Ѓорге Иванов ќе го посети и Антарктикот

15.03.2017 10:04
Ѓорге Иванов ќе го посети и Антарктикот

Скопје, 15 март 2017

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов, освен Азербејџан, ќе го посети и Антарктикот, каде ќе биде пречекан од група пингвини. Како што известуваат од Кабинетот на претседателот на Република Македонија, Иванов ќе се сретне со најважните претставници на пингвинската заедница. Средбата ќе биде искористена за зацврстување на односите меѓу Македонија и Антарктикот, како и за продлабочување на економските односи меѓу овие две земји. Исто така, од извори блиски до Кабинетот, Пара вести дознаваат дека Иванов ќе лобира за признавање на Македонија под уставното име, нешто што Антарктикот сè уште го нема сторено и покрај одличните билатерални односи што траат повеќе од 2.500 години, од времето на источните и јужните освојувања на Александар Македонски.

Патувањето на Иванов на Антарктикот е во услови на политичка и институционална криза, откако тој одби да го даде мандатот на лидерот на СДСМ Зоран Заев кој му предаде 67 пратенички потписи како доказ за парламентарно мнозинство. Неговото отстуство од земјата е во услови кога нема ниту претседател на Собранието и има техничка Влада именувана за спроведување на предвремените парламентарни избори.

Повеќе медиуми објавија дека од Антарктикот, каде Иванов ќе отпатува со сопругата, тој ќе ја посети и Месечината, каде од 24 март до 4 април ќе има средби со дијаспората.

Слика: Били Даркарт