Мирко Илиќ: Мракот се шири со брзина на светлината

14.03.2017 03:01
Мирко Илиќ: Мракот се шири со брзина на светлината

Еден од најзначајните дизајнери, првпат во својата канцеларија во Њујорк прими новинарска екипа од поранешна Југославија. Окружен со мноштво книги и скапоцени слики од Ворхол, Мирко Илиќ емитува енергија што никого не остава рамнодушен.

На просторот на поранешна Југославија, Мирко Илиќ доби култен статус уште пред 30 години, кога си замина од земјата. Секогаш доволно храбар за да експериментира и доволно креативен за да се спротивстави на утврдените норми. Неговите дела се чуваат во најголемите уметнички збирки во светот, а Музејот на модерна уметност во Њујорк, МОМА, минатата година откупи 38 негови дела и ги вклучи во својата постојана збирка.

Денес, тој припаѓа на оној дел на емиграцијата на поранешна Југославија која има само едно државјанство – американско. Сепак, тој е еден од ретките кои сè уште ја посетуваат некогашната татковина. Досега никој го нема снимено во Њујорк, веќе долго време, негово природно опкружување. Неговата канцеларија се наоѓа на третиот кат на зградата што е во сопственост на Милтон Глејзер, авторот на заштитниот знак на Њујорк „I Love NY“.

Студиото на Илиќ е еден од наједноставно декорираните работни простори што сум ги видел. Ништо не е премногу, освен можеби преголмиот број слики од Енди Ворхол. Има две дури две дела од истата едиција и многу се скапи. Поточно, незабележливи и прескапи.

Изборите во Америка се завршени и Трамп стана 45-от претседател и затоа веднаш нè интересираше како Мирко Илиќ го гледа правецот во кој тргнала Америка.

Најголем проблем овде се сиромашните белци мажи. Тие останаа напуштени од сите, па и од демократите. Заради вроденото чувство на расизам, тие долго време се чувствуваа привилегирани и тогаш, само за неколку години, изгубија сè. Кога човек ќе погледне кој сè ќе биде во кабинетот на Трамп и кој сè има победено на последните избори за Конгресот, сите се бели и седокоси мажи, со исклучок на Трапм кој има жолта коса. За среќа, во Америка функционира демократски систем, па не сум многу загрижен. Постојат институции и тоа е добро, но и застрашувачки е колку сме се оддалечиле од некои стандарди и се плашам дека денешниот јаз меѓу населението ќе предизвика сериозни конфликти. И сега гледаме помали конфликти помеѓу различни групи и раси. Најлошо е што го имаме тој екстремен дел, бела машка популација што мисли дека има право да ги малтретира другите. Не ми е незамисливо Трамп со извесна итроштина да се дограби до повеќе власт и дека Америка ќе се лизне во некој вид мека диктатура, но ми се чини дека кругот на луѓе собран околу него е многу повеќе заинтересиран за политичка моќ, а нему му е важно само да му се „бацува рака“ и да зема пари кај што ќе стигне.

Никогаш порано не се случило изборите да ги добие кандидатот што има помалку гласови, и тоа драстично помалку. Верувате ли дека тој податок би можел да има какво било влијание врз идниот претседател и неговите одлуки?

Не. Мислам дека тој нема чувство за баланс, бидејќи е егоцентрик. Тој е параноичен и сигурен сум дека мисли дека и тие три милиони гласови му се украдени. Така, кога тој е во прашање, не може да се смета ниту на разум, ниту на рационалност.

Како гледате на растот на десниот екстремизам, насекаде низ светот?

Луѓето се очјани и уплашени. Се плашат од сè и сешто и сега мислат дека некој нивен или некој којшто е на нивно интелектуално ниво подобро ќе ги разбере, а со самото тоа и ќе ги заштити. Така, тие сега ги избираат своите ѕвезди. Ќе најдат белец кој успеал во животот и има сè што тие би сакале да имаат и веруваат дека тој некој ќе им помогне. Единствено што тие гревови не знаат е дека секој од тие богаташи на кои им се восхитуваат, се збогатил на нивна сметка. Демек тој нема да ги изневерува, тој е нивен. А некои од нас научија дека „твоите“ најмногу те лажат. И сега би било добро во Америка да се земат неколку илјади советници од Источна Европа, да им покажат на луѓето како да живеат со Трамп. Тоа овде не го знаат. Во Источна Европа, последниве седумдесетина години тоа постојано се вежбаше. Американските весници сепак не знаат да пишуваат меѓу редови, овде медиумите стартуваат со препоставката дека некој е добар, а во источна Европа, стартуваш со претпоставката дека политичар е некој што е расипан.

Во растечкиот национализам не заостануваат ниту земјите од поранешна Југославија.

„Мракот се шири со брзина на светлината“, мислам дека ова го има кажано Љубивое Ршумовиќ и целосно се согласувам со тоа. Кога светлото ќе згасне, се шири мракот. Тоа е ова што го имаме со Трамп и вие таму што имате работа со други мрачни сили. По Втората светска војна, поранешна Југославија беше на страната на победниците. Многумина што беа на страната на поразените многу се трудеа да бидат на страната на победниците, како што е случајот со Италија. Сега целиот простор на поранешна Југославија многу се труди да заврши на страната на поразените. И морално и физички. Зошто? Тоа ми е тешко да го објаснам. Затоа и јас одам во тој дел на светот, да им помогнам на некои млади луѓе. Таму немам никави договори за работа, сè што работам таму е волонтерски и всушност имам трошоци. Така, секаде каде што сум вклучен, од фестивалите на толеранција, преку геј паради, сè до различните предавања – тоа нема никава врска со бизнис, напротив, мојот сметководител тврди дека тоа е лоша идеја. Таму одам исклучиво затоа што мислам дека треба да се бориме за тие млади души. Мене не ме интересираат никакви тамошни влади, ниту естаблишментот, мене ме интересираат младите, а за жал, многу повеќе од нив чукаат на мојата врата денес, отколку пред пет години.

Дали стравувате од нови вооружени судири?

Да, се разбира. Но, повеќе ме загрижува манипулацијата што постоеше и во комунизмот, а тоа е дека непријателот е веќе на границата. И сега, ако непријателот е на граница, тогаш сè што се случува внатре во границите веќе не е важно, а тоа е прекрасен начин за пљачкосување на сопствените граѓани и за постојано на вртење на вниманието кон надвор. Таа пљачка е неверојатна, а луѓето ја поддржуваат и молчат – тоа ми е многу мачно. Каде се тие револуции? Каде се младите да излезат на улиците? Им го грабнаа минатото. Сега, всушност им ја грабаат и иднината и ништо не се случува. Вистина, донекаде сето тоа можам и да го разберам, бидејќи во Америка системот е базиран на економијата, додека кај вас, за жал, е базиран на кражба. Според тоа, вие не размислувате како некој сопственик на фирма, на пример, дали тоа што власта го прави е добро за фирмата, имам чувство дека таму тоа не е важно. Битно е дали имаш пријател на вистинско место, кој што може да ти заврши... Вистина, сето тоа постои и овде, само малку подобро е контролирано. Меѓутоа, таа страшна пљачка на луѓето, тоа е неверојатно, како и тоа незнаење дека сè што се краде е всушност нивно. Не знам што да кажам, за мене тоа е ужасно.

Како гледате на одговорноста токму на тие луѓе што се ограбени?

Знам дека политиката на владејачката партија кај вас е дневна појава и дека е толку вмешана во секојдневниот живот, што од неа зависи колку ќе чини картата за трамвај и колку ќе чини лебот. Премногу работи. Да не зборувам за некакви драстични работи што се прават таму. За мене тоа е неверојатно, но да бидам искрен, не би ги обвинувал само политичарите. Виновен е и народот што ги донел на тие места. Има еден цитат од Иво Андриќ што често го спомнувам: „Долготрајното робување и лошата власт можат толку да го збунат и унаказат сфаќањето на еден народ, што здравиот разум и расудувањето му слабеат и целосно се извитоперуваат заради тоа робување и лоша власт. Таков пореметен народ не може повеќе да разликува добро и зло, а ниту може да разликува што е корисно, а што очигледно штетно за него.“ И тоа е тоа. Тоа цело време го имам на ум и тотално не ми е јасно. Од каде сето тоа?

Дали пронајдовте некаков одговор?

Религија и национализам. Но, она што овие две работи може да ги загрози е интернетот. Тој ги урива и религијата и национализмот и разни други убедувања, затоа што постојано ги преиспитува. Затоа националистите и некои верници сакаат да подигнуваат ѕидови, а тогаш тие ѕидови, со тек на времето, произведуваат екстремизам. Дали сите тие големи заштитиници на религиозните убедувања и на национализмот го штитат тоа зашто веруваат и зашто тие вредности им се свети, или затоа што им е важно да ги сочуваат своите позиции. Се разбира и моќта што доаѓа со парите и влијанието.

Во своите анализи и предавања често го спомнувате „графичкиот говор на омраза“, кој е сеприсутен. Мислите ли дека на подрачјето на поранешна Југославија тој е сега поопасен отколку што беше пред неколку години?

Не треба да се лимитираме само на земјите на поранешна Југославија, тука се и Грција, Украина, Русија...Тој јазик постои секаде каде што постои конфликт. Она што е интересно е дека сите тие племенско-територијални водачи што се обидуваат да го зачуват својот идентитет и својата култура, насекаде користат знаци што се идентични. Така, украинските националисти и неофашисти користат идентични знаци како оние што ги користат руските националисти и неофашисти. Кога се напаѓаат меѓусебно, држат исти знамиња. Еден пријател ми вели: „Очигледно е дека има повеќе неофашисти отколку симболи, па повеќето од нив мора да користат ист симол.“ Загрижувачки е колку млади има во тоа. Дали знаете колку млади скинхедси има во Србија?

Колку?

Пронајдов податок дека ги има околу 16.000. За земја како што е Србија, тоа е една помала војска што може да се организира преку ноќ. Па тогаш тие тепаат, се закануваат и напаѓаат, како што сакаат. Вашите фудбалски стадиони им припаѓаат на градовите, односно на државата, тоа се државни места каде што константно од трибините се повикува на убивање на некого: убиј ги педерите, убиј го оној, убиј го овој... И кога имате таква економија, ваква безнадежност, многу е тешко да се опстане како добар, а многу е лесно да се слизнеш во негативното. Тоа се случува сега.

Честопати како клучен елемент за лошата состојба се прозиваат медиумите.

Помалку или повеќе секаде постојат добри и лоши медиуми. Наспроти сè, во Америка сè уште постојат „Њујорк тајмс“, „Волстриг џурнал“, „Вашингтон пост“, „Чикаго трибјун“, „Л.А. тајмс“ кои држат ниво. Кај вас сите некако се стопија. На сајтот на сите ваши најчитани медиуми имате политика, спорт, некаков шоу-бизнис, трачеви, некаква продажба и неверојатна некултура, а сите во Србија тврдат дека таму некогаш се јадело со златна вилушка и лажица и сите се гордеат со тоа свое наследство. Каде е тоа во српските медиуми? Го нема. Од друга страна, се случуваат работи како во времето на Милошевиќ. Колку што се сеќавам, Коркас на својата изложба мораше да дојде маскиран затоа што се плашеше од тепачите на Милошевиќ. За каква промена зборуваме? Вашиот премиер може да исфрли карикатурист од весник? Може. Кој е следниот? Чистачот? И тогаш некој зборува за независни медиуми, или како се вика тоа денес? Тоа е смешка. Петричиќ е неверојатен за Србија, беше неверојатен и во Америка и во Канада. Овде никој никогаш не го цензурирал, а во Србија го исфрлаат од редакција.

Ги изработивте омотите на плочте на некои од најголемите југословенски бендови. Омотите на албумите на „Прљаво казалиште“ и „Азра“ се изложени во Музејот на модерна уметност МОМА, овде во Њујорк. Неодамна направивте омот за албумот „Двојка“ на Дамир Имамовиќ.

Мене тоа повеќе ме интересира отколку некој кога ќе ми даде многу пари и ќе ми рече: „Ти треба да направиш ова-она“. Мене ништо не ми треба. Со Дамир сме пријатели со години и тој многу убаво работи. Еден ден ми напиша: „Дали би сакал да ми направиш омот за плоча“, а притоа имаше само еден главен предуслов, а јас сум одличен за тој предуслов, а тоа е: „Немам пари за дизајн“. Мене таквите работи секогаш ми се прашање на квалитет, а не на пари. Но, да не биде дека станува збор само за познати музичари, пред неколку месеци, ми се јави едно момче од Тузла. Панкери. Ми пратија писмо во кое пишуваше: „Чичко Мирко, ние сме панкери од Тузла и би сакале...“ Она што е многу убаво е што тие се бенд од Тузла кој нема издавач, имаат неколку песни, но мислат дека би им помогнало ако имаат омот со мој потпис, дека така побрзо ќе најдат издавач. Јас им одговорив: „Океј, ако сте вие панк бенд, не може да ме викате чичко Мирко. Тоа не функционира. Од друга страна, јас ќе ви направам омот, кажете ми повеќе детали“. Ми кажаа и јас им направив омот. Ако можам да им помогнам да се прават важни со мене и тоа да им донесе повеќе успех и луѓето да ги забележат, зошто да не? Тоа е најдобриот начин да ја користам тежината на своето име. Многу често за некого правам нешто, зашто сакам да придонесувам за добри работи.

Можеби најтешкиот омот го направивте за Бијело дугме и плочата „Доживјети стоту“. Се слушате ли со Горан Бреговиќ?

Не сме се слушнале извесно време. Последен пат се слушнавме на телефон, пред шест – седум месеци. Онака, повремено ќе се чуеме на телефон, па ќе се изнаприкажеме, тоа трае по два-три разговори во два-три дена, па потоа пак ќе се изгубиме.

Извор: Fenomeni