Руски пратеник предлага хулиганските тепачки да станат спорт

07.03.2017 23:36
Руски пратеник предлага хулиганските тепачки да станат спорт

Една година пред Светското фудбалско првенство кое треба да се одржи во Русија, рускиот пратеник Игор Лебедев предложи необично решение за проблемот со хулиганството - борбите меѓу навивачите да се легализираат и да станат спорт.

За време на минатогодишното европско првенство во фудбал, организирани групи Руси се тепаа со Англичаните на улиците на Марсеј.

Таквите случувања го инспирирале Лебедев да осмисли спорт кој тој го нарекува „драка“, што на руски значи борба, во која ќе се среќаваат по дваесет борци на двете страни и ќе се натпреваруваат невооружени во боречка арена.

На сајтот на Либерално-демократскта партија на Русија, Лебедев напиша дека организираните тепачки би можеле да прераснат од навивачка агресија во мирен натпревар. Тој вели дека спортот може да им послужи како пример на англиските навивачи за кои рече дека се лоши борци...

„Да речеме, доаѓаат англиските навивачи и бараат борба. Ќе добијат одговор - предизвикот прифатен, состанок на стадион во договорено време“, вели Лебедев.

Некои од навивачките групи веќе одржуваат слични борби, кои се противзаконски.

Лебедев порано ги поддржуваше хулиганите, по нивните борби со англиските навивачи во Марсеј, кога го коментираше судирот велејќи: „Така е момци, само продолжете“.

Целта на Лебедев е земјата да биде апсолутно безбедна за сите туристи кои доаѓаат на Светското првенство во фудбал во Русија во 2018 година.

Извор: The Guardian

ОкоБоли главаВицФото