Подмачкајте си ги срањеловките

22.03.2017 14:35
Подмачкајте си ги срањеловките

Во 1969, на една учителска конференција, американскиот писател, просветар и теоретичар Нил Постман имал излагање „Срањата и вештината на срањеловот“. Тоа е првата печатена употреба на зборот срање во службена академска програма и во академскиот дискурс. Последна не е, сигурно. Многу е важна неговата разработка на Хемингвејовиот концепт на ловење срања и нужни(к)от механизам за таков срањелов - срањеловката. Хемингвеј сметал дека секој треба да има внатрешна, издржлива и нескршлива срањеловка за да може да препознае и да улови срање кога ќе го прочита или кога ќе го слушне, а дека најмногу ти треба за да бидеш добар писател.

„Ако се овозможи двојазичност/повеќејазичност, ќе се загрози /ќе исчезне македонскиот јазик; нема место во нашево катче за да делиме со друг јазик“ се раскошни примери за чисто срање, со проштение за оксиморонот. Примери има многу, но овие се доволно сликовити.

Изминативе месеци ме доведоа до заклучок дека добар дел од нашите граѓани или немаат вакви срањеловки или ним очајно им треба поправка, зашто им се крајно зарибани. Вака, лаички, би рекол дека при толкава изложеност на тешки напливи и многутонски количества срања, некои послабо калени срањеловки попуштиле или се затнале. Можеби се и од срање производство, ракотворени од некои срање мајстори, па никогаш не им ни проработиле. Друга лаичка дијагноза е дека многумина од нив си ги хакнале, па ги вклучуваат и ги исклучуваат по потреба. Уште пострашно сценарио е ако срањеловката си ја преиначил и си ја претворил во срањестрел со кој го опстрелаш околниот свет.

За последново ги сомничам многуте писатели, глумци, музичари и други клукајдејци што деновиве високопарно и патетично се трткаат и си ги топорат пуфките по бините од кои ги заплиснуваат слушателите со невидени количества срања за да хушкаат.

Сите овие срања ќе треба да ги собираме сите ние, иматели и нематели на срањеловки, со лопати и со багери. Ако не, ќе се исподавиме во нив. Кај ќе ги ставиме? Немам врска.

И не им се извинувам на оние со нежни уши, а со отрпнати носови, на кои им пречи тоа што го употребувам зборов. Многу свесно му го кажувам тој збор и на син ми кога ќе откриеме срање во некој учебник. За да знае што е срање и да го препознае. За да може утре срањеловката да му работи беспрекорно. И вие да си ги подмачкате срањеловките. А архисероњите да одговараат за хушкачкото загадување.

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото