Медиумите уште поинтензивно шират хомофобичен говор, насилниците и натаму поминуваат неказнето

22.03.2017 12:25
Медиумите уште поинтензивно шират хомофобичен говор, насилниците и натаму поминуваат неказнето

Вчера беше промовиран годишниот извештај за состојбата со сексуалните и здравствените права на маргинализираните заедници во Македонија. Извештајот го промовираа Драгана Дрндаревска од Коалицијата Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници, уредничка на извештајот, Елизабета Божиновска од Х.Е.Р.А и Ирена Цветковиќ, извршна директорка на Коалицијата Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници.

Во текот на 2016 година, Коалицијата СЗПМЗ и партнерските организации продолжија да бележат поединечни повреди на правата на ЛГБТИ, сексуалните работници, корисниците на дроги и на луѓето што живеат со ХИВ. Повредите, повторно, најчесто доаѓаат од страна на полицијата и од здравствените работници, додека, пак, жртвите што ретко се мотивираат да преземат дејства за заштита на нивните права многу ретко ја добиваат. Во ваква ситуација, сторителите на насилства врз ЛГБТИ лица и сексуални работници не се санкционираат и дополнително се мотивирани да продолжат, со што директно се загрозува животот и здравјето на маргинализираните заедници.

Во однос на политиките за ХИВ, она што, за жал, ја обележа 2016 година беше кратењето на буџетот за ХИВ и тоа за 2017 година, кога беше најавено заминувањето на Глобалниот фонд од Македонија, како најголем донатор на програмата за ХИВ. И покрај обврските што ги презеде Владата за обезбедување финансиска одржливост на активностите од програмата за ХИВ (превенција и третман) по заминувањето на Глобалниот фонд, наместо зголемување на буџетот, тој беше скратен за 59% од неопходниот буџет за следната година согласно процената. Граѓанските организации што спроведуваат активности за превенција од ХИВ ги искористија сите механизми што им беа на располагање за да спречат донесување буџет за ХИВ што ќе значи прекинување на финансирањето на превенцијата од ХИВ и ограничени средства за третман, меѓутоа, сепак, Министерството за здравство и Владата на Република Македонија одлучија да не ги почитуваат обврските што ги презеле. Доколку не се промени ваквото неодговорно и арбитрарно однесување на институциите при донесување исклучително важни одлуки за животот и здравјето на граѓаните, тоа може да доведе до пораст на бројот на ХИВ-инфекции и, притоа, непостоење на соодветни сервиси за откривање на случаите, ниту, пак, соодветни средства за третман, порачуваат од Коалицијата СЗПМЗ.

Што се однесува до унапредувањето на правата на ЛГБТИ луѓето, како најголем напредок може да се смета донесувањето Национална стратегија за еднаквост и недискриминација 2016–2020 што ги содржи сексуалната ориентација и родовиот идентитет, за разлика од Законот за спречување и заштита од дискриминација, каде сè уште недостигаат овие основи на дискриминација.

На локално ниво, општините Куманово, Струмица и Штип усвоија одлуки за формирање локални координативни тела за заштита од дискриминација, вклучително и дискриминација кон припадниците на ЛГБТИ заедницата.

Остана непроменето неказнувањето на сторителите на хомофобично и трансфобично насилство (нападите врз ЛГБТИ-активисти, кафулето „Дамар“ и ЛГБТИ Центарот за поддршка). Во текот на 2016 година се зголеми медиумското оцрнување на ЛГБТИ-активисти и ширењето хомофобичен и трансфобичен говор на омраза, за што сè уште немаме ефикасни механизми за заштита.

Извор: www.queer.mk