевски и сите други претходни влади имаат војска, полиција, судии, адвокати, кои се сите синови на народот и кои работат против својот народ. Да, во право е Маркс: „Најопасно владеење е она кое успева од народот да ги извлече неговите најдобри синови и да ги стави во своја служба“. Буржоазијата поучена од искуството на Првата и Втората светска војна не дозволува да дојде оружје во рацете на широките народни маси. Заради тоа и го укинаа системот на општонародната одбрана. „Раководството“ ако мисли на народот, без исклучок на која „политичка“ партија припаѓаат раководителите, мора на народот да му објасни дека демократија значи отсуство на платен старешински кадар и постојана војска по касарните, а одбранбената функција ја врши секој граѓанин затоа што сите работоспособни се вооружени и организирани, по фабрики и месни заедници, за да може да бидат ангажирани веднаш каде што ќе биде потребно. Не постои платена полиција, бидејќи работниците ги вршат сите полициски работи како општествена обврска, и не постои судство, бидејќи не постои приватна сопственост, која генерира секакви спорови и конфликти, поради што луѓето се спорат и убиваат. Ситните расправии може да ги среди секој другарски одбор.

„Државата постои само поради приватната сопственост“, вели Маркс. Со укинувањето на приватната сопственост а со тоа и стоковното производство, само не декларативно како што беше во квазисоцијализмот, туку и суштински, се укинува старата општествена поделба на труд: 1) нема професионални судии, полиција и војска кои ќе ја „штитат“ приватната сопственост; 2) се укинува трговијата со што се прават непотребни полицијата, војската и судството, кои се преместуваат во производството на производствена работа, со што уште повеќе се скратува работното време, се зголемува бројот на смените, се интензивира трудот, се „создаваат материјални услови кои ќе го оневозможат враќањето на буржоазијата“ (Маркс); 3) работниците ја организираат заштитната функција, со што се оневозможува постоење на „патентирани бранители“ (Маркс) – професионалци кои не знаат ништо друго освен вооружени до заби да апсат и голтат живи луѓе.

Ете како може да се укине државата, а општеството пак да остане. Ќе потсетиме на Марксовата метафора за тоа: „Оној кој го поистоветува укинувањето на државата со укинувањето на општеството личи на луд инжинер кој за да исчисти куп смет на патот наместо лопата користи 10 килограми експлозив“. Монголите укинаа бројни држави во нивните освојувања, но ниту едно општество. Соседите на Македонија и денес не ги признаваат Македонците и Македонија, но македонското општество постои, впрочем и затоа Платформата на Мирка Велиновска е излишна.

9. Груевски бараше 63 пратеници од лековерниот народ, но за среќа, се покажа недоверлив спрема него, со цел не да не биде уценуван од марсовски странски сили, туку за да може бескомпромисно да формира влада и да го укине СЈО со крајна цел да си го спаси задникот, неговиот и тој на братучед му Мијалков. Само една историска споредбена паралела! За време на владеењето на јакобинците самата јакобинска влада ги чистела од своите редови нечесните корумпирани парољубиви министри! Во јуни 1793 година, двајца министри по име Клавиер и Лебрун биле уапсени од кои последниот бил гилотиниран, а првиот за да се „спаси“ од гилотина се самоубил. Сигурно од срам. Но, груевистите немаат срам! Тоа се несовесни врколаци кои по цена на национален потоп се спремни да ги тераат своите приватни интереси над јавното службеништво! Единствен на кој му тече низ ногавици сега е Груевски. Тој најдобро си знае како му е. Јас не знам што толку Мирка Велиновска е грижник за душата на овој ѓавол, или ѝ подарил протекции и привилегии, па мора да изигрува дворска будала или од медиокритетство слепо и идеолошки е полтрон на оваа криминална багра. Груевизмот не е Груевски. Дури не е ни исклучиво ДПМНЕ. Moжеби ќе биде неопходно околу 50.000 вмровски медиокритети како Мирка Велиновска да бидат уапсени и затворени на подолго време додека не бидат рехабилитирани и не доживеат катарза на душата и разумот.

Груевски е обратно од сè она за што тој се изјаснува. Ни ја уништува љубовта кон татковината. Многу Македонци, слушам како изјавуваат: „Нека бидам и Бугарин или што било, само дај ми да заработам доволно“. Ова нè враќа во антички Рим, Ubi bene ibi patria (Каде ми е добро, тука ми е татковината.) Само глуп ВМРО-в‘к и некој што е расипан до злосторство може да тврди дека тоа не е точно. Зарем тоа не го потврдуваат повеќето стотина илјади Македонци кои мораа да ја напуштат својата татковина и да побараат кај „гнилите“ капиталисти леб, не мислејќи повеќе или не можејќи да се вратат. Тие таму ќе станат Германци, Французи, Јенки и сл., а од „силна Македонија“ нема ништо. Тоа е фраза, флоскула, празен збор за измамување на наивни. Животот го покажува тоа. Според тоа, Груевски не само што ни ја уништува љубовта кон татковината, туку тој ни ја уништува самата татковина, и очигледно е дека сака да воспостави ужасен деспотизам преку уништување на сите граѓански здруженија и иницијативи, така изолирајќи ги/обезвластувајќи ги граѓаните. Тој е безмозочен автомат кој голта живи луѓе!

10. Одговорено во точките 1) и 2). Всушност, би требало да има комплетна ревизија и преиспитување на досегашната владина политика кон македонските малцинства во соседните земји, како тоа во Кутмичевица кое беше злоупотребено за подмачкување на гласачката машинерија на ДПМНЕ, што можевме да слушнеме од снимениот разговор на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска.

11. Ако евроатлантската политика е безуспешна и треба да се напушти, тогаш, следствено на тоа, безуспешни се и инвестициите од евроатлантскиот свет кои наводно Груевски ги донел во Македонија. Тоа се истите капиталистички финансиери на таа омразена евроатланска политика со помош на кои Груевски се фали пред македонската јавност дека е афирмиран економски реформатор. Коски оставаат работниците во производството, шарлатану еден што чкрабаш буржоаски лајна фалејќи ги фатаморганските инвестиции на Груевски! Што се однесува до фамозните инвестиции на Груевски чии слободни зони останаа пасишта за добиток, во име на неговите толку фалени економски успеси се виктимизирани и се виктимизираат вишоците од вредност создавани од работниците, а капиталистичките јасли се градат од крвта и потта на работниците! Од реалноста видовме дека градењето на овие јасли за одгледување на нови капиталисти и гоење на старите капиталистички свињи симултано има тенденција и кон градење на канибалистички култ против работниците, а во чест на капиталот!

Заклучок

Повеќе е од очигледно дека незнаењето какво што го манифестира Мирка Велиновска, не само што преминало во офанзива, туку ги зазело сите раководни позиции. Но, ќе мора тоа да се запре. Единствено „оружје“ со кое тоа може да се стори е знаењето. Но, не секое знаење, туку само знаењето од Маркс-Енгелсовите дела. На тоа Маркс укажува уште во 1844 година со мислата: „Како што филозофијата во работничката класа наоѓа свое материјално оружје, така работничката класа во филозофијата наоѓа свое духовно оружје. Филозофијата не може да се оствари без укинување на работничката класа, а работничката класа не може да се укине без остварување на филозофијата“. Само зборот филозофија за денешни услови треба да се замени со марксизам, бидејќи филозофијата повеќе не е наука.

Слики: Свирачиња