За „бурето барут“… и балканските будали со кибрити

16.03.2017 03:29
За „бурето барут“… и балканските будали со кибрити

Само будалата не се плаши кога куќата на комшијата до него ја зафаќа пожар, забележува една народна мудрост. А би било логично да се плаши, оти огнот не ја познава границата определена со имотниот лист или од катастарот. Но, будалите се скарани со логиката, и затоа, обично, завршуваат со изгорени куќи.

Доколку го погледнете Балканот во овој симболички контекст, нема да ви треба многу за да заклучите дека во ова мало соседство или маало, живеат многу будали. И тоа, во лесно запаливи куќи од слама, додека омилена активност им е шетањето низ соседството со многу запалки, кибрити и бензин со себе.

И така, речиси секој ден, ќе се јави некоја будала. Ќе се пофали со нова запалка, со некој нов запалив трик, ќе изблуе оган во комшилукот. Потоа, во такво соседство, во кое будалите се во значителен број, редовно започнува натпревар за тоа кому му е поголем „огнот“. Патриотски, се разбира. А пожарите, за кои сите се надеваат дека нема да ги зафатат токму нивните куќи, стануваат редовна појава.

Но, доколку сте забележале, големината, силината и интензитетот на овие огнови, се обратно пропорционални со интелектуалната или политичката „тежина“ на оној што си игра со нив. Или, попросто кажано, колку е помалку умен и вистински важен егземпларот, толку е поголема неговата глупавост и неговиот оган, со кој ја пали и труе јавноста.

Последен пример за тоа е пратеничката од албанскиот парламент, Месила Дода. Политичка маргиналка, дел од една мала националистичка партија во Албанија, во чии заложби стои и адресирање на прашањето на Чамерија и на други делови од Балканот кадешто живеат Албанци. Но, Дода е пратеник а богами и на власт, благодарение на коалицијата на нејзината партија со блокот на социјалистите на Еди Рама. Тоа, сакале ние или не, на нејзината изјава ѝ дава една сосема поинаква димензија.

Ако направите споредба, вакви политичарчиња и партиички, со слични „патриотски“ и националистички проблесоци и агенди за реализирање на големите сништа на малите балкански држави, имате кај секој балкански народ. Бугарите си го имаат Каракачанов, Грците си ја имаат „Златна зора“, во Македонија си ги имаме Шехтански, Бачев, Ангеловски, Тачи… Во Србија, Косово, Босна, Хрватска…, има еден куп такви политички структури и ликови, во секој од народите кои живеат во ова балканско соседство, кое не попусто го носи епитетот „буре барут“. Ликови, коишто од водачи на навивачки групи стануваат политичари, пратеници, војсководци, херои… Сетете се на Аркан, или не морате да одите толку далеку, погледнете ги Јохан и Артан.

Честопати, како во случајот во Албанија, овие „маргиналци“ стануваат дел од „големата приказна“, преку коалициите на „големите“. Но, токму тоа што ќе добијат привилегии, функции и власт без реална политичка тежина и капацитет, ги става во позиција да бидат вечни должници на „големите“. А долгот мора да се враќа, често преку вакви изјави, или дури и со преземање на конкретни „акции“, при што „малиот“ служи како гласник и егзекутор, односно, го кажува и прави она што „големиот газда“, од разни причини, не смее или не сака самиот да го каже или направи.

Но, тоа не е главната цел на постоењето и „употребувањето“ на будалите во балканските политички случувања. Главната цел е дефокусирањето. Имено, големите будали и нивните големи глупости се тука за да ги сокријат не помалите глупости, криминал и неспособноста на „големите играчи“ да го изведат овој темен вилает од 19-от век, и да ги наредат балканските народи онаму каде што заслужуваат да бидат, во 21 век, рамо до рамо со останатите прогресивни нации на Европа.

Чаре? Има и чаре, но патот до него е долг, мачен, подразбира макотрпна и интензивна работа, на повеќе полиња одеднаш. Почнувајќи од образованието, владеењето на правото, еднаквоста пред институциите, декриминализацијата и департизацијата на овие општества, решително справување со омразата и насилството, поттикнување и активно спроведување на меѓуетнички, меѓуверски и политички дијалог…

Но, доколку го погледнете целиот Балкан, ваквите зафати се мошне скромни, и претежно со поддршка на невладиниот сектор и на странците. Наспроти тоа, балканските држави нудат декларативна поддршка за заедништвото, а реално и секојдневно, далеку повеќе „инвестираат“ во своите будали.

Сè додека е така, немојте да се надевате дека пожарот нема да ја зафати и вашата куќа, туку бидете подготвени. За гаснење на пожарите, или, доколку тоа стане премногу невозможно, за бегање од будалите.

Извор: civilmedia.mk
Слики: Noah Scalin