Наздравица за иднината

24.03.2017 13:08
Наздравица за иднината

Тројца се. Еден од нив е со тврди еполети. Кога ќе се насмее, во устата му изгрева сонце. Златниот заб е дел на неговата посебност. Другите двајца му се потчинети, со подофицерски чин се. Смирени се, без задолженија. Слават. Пред нив, на гола службена маса, лежи во голема тепсија печено прасе, со забуцана игла за плетење во вратот, на која е знаменце од хартија. Државен празник е, ден на некој настан од минатото. Со наздравица се споменува монархот и иднината. Песни. И без хармоника ги топлат срцата. Часовникот со метални бројки на ѕидот, наспроти големата литографија на гордиот монарх, ги брои секундите за себе. Тројцата во униформи му избегале на времето и живеат во некое време на одминати победи.

Растопениот рубин во чашите лесно се пие. Три голтки на секој залак, песна на секои три голтки. Околу полноќ зборови на доверба. Офицерот со златен заб споменува некакви и некогашни војувања и предвидува или посакува нова војна. Не заради друго, туку за да се види кој каков ќе е и кој заслужува пофалба, висок чин, позлатен медал, еден, два, зошто не и три. На нозе, приоѓа војнички исправен до литографијата на ѕидот. Салутира. Величество, извикува, Величество... Води ме во победи! Со тебе сум и со татковината! Вистински воин е, роден да се спомене во школските учебници. Со тежок чекор се враќа кон касата.

Умерени во пиењето, другите двајца се трудат да кажат и самите нешто значајно. Од нивните зборови не провева ништо со одредена и јасна смисла. Сеедно, постариот по чин и не ги забележува. Наслушувајќи музика на топовски татнежи во себе, го потпира челото на масата. Спие, со глава доближен до главата на прасето, до јаболкото во неговата отворена челуст. Сами и рамноправни, подофицерите ги поткреваат ракавиците на војничките блузи и го черечат прасето. И пијат. Без наздравици. Домаќински, со разум. Војна, џвакајќи вели едниот. Слушна, нели? Другиот, помладиот по години, потврдува со глава. Да, војна... можеби никогаш! Во касарната, под мајското небо, само тие двајца се будни. Секогаш будноста ги вардела од зло балканските татковини. Тоа го кажуваат многу книги по историја. Тоа го учат и ќе го учат многу поколенија. Така и ќе знаат дека нивниот народ, само тој праведен во војните, е најблизу до божјата наклонетост.

Извор: И петто годишно време, МАНУ, Скопје, 2001.
Слика: Blase

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото