Доволно живеевме под чизмата на Груевски

21.03.2017 13:25
Доволно живеевме под чизмата на Груевски

Дали некој забележа дека ова е првпат Груевски официјално да го споменува коалицирањето на победник со победник во контекст на одбрана на унитарноста? Пред интервјуто, единствен проблем, наводно, беа барањата на албанските политички партии.

Досега, платформата беше заканата за унитарноста. Отсега, само тој е клучот за нејзината заштита.

Тоа е последниот чекор на целава оваа пропаганда - отворената уцена со судир помеѓу луѓе на улица, под превезот на одбраната на Македонија од измислената закана. Унитарноста може да ја одбрани само народот и тоа на чело со Груевски и никој друг. Макар и по цена да нема одговорност за криминалот, бидејќи, нели, за Македонија се работи.

Ние треба ова да го дозволиме, како куп уплашени заложници.

Македонија доволно живееше под чизмата на Груевски. Ни ја уништи слободата, ни ја украде иднината. Сега, официјално сака да нè заѕида во својата психоза.

Никола, тебе не ти треба народот за да ти ја одбрани државата. Ти треба за да ти ја спаси кожичката од затвор. Не сфаќаш дека го научивме твоето зло. Твоите црнила допираат до многу ограничен број луѓе.

Нема да влеземе во твојата игра на омраза и крв. Ќе те оставиме да го покажеш твоето чудовишно лице пред сите и ќе направиме да одговараш за сè што си сторил, за секоја капка омраза што ја всади во нашите души. Од тебе ќе биде направен пример за сите клептомански автократи ширум светот.

Можеш да бидеш сигурен во тоа, бидејќи ние сме трпеливи, но не и уплашени. Не повеќе. Бидејќи кога нема правда... го знаеш остатокот.

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: Свирачиња