Национално слепило

17.03.2017 02:58
Национално слепило

На Албанците, генерално, им префрламе за агресивност, изразен национализам, мавтање со симболи на друга држава, инсистирањето за државотворност, за тврдењето дека се автохтони, а ние Македонците и другите сме биле дојденци на оваа македонска територија. На ова уште се надоврзува и настојувањето албанскиот јазик да биде востоличен како втор официјален државен јазик.

На многу од овие работи, објективната наука им фрла пепел. Едно е што продуцираат главите на оние во чија мозочна маса национализмот и шовинизмот зовриваат до степен на испарување, а друго што е реалност. Сепак, за некои нивни вредности треба да им се симне капа.

Нам, иритирачки ни делува тоа што Албанците имаат празник на знамето. Го развејуваат, го опејуваат и е едно единствено за сите, без разлика на кој простор се наоѓаат. Ние имаме знамиња и за делник и за празник. А на нив се присетуваме само кога некој друг етнос своето ќе го искачи на триесетметарски јарбол.

На кој прозорец, врата или балкон од својата куќа сте виделе Македонец да го развее тој симбол, на кој дури и многумина не му ја знаат генезата, ниту обележјата, ниту бојата, а камоли да слават негов празник. Има и такви кои кога ќе видат дека е свилено, веднаш помислуваат колку рала гаќи може да се направи од тоа платно што ветер туку така го вее.

Албанците имаат „Празник на албанската азбука“ и Музеј во Битола исто така на албанската азбука. А може ли некој да покаже на кој ден се паѓа празникот на македонската азбука? Сеедно на која - на онаа од времето на Светите браќа Кирил и Методиј, на Свети Климента и Наума, или на онаа од нејзиното вкоренување и кодирање со указот на АСНОМ. Го ставил ли некој во својата глава како значаен податокот за нашата национална историја фктот дека во 1925 година е отпечатен „Абецедар“ за Македонците во Грција. Или знае ли некој дека Павле Раковски, борец од Граѓанската војна во егејскиот дел на Македонија, изнедрил азбука на која е напишан Маршот на Четвртата воденска бригада. Ние, драги мои, имаме овде многу со испроблематизиран национален код, кои дури и творецот на македонската азбука, редакторот на Речникот на македонскиот јазик, Блаже Конески, го нарекуваат „џуџе“. Со иста погрда го опсипуваат и култниот Коста Рацин, авторот на „Бели мугри“, првата поетска книга напишана на македонски јазик.

Нашиот државен грб, пак, е посебно срамна приказна. Народните избраници во законодавниот дом свечено го обезглавија. Го осквернавија. Му ја симнаа ѕвездата петокрака и сега разноразни бараби се мајтапат со него. На местотото од петокраката, симболот на партизаните, со кој тие ја извојуваа и втемелија оваа држава, поставуваат двоглави орли или лавови.

Многу од нас не ги научија ниту првите букви од азбуката на националната гордост. Од азбуката на достоинството. Азбуката за тоа како се негуваат и како се почитуваат националните традиции. Ниту успеаја да осознаат колку се свети заветите и аманетите на предците. Затоа, раската длабоко забодена во нашата зеница, не ја барајте во туѓото око, туку во нашето национално слепило!

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: Александар Ковачевски

ОкоБоли главаВицФото