Танго Камбалаче*

21.03.2017 14:41
Танго Камбалаче*

Дека светот бил и дека ќе биде
вистинска свињарија, тоа го знам.
Илјада петсто и шестата
како и две илјадитата.
Знам дека секогаш имало крадци,
лукавци и измамници,
задоволни и разочарани,
чесни и лажливи.
А тоа дека ХХ век е вистинско
легло на злоба и пакост,
нема некој што ќе изнегира.
Живееме во метеж на брлог,
сите закашкани во иста кал.

Денес ти доаѓа на исто
да бидеш лојален или предавник,
незнајко, учен или снаодлив,
чесен или крадец...
Сè е исто!
Нема подобро!
Исто е да бидеш магаре
или добар професор.
Нема назадување ни напредување,
глупаците нè изедначија.
Ако е човек оклеветан,
а друг краде
доаоѓа на исто бил поп,
тапетар, Крал на стапови1,
битанга или никаквец.
Какво ли непочитување
завладеало со светот!
Кој било може да биде господин,
кој било може да биде крадец...
Во ист кош одат Стависки2,
Дон Боско3 и Ла Мињон4,
Дон Чико5 и Наполеон,
Карнера6 и Св. Мартин...

Животот се измешал
како на импровизирана полица
на некој болвји пазар
и гледаш Библија7,
ранета со разнишана сабја,
како плаче над котел.
Дваесеттиот век,
проблематичен болвји пазар...
Кој не плаче тој и не цица,
Кој не краде тој е глупчо.
Ма, пушти тоа...!
Пушти тоа по ѓаволите...!
Кога тогаш ќе се сретнеме во Пеколот.
Не размислувај веќе; остани таму каде што си,
никого не го интересира дали си роден чесен...
Исто е: оној што влече
дење и ноќе како коњ,
оној што живее на туѓа сметка,
оној што убива, оној што бега
или оној што е надвор од законот...

 

Ова мошне популарно аргентинско танго (Tango Cambalache) настанало 1935 за филмскиот мјузикл „Душата на хармониката“ (El alma del bandoneón; режија: Mario Soffici). Enrique Santos Discepolo (1901-1951, Буенос Аирес), композитор, драматург и филмски работник, бил автор на музиката и на првата верзија на текстот (постојат бројни верзии, прилагодени на времето на настанување; оваа верзија е најпопуларна). Во песната е видлив постојаниот контраст меѓу доброто и злото, а злото доминира. Песната е снажна осуда на корупцијата и бесчестието кои се случувале во т.н. „срамно десетлетие“ на аргентинската историја, за време на воените диктатури меѓу 1930 и 1943.

*Cambalache, м. - размена (трампа) на користени предмети со мала вредност; болвји пазар.

_______________________________________________

[1] Најсилна тарот карта, претставува моќен и решителен владетел.
[2] Познат измамник со руско потекло.
[3] Свети Иван Боско (1815-1888), основач на салезијанскиот ред.
[4] Пренесено, проститутка.
[5] Шеф на аргентинската мафија во 30-ите години на ХХ век.
[6] Примо Карнера (1906-1967), познат италијански боксер.
[7] Во почетокот на ХХ век купатилата биле вистинска реткост. Се состоеле од, главно, клозет и котел со вода (ретко и лавабо). Некои држеле Библија обесена за жица над котелот и нејзините страници, поради мекоста на испечатената хартија, ги употребувале наместо тоалетна хартија која на многумина им била прескапа.

Превод и подготовка: П. В.

Слични содржини

Книжевност / Култура / Музика
Книжевност / Музика
Книжевност / Култура / Теорија / Музика
Книжевност / Музика / Историја

ОкоБоли главаВицФото