Три нагазни мини

14.03.2017 03:09
Три нагазни мини

Македонија е пред распад, Македонија ја губи својата унитарност, Македонија ја распродава аболицираниот криминалец Заев кому единствено му е важно да дојде на власт, Македонија станува својазична држава. Македонија се кантонизира, САД стојат зад Платформата на Еди Рама и сакаат да ја уништат Македонија, американскиот амбасадор е агент на ЦИА и главна цел му е да ја албанизира Македонија, на границата со Косово демнат 3000 вооружени луѓе во црни униформи, време е да ја одбраниме Македонија од домашните предавници и албанските сепаратисти, крајно време е за конечна пресметка со соросоидите и изродите на македонскиот народ... (сигурно пропуштам некоја државна опасност од галактички размери). Ова е само мал дел од арсеналот на ВМРО-ДПМНЕ, на неговите потчинети медиуми и сегмент од паролите, слоганите и извиците на протестантите кои деновиве ја бранат независноста, територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија. Ова е само еден ситен исечок од стратегијата за водење специјална психолошко-пропагандна војна против сопствениот народ и држава, во режија на Никола Груевски и неговиот штаб за перење мозоци. И, нормално, за да се претстави како кооперативен фактор кој навистина е загрижен за сопствената земја, за да се прикаже како државник кому не му е битна сопствената судбина, туку иднината на државата, истиот тој Груевски му нуди три сценарија (опции) на СДСМ, кои, според него, претставуваат „единствената можна и мирољубива“ разрешница на македонската криза. Кое од кое понебулозно, поглупаво и поопасно.

Првата понуда (солуција) на тацна на ВМРО-ДПМНЕ е СДСМ да ја отфрли т.н. „Тиранска платформа“ на албанските партии, а за возврат ќе добие поддршка да формира влада. И во самата конструкција „тиранска“ има една малициозна и перфидна игра на зборови со која главниот град на Албанија се поистоветува со поимот „тиранин“, со цел да се засилат емоциите и да се распалат страстите на поддржувачите и демонстрантите од Граѓанското здружение „За заедничка Македонија“. За возврат, партијата која сè уште формално е на власт, ѝ ветува на партијата која сè уште е во опозиција, дека ќе ја поддржи во составувањето малцинска влада. Преведено на прост јазик, ваквата порака би гласела: „Откачете ги албанските партии, а ние ќе ве гласаме во Собранието“. Не треба човек да се разбира во политика за да сфати дека овој предлог претставува инстант обид за федерализација на Македонија, бидејќи подразбира целосна изолација на албанските етнички партии од идната влада и официјална потврда на сегрегацијата на сите нивоа. Со ваквата понуда до СДСМ, Груевски им праќа директна порака на ДУИ, Беса, Алијансата на Албанците и ДПА да си прогласат сопствен парламент и извршна власт во Западна Македонија, што фактички ќе значи разнебитување и крвав распад на Македонија. Другиот елемент од овој предлог на ВМРО-ДПМНЕ, кој според степенот на ступидност заслужува да влезе во аналите на светската политика, е „поддршката“ на СДСМ да состави малцинска влада. Во превод, Влада која ќе зависи од гласовите на ВМРО-ДПМНЕ, која не ќе може да донесе ниедна одлука која не е по волја на ВМРО-ДПМНЕ (на пример, за мандатот на СЈО) и на која во секој момент ВМРО-ДПМНЕ ќе може да ѝ изгласа недоверба. Според мене, треба да се биде премногу наивен и недоквакан за да се прифати ваков предлог, исто колку што треба да се биде премногу очаен за да се понуди.

Втората опција која се промовира гласи – нови парламентарни избори. Исто како и претходната, и оваа варијанта се натпреварува самата со себе според сопствената ретардираност и апсурд, бидејќи нови избори може да распише само претседателот на Собранието. А претседател на Парламент избира мнозинството од пратениците, што според понудените потписи, во моментов го имаат СДСМ, ДУИ, Беса и Алијансата на Албанците. Според редот на нештата определени од Уставот (и од досегашната парламентарна пракса), Собранието може и треба да се состане по претходно добиен мандат за составување влада, а на таа прва конститутивна седница се избира претседател на парламентот, кој го поставува на дневен ред изборот на мандатар. Надвор од умот и смешно наивно е да се свика парламентарно мнозинство, кое би гласало за сопствено распуштање. Мнозинството подразбира влада, а не нови избори. Кога сме веќе кај изборите кои ги заговара ВМРО-ДПМНЕ, со нив е поврзано уште едно многу логично прашање – што би решиле тие? Освен опцијата ВМРО-ДПМНЕ да освои најмалку 61 пратеник, што е најмалку веројатно, сите други варијанти нè враќаат на сегашната состојба, според која, само СДСМ може да состави парламентарно мнозинство за формирање влада. И, повторно сме на почетокот.

Третата солуција која ја заговара претседателот на државата, Иванов, накусо би ја сублимирала во конструкцијата „подобност за мандат“. Настрана флагрантното кршење на членот 90 од Уставот на Македонија, за што актуелниот претседател на Македонија треба да понесе одговорност, се поставува прашањето – дали Иванов воопшто и под кои услови, ќе му го додели мандатот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Иако е обврзан на тоа (во цитираниот член стои поимот „должен“), Ѓорге Иванов сериозно навлезе во водите на субјективизмот, (иманентни на суверен, а не на демократски избран претседател), личните впечатоци, симпатии и партиска наклонетост, што само по себе претставува гола узурпација на една од најважните институции во земјата, Претседател на држава. Никој не е наивен да поверува дека доколку партиите на етничките Албанци би се откажале од т.н. „Тиранска платформа“, Иванов ќе му го додели мандатот на Заев. Никој не е толку плиток во умот за да не ја провали „финтата“ дека тој до бесконечност ќе му поставува нови услови на Заев и ќе бара нови гаранции со цел максимално да одолговлекува еден формален и во суштина церемонијален чин – давање мандат. Без оглед што со тоа ја продлабочува политичката криза во Македонија и, што е уште поважно, со своите изјави сериозно ги нарушува односите со соседите и со меѓународната заедница. Без оглед што Иванов во моментов ја претставува единствената формално функционална политичка институција, тој, всушност е целосно дисфунционален. Тој е заробена институција и од него не треба и не може да се очекува ништо, освен натамошно заострување на реториката и распламтување на ионака вжештените страсти.

Според мене, ова се трите нагазни мини кои актуелната гарнитура на власт ги подметнува како можни солуции за надминување на кризата. Тие се скарани со логиката, тие се во конфронтација со здравиот разум и се во сериозен расчекор со политичката прагма. Ниту Македонија ќе се федерализира, ниту ќе стане двојазична на целата територија, ниту ќе го менува Уставот во корист на сопствена штета, ниту ќе биде нешто што веќе не е. Едноставно, Македонија се бори против криминалот. Македонија се бори против злоупотребите на власта. Македонија се бори за правно и праведно општество. Македонија се бори против манипулации и клиентелизам и Македонија се бори против мафијашко ропство. Најголемата опасност за Македонија е криминалците да останат неказнети. Тоа не смее да се случи - по никоја цена.

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слики: Александар Дојранлиев

ОкоБоли главаВицФото