ЕУ - дефицит на демократија

21.03.2017 15:25
ЕУ - дефицит на демократија

По референдумската одлука за излегувањето на Британија од ЕУ и новото соочување на грчката влада со можното принудно напуштање на заедницата, проблемите со управувањето на ЕУ стануваат очигледни. Наместо тажно и неволно да се простат од Британија и да ѝ посакаат среќен пат, некои од лидерите на ЕУ се решени да ѝ ја наплатат највисоката можна цена. Во сличен тон, министрите за финансии на ЕУ на чело со германскиот министер Волфганг Шојбле упорно ја решаваат грчката криза на ист начин - со примена на мерки кои даваат лоши резултати со очекување на добар исход.

Сега веќе извесниот Брегзит и можниот Грегзит јасно укажуваат на проблемите со водството и управувањето на ЕУ. Унијата настана како доброволна заедница на земји чиишто влади сакаа да обезбедат мир и соработка во Европа со векови раскинувана од внатрешни судири. Делува неверојатно, но нејзините денешни лидери како да сакаат да ги казнат владите на земјите членки кои ќе се осмелат да ги доведат во прашање лошите практики на управување вградени во договорите на ЕУ и им се закануваат со одмазда на оние кои ќе посакаат да излезат од ЕУ.

Лидерите на ЕУ не извлекоа поуки од случајот на Британија и Грција. Британската влада не одлучи да ја напушти ЕУ - така одлучија 52% од граѓаните кои излегоа на референдумот. Конзерватината влада е само извршител, со сомнителни способности, кој се труди да ја спроведе оваа постапка. Исто така, дури и кога отплатата на грчкиот долг би била можна, него не би го враќала грчката влада, туку грчките даночни обврзници. Владата на чело со Сириза е само извршител на таа невозможна задача.

Занемарувањето на разликите помеѓу владите на членките и граѓаните кои тие влади ги претставуваат е показател за отсуство на имагинација во самите основи на управувањето со ЕУ. До ова стеснување на просторот за демократски процес дојде со преместување на надлежностите за развој и спроведување на политика од демократски избраните тела на Европската комисија.

Националните влади формално имаат право да одлучуваат за економските политики кои влијаат на животот на граѓаните, но условите поставени во усвоените договори ја намалуваат можноста за избор на политика на национално ниво, особено за членките на еврозоната. Тие ограничувања се косат со темелните вредности на Унијата и страдаат од технички недостатоци. Нивната доследна примена само ја поткопува вербата на граѓаните дека Европската комисија и Европскиот парламент постапуваат во нивен интерес.

Ограничувањата во водењето на економската политика вградена во договорите го нарушуваат најшироко прифатеното начело дека одлуките кои влијаат на благосостојбата на граѓаните треба да ги донесат нивните избрани претставници. Наместо тоа, договорите наметнуваат стеснет облик на „демократска одговорност“. Договорот за координација, стабилност и управување (TCSG) јасно ги кодифицира отстапките од демократската процедура.

Со тој договор е предвидена „постапка во случај на макроекономска нерамнотежа“, вклучувајќи и „корективни дејства кои можат да им се наметнат на земјите во рамки на процедурата во случај на прекумерна нерамножтена (EIP)“. Ова е несреќен избор на зборови (барем во англиската верзија на документот). Безличната конструкција го замаглува фактот дека во вистинскиот живот Европската комисија им ги „наметнува“ „корективните мерки“ на националните влади, а не на „земјите“.

Непрецизното користење на термините во овој договор е доказ за неразбирањето на демократските процедури. За да бидат работите уште полоши, Европската комисија го смести овој пропис кој е фундаментално важен за животот на европските граѓани на својата веб страница го смести во делот посветен на „бизнис и економија“, во одделот „Координација на економската и фискалната политика“. Ова е уште еден показател дека Европската комисија ја гледа економската политика како неполитичка тема.

Според овој договор, Европската комисија пред покренувањето „постакпа во случај на нерамнотежа“ во некоја земја не мора да бара одобрување од Европскиот парламент, а уште помалку од националните собранија на тие земји (Извештај на петте претседатели, страница 8). Единствена обврска на Европската комисија е да го известува Европскиот парламент за своите активности, кои пратениците начелно можат да ти отповикаат. „Повикувањето на одговорност“ за водењето политика на ниво на ЕУ сега е предвидено единствено во таа ограничена смисла. А придавката „демократски“ во овој случај е оправдана единствено со тоа што постои обврска за известување на членовите на демократски избраното тело.

Меѓутоа, постои значајна разлика помеѓу политиките кои ги развиваат и спроведуваат демократски израните законодавни тела и давањето право на извршните органи сами да формулираат политики и за тоа да „одговараат“ откако ќе ги донесат и спроведат одлуките. Во првиот случај постои можност демократскиот процес на креирање политики да се одвои од нивното спроведување. Во вториот случај, извршното тело го презема на себе дискреционото право на креирање и спроведување политики, а на законодавното тело му препушта да оценува дали постапката била соодветна или несоодветна дури откако сè е веќе завршено. Во пракса, негативната оценка на постапката на извршното тело се толкува како напад на Европската комисија, па негативните оцени во Европскиот парламент се многу ретки. Појасната поделба на должностите секако би ги намалила можните конфронтации помеѓу Европската комисија и Европскиот парламент.

Овластувањата на Европската комисија ги прават проблематични правилата за економска политика вградени во договорите на ЕУ. Тие договори се де факто уставот на Европската унија. Тие се законски обврзувачки за владите на членките, а националните законодавни тела не можат да ги менуваат. За разлика од многу, можеби и од повеќето устави, договорите на ЕУ ги принудуваат земјите членки да се придржуваат до одредени правила на економско однесување и спроведувањето на тие правила го препуштаат на извршната гранка на власта која не е демократски избрана. Со пропишувањето на целните вредности за фискалниот буџет и јавниот долг, фискалните правила изворно кодификувани во Договорот од Мастрихт се очигледен пример за несоодветно вложување во деталите во уставниот текст.

Вклучувањето на таквите детали во уставните документи не е мудро барем од три причини. Прво, правилата можат да бидат погрешно формулирани или да содржат технички грешки кои бараат измени поради логичка или внатрешна недоследност. (За техничките недостатоци на фискалните правила пишував во својата претходна статија.) Едноставната промена на текстот може да го реши проблемот, но за таа промена е потребна согласност од сите влади потписнички на договорот.

Второ, правилата можат да бидат добри за некои економски ситуации, но не и за некои други. Ако текстот на договорот не дозволува прилагодување на новите економски околности, договорите стануваат дисфункционални. Од друга страна, обидите за прецизно дефинирање кога правилата за ограничување на дефицитот ќе се применуваат ги прават договорите бескрајно комплицирани. Трето, пренесувањето на овластувањата за спроведување на детално дефинираните правила на институција која не е демократски избрана, како што е Европската комисија, дополнително го продлабочува проблемот, а пренесувањето на таа задача на Европската комисија го прави целиот процес нетранспарентен.

Низата договори усвоени во последните 60 години темелно го промени начинот на управување со Европската унија, со поместување кон системот кој на извршната гранка од власта ѝ дава сè поголеми овластувања. Како што покажува примерот на Франција, на демократското општество не мора да му пречи силна извршна власт, под еден услов: нејзините претставници да се демократски избрани. Со Европската комисија и системот „пет претседатели“ тоа не е случај.

Извор: Social Europe, 10.03.2017.

ОкоБоли главаВицФото