Хуго Прат – желбата да се биде бескорисен

21.03.2017 10:52
Хуго Прат – желбата да се биде бескорисен

Деновиве во книжарниците во Србија се појави третото издание на „Сеќавања и размислувања“, книга разговори со генијалниот Хуго Прат, творецот на незаборавниот Корто Малтезе. Разговорот го води Доминик Птифо, во соработка со Бруно Ланграж, изданието е на „Службени гласник“, а преводот од француски на српски јазик е на Миодраг Марковиќ. Според издавачот, се работи за тотално интервју во слава на уметноста.

Книгата е илустрирана со акварелите „Запад“, настанати во Ирска, келтска земја која за Хуго Прат била симбол на Западот.

Замислете си книга во која главниот јунак има англиски, француски, еврејски, шпански и турски корени, илустрирана со одличен избор на фотографии, цртежи и акварели.

Доминик Птифо досега има напишано две книги за Прат, првата посветена на неговото дело „Од другата страна“ и втората книга посветена на животот на Прат, насловена „Желбата да се биде бескорисен“. Во неа Прат, сеќавајќи се на детството вели: „Знам тринаесет начини да го раскажам својот живот. Денес се определувам за седмиот, заради љубовта кон бројот седум, што е и број на мачката: таа има седум животи – за да стигне до седмиот, таа мора шест пати да умре. Некои тврдат дека мачките имаат девет животи, но верзијата според која имаат седум ми се чини подобра, затоа што седумката е кабалистички број; тоа е бројот на седумте врати и седумте клучеви, од кои последниот ги отвора вратите на земскиот рај. Па, ако на приказната за мојот живот треба да ѝ се пријде од езотеричен агол, тогаш ќе спомнам дека сум роден во знакот на Близнаци... Песоа тврдел дека имаме два живота: оној што го сметаме за вистински и оној од нашите соништа, кој би сакале да го живееме и кој е можеби пореален. И јас, како португалскиот поет Калдерон, мислам дека вистинскиот живот е сон... “

Оваа книга навистина личи на патување во сон, низ кое дознаваме за детството на Прат поминато во Венеција. Неговиот дедо бил цртач на воени објекти (неговите цртежи сè уште може да се најдат во енциклопедиите). Неговиот дедо, од мајчина страна, официјално бил педикир и тврдел дека лично ја дотерувал Исидора Данкан, славната босонога танчарка, но истовремено бил и важна политичка фигура на локално ниво: бил основач на венецискиот фашистички огранок „Серенисима“, кој важел за елитна формација. Талентот за цртање, Прат очигледно го наследил од дедото од таткова страна. Неговите први сеќавања се за снегот во Венеција. „Снегот во куќата создаваше чувство на блискост... Ние не бевме активни верници, но менората секогаш стоеше на почесно место во нашата куќа: мене секогаш ми делуваше таинствено и магично...“

Роден во Римини, исто како и Фелини, на тринаесет години во Етиопија станал војник на Мусолини... Се вратил во Италија пред крајот на Втората светска војна, во Венеција се дружел со војници со секакви можни униформи, како сојузнички, така и со непријателски. Често и самиот ги менувал униформите. Само што наполнил дваесет години, со брод тргнал за Буенос Аирес. Не мора да се живее, но мора да се плови.

Од тој момент животот ќе му поминува во цртање стрипови. Почнал со „Кец пик“, за да во седумдесеттите години на минатиот век, го нацрта легендарниот Корто Малтезе. Храната за својата уметност ја наоѓал по пијанките, лудувањето, забавите, патувањата и – во езотеријата. Обожавал да патува, а неговите јунаци секогаш биле генијални авантуристи. Рембо, Стивенсон, Џек Лондон... Пиејќи шампањско, весело тврдел дека сака само едно – да биде бескорисен и додавал: „Мојот живот започнал уште пред да се родам, а претпоставувам дека ќе продолжи и кога ќе ме нема...“ Знаел кабала и вуду ритуали, патувал внатре во себе... (Тие најлуди патувања во лавиринтите на сопствените длабочини се бескрајни. Несвесното е само еден од островите). Зборувал седум јазици, собрал библиотека што броела триесет илјади книги, ги сакал книгите како што ги сакал Еко. Личел на елегантен венециски господин. Но младиот бунтовник во него, тој љубопитниот, вознемирениот, талентираниот, постојано бил буден.

Сиот негов живот Венеција била неговата опсесија: „Тој град е преполн со знаци што можат да се толкуваат колку што сакате, некои од нив се викаат абраксас. Тоа се камења во кои се врежани магиски записи. Денес има делови од Венеција кои со заѕидани зад тие ѕидови, за тие врати и таму се наоѓа една загадочна и опасна Венеција достапна за оние што ја бараат...“

Тврдел дека живее во библиотека, а не во куќа и дека остварил еден од соништата на Борхес. Омилена книга му била „Одисеја“. Почнал да ја чита кога имал осум години и тоа била првата книга што ја купил од својот џепарлак. Хомер бил еден од главните јунаци на неговиот живот. Зарем е чудно што Корто Малтезе е толку очигледно еден од неговите далечни потомци, Одисеј, морнарот што оди од една во друга авантура... Шели рекол: „сите ние сме по малку Грци“, а Прат тука е уште подиректен и вели: „Сите ние сме потомци на Хомер...“

Извор: Blic

ОкоБоли главаВицФото